GO TRUMP

Насловот, се разбира е циничен, но не сосема во контекстот кој ќе се обидам да го објаснам во редовите што следат.

Летото 2016 одекна веста дека Демократите го избраа својот против кандидат на Трамп и тоа, на големо разочарување на левицата во светот, беше Хилари Клинтон, наместо „нашиот“ кандидат Берни Сандерс за кого бевме (барем јас) сигурни дека победува, не само на демократската конвенција како официјално номиниран кандидат туку и потоа, на претседателските избори. Бевме возбудени дека светот е на прагот на нова епоха. Но, се случи тоа што се случи, Берни беше „пренесен жеден преку вода“, а левицата ширум светот доби „ладен туш“, бесплатно.

Тој меѓу-период, помеѓу официјалното кандидирање на Хилари и денот на изборите, го одбележа изјавата на „најопасниот филозоф на западот“, како што го најавуваа, Славој Жижек. Во едно интервју или негов текст, не се сеќавам точно, тој кажа дека доколку би бил Американец би гласал за Трамп. Следуваше канонада напади од лево, па и кенселирање на Жижек од страна на добар дел од јавноста во левиот кампус, иако таа несреќна изјава беше дадена во строго ограничен контекст.

Жижек сметаше дека изборот на Трамп, како таков, ќе ја разбуди и извлече левицата од салоните и ќе ја однесе таму каде што треба да биде, на терен, во борба „гради в гради“ со алт-десницата, но и со мејнстрим партиите од десно, центар и лево, претставниците на таканаречената корпоративна Америка. Борба за секој гласач. Трамп победи и заврши еден мандат, проследен со мал милион шокантни лапсузи, (особено „славен“ денот на Бајденовата инаугурација и упадот на неговите поддржувачи во Капитол Хил, директно нахушкани од него лично, неколку часа претходно од протестна говорница).

Како колатерална корист од таа ера, не само од неговото претседателствување, туку од обзнанувањето на неговата кандидатура од страна на републиканците, беше популаризирањето, до ниво на мејнстрим, на движењето „Демократски социјалисти“, предводено од Берни Сандерс. Тоа, всушност, беше контекстот на онаа несреќна изјава на Жижек. Внимавајте, „Демократските социјалисти“ станаа мејнстрим во Америка, во земјата во која поимот „социјализам“ е малтене табу, смртна закана за нивното поимање за слобода и демократија. Лесно е да бидеш социјалист во Европа, во Америка да се декларираш како социјалист е како небаре да си се декларирал за симпатизер на СС, дури и полошо.

Каков еманципаторски пресврт! Влегувањето на Трамп во политиката беше тригерот за тоа да се случи.

Во меѓувреме демократите повторно го „превеслаа“ Берни „жеден преку вода“, го кандидираа Бајден наместо Сандерс во битка со Трамп, битка која беше скоро извесно дека ќе ја добијат. „Корпоративна Америка“ смртно се исплаши од Берни, иако неговите идеи воопшто не беа радикални, туку сосема умерени. Берни се залагаше, и сè уште се залага за, на некој начин, европеизирање на Америка, во смисла на воведување на т.н. држава на благосостојба: бесплатно или барем достапно образование и здравство за сите, како и останатите аспекти на она што се нарекува „социјална држава“, нешто што западна Европа го ужива пола век.

Заврши и мандатот на Бајден, мандат кој го одбележаа две војни кои сè уште траат. Демократите пак, направија невидени лапсузи околу нивниот кандидат: откако видоа дека Бајден катастрофално го загуби првиот телевизиски дуел со ново-стариот кандидат на републиканците, Трамп, кој пак претходно спектакуларно го најави својот камбек, набрзина, без претходна длабинска подготовка, за да ја поправат штетата колку-толку, ја кандидираа потпретседателката Камала Харис. И поминаа како што поминаа.

Трамп се врати на врвот на светската политика. И уште од првиот ден го шокираше светот со своите извршни одредби потпишани со оној фамозен фломастер.

Следеа серија обвинувања за неетичност и судир на интереси, особено кон на неговиот главен донатор, претседателот во сенка, тек гигантот и најбогат човек во светот Илон Маск, но и кон самиот Трамп (од неодамна почнав да го следам крипто светот, луѓе мои, таму не се знае крчмарот, Трамп со свои коини и токени е директно или индиректно вмешан, преку своите синови) Но, сепак, упадлив е двојниот стандард, особено кај лево-либералните кругови. Судир на интереси не е ништо ново во американската политика. Дик Чејни, еден друг претседател во сенка, имаше милионски бизниси од војната во Ирак, самиот Џо Бајден, неколку недели пред истекот на мандатот си го помилува сопствениот син, обвинет за корупција, вест која незабележано помина во лево-либералната јавност иако претставува еклатантен акт на корупција итн.

Она по што Трамп е карактеристичен е неговата бруталност и бахатост која најубаво се приметува во неговата реторика со која ја срози пристојноста во јавниот говор. И неговиот презир кон демократијата. Она што неговиот идеолог од првиот мандат, Стив Бенон го правеше и сè yште го прави, воспоставувајќи мрежа за поддршка на антидемократските партии и движења во Европа, некои од нив директно поврзани со Кремељ, денес го продолжува Илон Маск.

Овде доаѓам до моментот клучен за мојот контекст од насловот: настапот на потпретседателот Венс на безбедносната конференција во Минхен, во кој како гостин, во стил својствен на неговиот шеф, ги обвини европските лидери за отстапување од вредностите што номинално ЕУ и САД ги делат, демократија, слободни избори итн.

Ова и претходните изјави и извршни одредби на Трамп, за тоа дека не е изклучена можноста за повлекување на Америка од НАТО, повлекувањето од светската здравствена организација како и парискиот климатски договор, како да ја запалија (конечно!) црвената сијаличка во Европа и Макрон веднаш свика вонреден состанок на лидерите на земјите членки.

Неколку денови по ред се слушаат гласови за потреба од заедничка европска војска, заедничка европска надворешна политика. Трамп ги извади старите федерални идеи кои беа турнати под тепих од страна на европските политичари, поради се посилниот замав на популистичката десница, чии основни идеи се во спротивен правец, враќање на суверенитетот и јакнење на националните држави.

Сметам дека проектот Европска федерација, или Соединетите европски држави, како сакате наречете го, треба да биде идеја водилка на сите прогресивни европејци. Како од еманципаторски, така и од реал политички аспект. Европските нации-држави, водени од свои, егоистични интереси, на глобалната сцена се сè помалку релевантни, со самиoт факт што се судираат со глобални џинови: САД, Кина, во блиска иднина и Индија, но и Русија, пред се поради нуклеарниот потенцијал. Доказ за тоа е дека се планира самид Трамп-Путин, за Украина, на кој Кина се нуди како домаќин. Ќе се носат одлуки за судбината на Европа без учество на ниеден нејзин претставник.

Живееме во турбулентни времиња во кои се забрзано се менува геополитиката во реално време, пред нашите очи.

Време е европските мејнстрим партии да се обединат околу оваа идеја која треба да им биде приоритет. Прво да ја реформираат унијата и да го променат тој фамозен принцип на консензус, кој теоретски е врвен демократски принцип, но во пракса се покажува неефикасен до ниво на дисфункционалност. А потоа да сковаат долгогодишна стратегија за реализација, чекор по чекор.

Ќе биде ли Трамп, парадоксално, катализатор на овој процес? Оптимистите велат, да.

Кирил Арсов

 

Back to top button
Close