Гласот на студентите не се слушна
Присуствував на денешниот собир организиран од студентите на платото на УКИМ. Платото беше полно. Реки млади видно истрауматизирани луѓе се слеваа кон универзитетот. Немаше место каде да се стои. Во траорната атмосфера во која сепак се чувствуваше сплотеност, одржавме седум минутен молк.
А потоа излезе да зборува Ректорката. На универзитетски собир тоа до некаде го разбирам, но не разбирам зошто први не се обратија студентите. За жал во говорот на Ректорката немаше збор за одговорноста и за системот што ги уби децата и уби еден цел град, туку беше полн сентиментални флоскули, во кое време му се слоши на млад човек во толпата. По траорната пауза во која се бараше доктор, Ректорката продолжи со празниот говор. Очекувавме дека потоа ќе излезат да зборуваат младите, но не, излезе Министерката за образование и застана пред Филозофскиот факултет, чии предмети етика и логика неодамна ги укина во средното образование.
И знаете што направи Министерката? По редицата нови празни флоскули, како да е на школска приредба, ни изрецитира песна од Ацо Шопов, онаа дека ако носиме нешто неизречено што нѐ притиска и пече, го закопуваме во длабока тишина и тишината треба сама да го рече. Сакаше да го поврзе со седумте минути молк, изгледа, но всушност, со неодговорното рецитирање на поезијата, на студентите им порача дека треба да молчат, дека треба болката и гневот да ги закопаат во тишина. Во меѓувреме уште на неколку луѓе им се слоши и повторно доктори се пробиваа низ гужвата.
Во толпата студентите почнаа да викаат У-А и да ѝ свиркаат на Министерката. Наеднаш се појави интервентна полиција и застана до неа. Министерката престана да зборува, а еден студент, веројатно од собранието (не видов кој) излезе и ни порача дека не сме тука за да правиме бунт, туку за да бидеме сплотени и да оддадеме почит кон жрвите.
Тоа беше единствениот глас на студент или млад човек што го слушнавме по оваа трагедија на овој настан.
Наместо да се извинат за ова што се случи, за системската неправда што со децении нѐ убива и кулминираше во Кочани во неделата наутро, оние што имаат власт во општеството – Министри, па и Ректори – го узурпираа гласот на младите за нивни цели.
Верувам дека сите сме сѐ уште во шок и не знаеме да се справиме со вакви злоупотреби. Но гласот на студентите, гласот на младите и гласот на сите што со децении сме жртви на коруптивната власт што само си ја префрла вината, а и моќта, мора да се слушне, и верувам дека ќе се слушне.
Румена Бужаровска