Глупи август
Изолираноста инспирира на размислувања дури и за банални теми. Едната е од каде потекнува синтагмата “Глупи Август” за убавиот осми месец во годината.
Ниту Галиус Јулиус Цезар Аугустус, а посебно не Светиот Аугустин, име изведено од Аугустус, биле глупи, посебно што латинскиот превод на нивните имиња значи “величествен” . Првиот римски цар Г.Ј.Ц. (63.п.н.е – 14. н.е.) на кого римскиот Сенат му го надена дополнителното, благородното име, како и секој римски цар бил нарцисоиден, па по завршувањето на реформите на календарот започнат од славниот му вујко, Гај Јулиус Цезар (100 п.н.е – 44.п.н.е), го преименувал осмиот месец во август. Синтагмата “глупи Август” за дворските шутови, а потоа и за секогаш депресивните циркуски кловнови, можеби се лансирани од суетните Англичани или поранешните Гали, чии територии во време на владеењето на вујкото и внукот биле под римското царство. Интересно е дека и Германците ја употребуваат синтагмата “Der dumme August” можеби од исти причини или пак инспирирани од веселите гости на минхенскиот “Oktoberbierfest”. Било како било синтагмата “глупи Август” не може да се поврзува со римските благородници, а посебно не со бискупот од Хипо,еден од највлијателните мислители на западната интелектуална традиција.
Но се разбира дека пријатниот месец август не е имун и од глупости. Несоодветно го прославивме најголемиот македонски национален празник. Покажавме традиционална недисциплина во справувањето со пандемијата. После изборите си дозволивме непотребно олабавување во процесот за побрзо формирање на влада, посебно што можеше да се предвиди дека номиналниот победник ќе преферира да продолжи со партија со која три години е во коалција, макар што нивниот лидер предизборно ги тераше во заслужена опозиција. Интегративците побараа Албанец премиер, поради рушење на предрасудите. Потоа се актуелизира формулата 3+1 (пак Питагора) за на крај да се сложат за најнова формула “100”, сто дена премиер Албанец, после истекот на четворогодишниот (кој тоа може да го гарантира) период на владеење на лидерот на СДСМ. Економијата е на колена. Во овошниот месец наместо да собираме плодови кои би ги презентирале на ткн. меѓународна заедница, ние собираме и броиме пратенци како би се создала влада и произведуваме нови афери.
Новата влада нема по ништо да се разликува од претходната . Евентуално намалување на неколку министерства не носи реформа во администрацијата. Изоставување на министри без ресор не значи ништо.Тие и така не работеа ништо. За нашата држава доволни се десет министерства. Но, тоа е мало за гладните партиски усти. Што повеќе министерства, тоа поголема шанса да се наградат творците на победата на изборите. Тоа важи и за дипломатијата и нејзиното непотребно ширење наместо концетрација на квалитет, посебно после приемот во НАТО и на прагот на започнување на маратонските преговори со ЕУ.
Простете, трпеливи читатели за големиот вовед за она што следи. Основна тема се глупостите што нашата дипломатија ги прави во период на пандамија, период кој можеше да се искористи за долго очекуваната трансформација.
Една од грешките на поранешната југо дипломатија беше што, едно време, сметавме дека сме центарот на светската дипломатија, поради лидерството во Движењето за неврзаните. Лидерството не го искористивме. Виена, наместо Белград стана центар на меѓународните организации, посебно УНИДО, организација најтесно поврзана со нашиот тогашен политички ангажман.
