Гнев во Белгија поради журка на студенти од елитниот Европски колеџ од Бриж

Студентите од реномираниот Европски Колеџ во Бриж организирале масовна журка на која се прекршени препораките за борба против коронавирусот, јави дописничката на МИА од Брисел.

Политичките партии и медицинските лице минатиот викенд силно ја критикуваа недозволената журка организирана на плоштад во Брисел, но овој пат гневот е дотолку поголем кај населението што станува збор за идните “елити“ на ЕУ институциите.

Европскиот Колеџ во Бриж важи за една од најексклузивните образовни установи, чии дипломци најчесто се вработуваат на високи позиции во ЕУ институциите или во националните влади.

-Идните европски елити не ги почитуваат мерките повеќе од оние кои славеа на Флаже и во Андерлехт, за време на прославата се прекршени сите мерки против корона, а полицајците беа предмет на екстремни навреди, стои во соопштението на локалната полиција во Бриж.

Повеќе стотици студенти се собрале на кампусот, а ситуацијата излегла од контрола, по што била повикана полицијата.

-Загрижувачки е што дипломирани од Европскиот Колеџ кои еден ден ќе бидат на врвот на политиката, администрацијата и дипломатијата во Европа се однесуваат на ваков неприфатлив и арогантен начин, изјави Дирк Ван Нифел од полицијата во Бриж и додаде дека “младите Европејци во Бриж треба да бидат збогатување за градот, но тоа сѐ помалку и помалку е случај“, пренесува дневниот весник Ле Соар.

Back to top button
Close