Гневните нации на Македонија и Унгарија 35 години по падот на Берлинскиот ѕид

Уште еднаш од азбуката на меѓународната политика: во анархичната структура на меѓународното општество на држави нема светска влада на која една држава во неволја би можела да се обрати. Најблиску до таа непостоечка централна власт е големата сила. Тука почнува приказната на малите држави на Источна Европа.

Кога, во 1989, падна берлинскиот зид, земјите кои беа дел од Варшавскиот пакт јурнаа да се засолнат под безбедносниот чадор на Америка. На една дебата на универзитет во Вирџинија, застанат во ред со амбасадорите на Чешка, Словачка и Полска, унгарскиот амбасадор го чекаше моментот да го добие микрофонот и да бара или подобро да моли да се отворат вратите на НАТО за неговата земја. Учесниците во дебатата, истакнати претставници на американските политички, воени и дипломатски структури, седнати на бината, дебатираа за тоа каква безбедносна структура и треба на Европа по завршувањето на Студената војна. Доминираше тезата за проширување на НАТО иако имаше и мислења во прилог на нова европска бездедносна структура која би ја опфатила и Русија. На крајот, како што покажаа настаните во меѓународната политика, под притисок на државите на Источна Европа и на американскиот воено-политички естаблишмент, победи тезата за проширување. Денес е вообичаено да се каже дека Западот се проширил на Исток иако подеднакво вистинито е да се каже и дека Истокот јурна на Запад.

Се сеќавам, толкаво беше нетрпението Унгарија да влезе под безбедносниот чадор на Америка што егзалтираниот унгарски амбасадор, во една прилика радосно ми рече: Можеби ние не влеговме во НАТО но НАТО влезе во Унгарија: стационира НАТО трупи како одговор на етничките војни во Југославија. Луѓе како Хенри Кисинџер, беа против политиката на проширување на алијансата, замислувајќи ја и натаму како сјаен штит на Западот составен од индустриските демократии. Ова што администрацијата на Бил Клинтон го создава, ќе рече Кисинџер тогаш, не е веќе НАТО туку нешто што личи на ОН. И Македонија, како и Унгарија, во потрага по безбедност, се приклучи на овој марш на Запад и стана членка на Партнерството за мир а конечно и полноправна членка на НАТО. Да, алијансата ја изгуби својата некогашна физиономија, но таа политика на ширење на Исток проектираше стабилност во Источна Европа. Како ќе изгледаше Балканот и Источна Европа без таа американска моќ? Не можеме да знаеме за она што не се случило. Но она што знаеме е дека ,на Балканот, НАТО ја реши безбедносната дилема во оваа група мали скарани држави, за тоа што им подготвува соседот. Америка не построи сите зад вредностите на демократијата и, се разбира, нејзините интереси како голема сила визави ривалските големи сили. Орбан, современиот критичар на политиката на Западот формулирана во Вашингтон, како и сите претставници на Унгарија тогаш, стоел во многу редови на многу конференции за да го добие микрофонот и за да побара засолниште под американскиот безбедносен чадор. Зошто? Зашто тоа е егзистенционален интерес на секоја мала држава какви што се Унгарија и РС Македонија. Благодарејќи на безбедноста од НАТО и на солидарноста и парите од ЕУ, Унгарија е она што е денес, ми вели еден австриско-унгарски новинар пред години, засрамен од опструкциите на Орбан во двата сојузи.Истата приказна важи и за Македонија.Таа приказна треба да се каже и денес кога стана евидентно дека идејата за проширување на НАТО со Украина беше грешка која скапо го чини светот но пред се украинскиот народ. Грешка која не го поништува позитивниот ефект на оваа политика врз малите држави како Македонија и Унгарија последниве три децении.

Приказната на големите сили е поинаква. Кога се распадна СССР, Америка стана единствената голема сила во светот. Тоа е таканаречениот „униполарен момент“ во светската политика кој траеше околу триесет години. Русија беше во тотален економски и политички хаос и стана сила од трет ранг. Нашите војници не се на воени маневри туку садат компири за да се прехранат, ми вели Сергеј Лавров, претставникот на Русија во ОН во првата половина на деведесеттите. Кина не беше она што е денес и не и беше конкурет на Америка. Америка, неограничена од друга голема сила можеше да почне да го обликува светот по свој лик. Американската моќ можеше да се проектира непречено во било кое ќоше на планетата Земја. Доблесната идеја за демократска трансформација на светот се спроведуваше со финансиска и безбедносна поддршка на држави кои сакаа да станат дел од зоната на либералните демократии, но и со смена на режими преку „шарени револуции“ или војни. Примерите со Ирак и Авганистан и интервенцијата на НАТО во Косово се највпечатливи примери.

Но, завземањето на Крим од страна на Русија во 2014 и инвазијата врз Украина во 2022 го означи и крајот на униполарниот момент. Се исправи на нозе ривалската голема сила и се закани со нуклеарна војна ако не биде слушната. Демократското право на украинскиот народ да одлучи дали неговата држава ќе биде членка на НАТО или не, се судри со една закономерност во меѓународната политика: дека една голема сила не сака на својот праг да има друга голема сила која ја загрозува нејзината безбедност. Како што на големите танкери им треба време да запрат, така и на Америка ќе и треба време да ја смени својата надворешна политика кон Украина ако не сака да влезе во директна нуклеарна конфронтација со другата голема сила која одолеа на економските блокади. Ете, со оваа приказна на американските реалисти настапува Орбан денес,во име на малечката Унгарија, без да го раскаже нејзиниот прв дел. Многу често истото го прават и политичари во Македонија. Или како што рече еден претставник на американската администрација во времето на претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ: Под наша стража вие мирно спиете, за кога ќе се разбудите да почнете да не критикувате.

Во светот се случуваат големи промени на„ крајот од американската ера“, по која ќе жалиме и кога се етаблиравме како независна демократска држава. Едно е јасно: одбраната станува скапа работа и Америка не можа да го носи целиот финансиски товар за безбедноста на Европа. Америка, во анархичната структура на меѓународното општество на држави, мора да се соочи со растечката сила на Кина и централното поле на натпревар во иднина ќе стане Азија. Ако победи Трамп на претседателските избори, претскажувањата на реалистите би можеле бргу да се остварат и Европа да биде оставена самата да се грижи за својата безбедност. Ако победи Харис ќе се случи истото само на подолг рок, велат прогнозите. Ќе видиме тогаш што ќе прави Виктор Орбан без американската безбедносна полиса. Ако биде уште на власт го чека едно изненадување: за европска безбедносна полиса ќе треба да се помачи со градење единство во ЕУ, особено меѓу главните држави, а не со неговото разградување. Ние, надвор од ЕУ немаме таква грижа зашто нема да бидеме дел од таа дебата. Што се однесува до Македонците и Унгарците, нив и натаму ќе ги обединува битката за нацијата која е загрозена од либералната демократијата.

Но, тоа е тема за себе.

 

Денко Малески

 

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close