„Гласоечкото пеење Долни Полог” и орото „Копачка“ од Делчево, впишани како културни добра на УНЕСКО, ќе се претстават во Хрватска

Македонскиот КИЦ во Загреб во соработка со „Меѓународна смотра на фолклорот” – најголемиот хрватски фестивал за традиционална музика и танц, во рамки на официјалната програма од неговото 59. издание денеска со трибина и концерти ќе одбележи десет години од впишувањетo на „Гласоечкото пеење Долни Полог” на Ургентната листа на УНЕСКО.

Македонскиот КИЦ во Загреб соопшти дека целта на трибината „Нематеријална култура и идентитети: хрватски и македонски добра на листите на УНЕСКО” е промоција на македонското нематеријално културно наследството и продлабочување на хрватско-македонските релации во областа на афирмација на хрватските и македонските нематеријални добра запишани на листите на УНЕСКО. КИЦ ја реализира трибината и во соработка со македонската Управа за заштита на културното наследство.

На трибината ќе учествуваат хрватски и македонски експерти за заштита на културното наследство. Воведни излагања ќе имаат Мими Ѓоргоска-Илиевска, директорка на македонскиот КИЦ во Загреб, Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство, Мирела Хроватин од Институт за антропологија – Загреб, Ивона Опетческа-Татарчевска, национален координатор за Конвенцијата 2003 за нематеријално културно наследство на УНЕСКО, и Твртко Зебец, уметнички директор на „Меѓународната смотра на фолклорот“. Ќе настапат и „Трио Гавровски“ од Тетово кои се меѓу  малкутемина носители на  „Гласоечкото пеење“.

-Огромно е задоволството кога вложениот труд и енергија, преку културната дипломатија да се афирмира и промовира богатата вековна македонска култура, резултира со препознавање на македонските културни вредности и нивна презентација во рамките на високо реномирани хрватски манифестации кои се дел од хрватската културна сцена, истакнува Ѓоргоска-Илиевска, директорка на македонскиот КИЦ во Загреб.

Додава дека со реализацијата на овој проект хрватските љубители на изворната музика, бројната македонска дијаспора и неколку стотини учесници на овој реномиран фестивал од сите континенти,  ќе се запознаат со дел од македонското нематеријално културно наследство и македонската традиционална вокална и вокално-инструментална музика.

-А нашата цел е вмрежување и зајакнување на културната соработка меѓу Македонија и Хрватска на полето на заштитата на културното наследство, вели Ѓоргоска-Илиевска.

Покрај трибината, во знак на одбележување на јубилејот 10 години од впишувањето на „Гласоечкото пеење” во УНЕСКО, три генерации од семејството Гавровски, заедно со Дарко Коцев, мултиталентиран инструменталист кој живее и работи во Германија, ќе имаат ексклузивни настапи на двете главни фестивалски сцени во Загреб – на плоштадот „Бан Јелачиќ“ и на култната сцена во Горен град на Грич (Градец), каде што ќе бидат претставени, во интеракција, две нематеријални културни добра од листите на УНЕСКО: „Гласоечкото пеење“ и последното впишано добро – „Гајдата“.

Во рамките на фестивалската програма на 59. „Меѓународна смотра на фолклорот”, од Македонија ќе се претстави и фолклорната група „Копачката“ од делчевското село Драмче – уште едно македонско нематеријално добро впишано во УНЕСКО.

-„Меѓународната смотра на фолклор“ се одржува од 1966 година и во македонската јавност е позната како фестивал од највисок светски ранг за овој вид култура. Целта на овој фестивал, кој денес обединува и современи толкувања и презентации на фолклорот во форма на изложби, работилници, филмски презентации, промоции на книги, трибини и сл., е да афирмира традиционални културни вредности, не само на домашни, хрватски, туку и на странски учесници. Неговата мисија хрватското Министерството за култура и Градот Загреб ја препознаа во 2014 година, кога фестивалот е прогласен за фестивалски настан од највисоко национално значење. Тој е дел од глобалното движење за зачувување и заштита на традиционалното, особено нематеријалното културно наследство преку имплементација на Конвенцијата на УНЕСКО (2003), соопшти Македонскиот КИЦ во Загреб.

Back to top button
Close