Главната уредничка била на боледување, кој дозволи „голема Албанија“ во етерот на МРТВ2
Директорот на МРТ, Марјан Цветковски доби задолжение да утврди кој е виновен што во етерот на МРТВ2 се емитуваше детски фестивал со настап, каде дете носеше маицата со мотиви на т.н. „голема Албанија“. Задолжението му е дадено од Програмскиот совет, кои утврдија прекршување на закон.

Контактиравме и со Цветковски кого го прашавме колку пати претходно овој настап бил емитуван на програмата, пред „Скопје1“ да го забележи и да алармира. Тој не даде одговор. Но истовремено, известен е за насоките од Советот.
„Програмскиот совет заклучи дека со емитувањето на содржината на МРТВ2, е констатирано прекршување на посебните забрани од член 48 од Закон за АВМУ. Програмскиот совет го задолжува директорот на МРТ согласно законските надлежности да преземе соодветни активности и мерки за утврдување на одговорноста во врска со констатираното прекршување“, стои во заклучокот на Програмскиот совет на МРТВ, дознава „Скопје1“.
Цветковски пак, не открива кои се неговите наредни чекори, а на сите наши прашања само кусо одговори: „Постапката е во тек, штом заврши, ќе бидете известени“.
Според неофицијални извори со кои разговарал „Фокус“ најверојатно ќе биде разрешена од функцијата одговорната уредничка на МТВ2 Мерита Гаши, иако таа била на боледување во моментот кога содржината е емитувана. Сепак, не е познато дали таа ја правела програмската шема и дали истата ја одобрила.
– Постапката треба да покаже кај кого е одговорноста и тој да ги сноси последиците, но истовремено укажавме и дека е потребно да се зајакнат механизмите за надзор на сѐ што се емитува преку етерот на МРТ за во иднина да не се случуваат вакви и какви било прекршувања – изјави за „Фокус“ претседателот на Програмскиот совет Давор Пашоски.
И АВМУ ја оспори емитуваната содржина. Тие дополнително констатираа дека покрај спорниот преден дел на маицата, позади на истата пишувало „Еден јазик, еден народ, една крв“, додека текстот на песната содржел и поттикнувал територијално обединување на земји и градови во регионот.






