„Гласен текстилец“ бара да не се работи за празниците, Ковачевски уверува дека дневниците ќе се исплатат согласно закон

Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ ја повика Владата да ја повлече оваа, како што вели, несреќна препорака, со која оцени дека им се дава ветер во грб на работодавачите да ги кршат работничките права

Премиерот, пак, уверува оти работниците кои ќе работат за време на претстојните празници ќе бидат платени согласно Законот

Врв на нелогичност и непочитување на работникот кој за време на најголемите празници треба да биде со семејството – вака претседателката на Здружението „Гласен текстилец“, Кристина Ампева, ја оцени владината препорака за работа на продавниците и киосците за време на претстојните празници.

Ампева ја повика Владата да ја повлече оваа, како што вели, несреќна препорака, со која оцени дека им се дава ветер во грб на работодавачите да ги кршат работничките права.

„Сведоци сме дека прекувремената работа, работата на празник и во ден на неделен одмор, не се плаќа од мнозинството приватни фирми. ‘Гласен текстилец’ даде особен ангажман да има забрана за работа во недела на огромен дел од дејностите, сепак, Владата сега им дава препорака на работодавачите да го кршат законот кој тие го донесоа, базиран на наши долгогодишни барања“вели Ампева.

Посочува дека со владината препорака се кршат работничките права, а реакции до здружението, како што вели, веќе пристигнале од работниците од овој сектор.

„Оваа влада, која е социјалдемократска, треба да тежнее кон просперитет и да биде блиска до работниците. Ова не ги одразува социјалдемократските вредности, напротив, како и многу пати досега, да го бранат суровиот капитализам пред работничките права и работничкото достоинство“,додава претседателката на „Гласен текстилец“.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, уверува оти работниците кои ќе работат за време на претстојните празници ќе бидат платени согласно Законот. Вели оти ваквата препорака дошла на барање на трговците.

Новогодишните и божиќните празници, вели Ковачевски, секогаш се добра можност да се направи повеќе промет.

„Работниците ќе бидат платени согласно законот за работа во неработни денови и работа во недела. Мислам дека во тој дел нема да има проблем бидејќи секој работодавец сака да има задоволни работници од кои на крајот на денот зависи и компанијата“рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето на спортската сала „Наум Наумовски-Борче“.

Владата на вчерашната седница донесе одлука со која се препорачува продавниците, киосците и штандовите во малопродажба да работат за време на претстојните новогодишни и божиќни празници. Целта на препораката, како што соопштија, е да им се излезе во пресрет на граѓаните за време на празниците.

Back to top button
Close