Нашиот не веќе млад, а сепак недоволно искусен МНР, прави иста грешка. Се замислува дека е креатор на едно ново лидерство на брдовиотиот Балкан (Д.Максимовиќ) со потпишување на Преспанскиот Договор и Договорот со Бугарија со кои верува дека се решени сите наши надворешнополитички проблеми. Приемот во НАТО пак го смета како круцијален доказ за успехот на неговите залагања. Тој верува дека е директен архитект на создавање на новата клима во решавање на отворените прашања меѓу соседите, за која долго време се залагаат САД и ЕУ, секоја од свои геостратешки интереси. Понесен со таков ореол на слава, го заборави патот како дошол во позиција, не да креира, туку да потпишува значајни меѓународни договори. И наместо во период на пандемија, кога објективно не може да шета по светот, можеше да се ориентира на домашните работи во разнишаното со афери МНР. Наместо тоа, тој стана носител на листа на партија која го номинира за МНР. Својот дипломатски потенцијал го вложи за добивање на избори, како би можел единствено да ги помириса пратеничките столици,а потоа да продолжи со својата работа. Поради тој партиски ангажман, а и поради настојчивиот ковид 19, пратеникот МНР изгуби речиси половина година.
А што можеше да направи? Да почнам од организационите работи. Систематизацијата во МНР требаше да ја прилагоди кон новите позиционирања на највлијателните меѓународни фактори, а и ситуацијата во регионот. Можеше, а во тоа здушно би му помогнале активистите од влијателниот Дипломатскиот клуб и ткн. Амабасадорски совет, да направи соодветна мрежа на ДКП, со цел постоечката да се рационализира. За нас е посебно значајно кои ни се амбасадорите во Вашингтон, Москва, Пекинг, Париз, Лондон, Берлин, да и во Белград. Требаше да подготви, во соработка на Кабинетот на претседателот на државата, сериозна листа на идни амбасадори, посебно во дипломатските центри, кои со години се непополнети. Наместо тоа, умислениот ни МНР испраќа проверено неспособни кадрови како вршители на работите, меѓу кои и една поранешна пеачка. Можеше да го сопре незадоволството на вработените во МНР што кулминира со паралерен синдикат. Можеше, да ја смири еуфоријата во неговиот кабинет. Можеше конечно да иницира потесна институцијална соработка на МНР со соодветни инситути,што е практика на сите министерства за надворешни работи, се разбира и на највлијателните држави. Можеше да склучи Договор (за тоа го бидува) со Дипломатска Академија во Виена, за редовно студирање на кадровите кои после би се вработувале во МНР. Наместо, тоа одбра да се вклучи во предизборниот караван и да зборува за владеење на правото, како негов иден приоритет во новиот мандат. Од суштинските работи, имаше доволно време да добие информации, од нашите добро инфомирани дипломати надвор, за најновите поместувања на геополитичката карта, вклучувајќи ги и конфликтите околу потеклото на вирусут. Врз база на тоа Колегијумот во МНР требаше да презентира на владата а и на претседателот на државата акционен план, со јасно обележени правци на нашето ангажирање, имајќи предвид дека сме членка на НАТО и иден преговарач со ЕУ. Требаше посебно вмимание дипломатскиот естаблишмент во МНР, да посвети и да ја проанализира ситуацијата со соседите. Конечно, можеше да му текне дека долго време немаме амбасадор во Мисијата во Њујорк, всушност дека на мултилатерален план сме кадровски голи, и дипломатски неискординирани. Август , можеше да се искористи за целосна подготовка за старт на новата дипломатска година, после Ферагусто во Италија. Со тоа би престанало претараното славење на Преспа и Софија и свртување кон реалните проблеми што ги има македонската дипломатија. Ова сеуште техничкиот МНР можеше и мораше да го направи поради институцијата МНР и македонската дипломатија. Вчерашната поделба на пленот на старите коалициони партнери и начелна поделба на ресорите, предвидува ресорот за надворешни работи да припадне на Интегративците, можност која веќе ја најавив во моите последни колумни, нагласувајќи дека има најмалку два-три сериозни кандидати, Албанци. Да ги направеше наведените мерки ќе му ја олеснеше работата на наследникот, за тој не заглиби во живиот песок на македонската дипломатија. Смислено или?
Ѓорѓи Мисајловски