Го заслужува ли Скопје своето Скупи?

Пред еден месец, една пријателка ми го испрати линкот за напис во ФАЦ, со забелешка дека темата била мистериозна. Насловот и мене ми се стори конспиративен. Повеќе одговара за некој модерен трилер или за роман на Ден Браун. Најреален е како наслов на извештај за масовни гробници од последните балкански војни. Сепак, во насловот, „Масовното убиство во Скупи” (Der Massenmord von Scupi), ме зачуди името на римскиот град. Тоа минато навистина нема врска со приказните за балканските војни. Брзо сфатив дека написот е рецензија за една изложба во археолошкиот музеј во Франкфурт. Во неа биле изложени археолошки наоди од римскиот град Скупи. Во Германија малкумина знаат дека римскиот град Скупи е претходникот на денешно Скопје. Но и насловот на изложбата, „Темната страна на Рим. Масовната гробница во Скупи”, (Die dunkle Seite Roms. Das Massengrab von Scupi), звучи доста мрачно. Се прашав, значи ли ова дека тој дел од римската империја и во тоа време ја ја потврдувал сликата за „мрачниот Балкан“?

Кога прочитав дека изложбата била подготвена во соработка на Музејот на град Скопје со археолошкиот музеј во Франкфурт (со траење од 18 декември 2024 до 15 јуни 2025), сфатив дека мојата пријателка, која многу ја интересира културата, сигурно претпоставувала дека во Скопје има голем археолошки музеј, во кој се истражени и презентирани сите научни, културолошки и социолошки аспекти на наодите од Скупи. Сигурно ќе ме прашаше дали има монографии за Скупи на германски или англиски. Добро е што не ме праша. Ќе ми беше непријатно да и‘ кажам дека нема ниту археолошки музеј „Скупи”, ниту монографии на странски јазици. Иако наодите само од тој мал дел од големиот археолошки локалитет, кој досега е истражен, од други културни нации ќе беа одамна презентирани во солидни монографии. Наодите кои се изложени во Франкфурт, македонските археолози ги откриле во Скупи во 2011.Тоа значи, пред 14 години. Во друга европска земја откритието на масовна гробница со скелетите од 200 луѓе од Римската империја, досега ќе беше презентирано барем во една обемна научна студија. Попусто барав во интернетот по модерни публикации на македонски за Скупи.

Според информацијата на франкфуртскиот музеј, положбата и состојбата на скелетите во гробницата наведувала на помислата дека се работело за масовна егзекуција. Веројатно на дезертери или на поразени противници од времето на политичките кризи во третиот и раниот четврти век во Рим. Зошто овој наод е од големо значење? Затоа што е документ за немилосрдната, брутална воена политика на Римското царство. Освен тоа, судбината на убиените ја потврдува матрицата и на сите идни војни. Се‘ до денешните! Империјалниот стремеж, желбата за освојување нови територии е секогаш поврзана со брутални убиства и масовни гробници. Во таа смисла, изложбата во Франкфурт е многу актуелна. Жртвите биле убиени на брутален начин, со отсекување на главата или со повеќе убоди со меч во градите. Археолошките наоди, кои досега беа останале малку познати и за научните кругови, првпат во Македонија биле изложени во јавноста во 2017, а потоа во Црна Гора, БиХ и Србија.

 

Наодите од Скупи раскажуваат приказна која не е херојска

Необичноста на изложбата е во тоа што се презентира еден настан кој останува загатка, затоа што не се знае кои биле тие луѓе. Освен тоа, германските и македонските куратори на изложбата истакнуваат дека таа е значајна и како сведоштво за еден аспект од римската цивилизација, кој досега беше непознат. Тоа пак фрла малку поинакво светло врз нашата колективна перцепција на Римското царство. Досега во прв план беа големите достигнувања во законодавството или во културата на Рим. Секако, историјата раскажува и за походите на Јулиус Цезар, за војната во Галија и за борбите за превласт во Форум Романум. Меѓутоа едно е да се читаат приказни во историските читанки, а сосема друго е кога се гледа фотографијата од археолошкото наоѓалиште Скупи, преполно со човечки коски. Уште подраматично е кога ќе ја видите реконструкцијата од половината на нечиј череп, при што имате чувство дека ве гледа лицето на човекот кому брутално му била отсечена главата. И почнувате да се прашувате која е неговата приказна.

Секако, римскиот живот е уште видлив во палатите, во амфитеатрите, во триумфалните арки, како и во многубројните скулптури на римските императори и римските благородници. Нивните приказни се сведоштва за воена и политичка слава. Но, што е со приказните на жртвите, на победените народи, на убиените војници и на обичните луѓе во римското општество? Која е приказната на тие кои досега беа останале во длабокиот мрак на историјата? Тие досега за нас не постоеја, затоа што историјата секогаш ја пишуваат победниците, а не победените. И, одеднаш, тие стануваат за нас видливи во нивните коски во масовна гробница во Скупи, благодарение на работата на македонските археолози. Тие се многу значајни зашто документираат дека големите царства секогаш се темелат врз сила и насилство, врз војни и освојувачки походи, врз урнатини и жртви. Тоа било типично и за кризните времиња во Рим, како што било во третиот век, од кој потекнува и масовната гробница во Скупи.

Историските национални наративи ја раскажуваат приказната на хероите. Од тој аспект, наодите од Скупи се уште позначајни, затоа што раскажуваат една приказна која не е херојска. За тоа сведочи и состојбата во која биле најдени скелетите. Фрлени на куп, едни до други. Впрочем, така е во масовните гробници од сите војни. Оваа изложба им го враќа достоинството на безимените жртви, особено кога се реконструирале неколку черепи. Одеднаш безимените коски не‘ гледаат со човечко лице, а тоа чувство е потресно. Долготрајните прецизни форензички и антрополошки истражувања на скелетите, помогнале да се определи полот и возраста на убиените, но и нивното потекло, професијата и болестите кои ги имале. Сите егзекутирани биле мажи, на возраст од 20 до 40 години. Во информациите за изложбата во музејот во Франкфурт се истакнува дека сите обележја говорат за тоа дека се работело за војници.

 

Дали Скопје заслужува да се нарекува наследник на Скупи?

Тоа што ме натера да се прашам дали Скопје заслужува да се нарекува наследник на Скупи, беше фактот што во германскиот напис многу опширно се анализирани сите аспекти на изложените археолошки наоди. Трагав потоа по слични опширни рецензии на македонски археолози за изложбата на истите наоди во Скопје во 2017, но не најдов ништо. А во германскиот напис се истакнува дека Скупи бил со 44 хектари површина еден од најголемите градови на Балканот. Скупи бил „колонија”, а со тоа имал висок ранг во провинцијата на римската империја. Јасно, скопјани не можат да добијат јасна претстава за големината на римскиот град кога ќе го видат оградениот простор на наоѓалиштето, во кој, во најголемиот дел, уште растат трња и висока трева. Со жалење пишуваат странските туристи по посетите на Скупи дека локалитетот изгледал запуштено, дека е тешко да се пријде до него. А Скупи е оддалечен од Скопје само некои 4,5 км! Сепак, тој е загатка и за македонските граѓани. Не верувам дека денешните скопски ученици знаат што е и каде е Скупи. Уште помалку верувам дека некогаш го посетиле со училиштето. Римскиот град, од чие име потекнува и името на Скопје, остана загатка не само за странските, туку и за македонските туристи. Иако по површина е најголемото археолошко наоѓалиште во Македонија, според изјавите на археолозите што работеле таму пред кусо време, се вели дека е истражен само мал дел од него. Со средствата што секоја година ги добивале за ископувања во Скупи, археолозите можеле да истражат само 1% процент од земјиштето. Тоа значи, за да се истражи локалитетот во целост, ќе бидат потребни триесеттина години. Ако набрзо коренито не се промени односот кон овој значаен археолошки локалитет, градот претходник на Скопје, уште долго ќе почива во вечен молк. А тој сигурно крие во себе многу непознати и важни приказни. Надеж влева само фактот што неодамна Музејот на град Скопје потпишал меморандум за соработка со Археолошкиот музеј во Франкфурт.

Од друга страна, загрижувачки е кога ќе наидете на написи за Скупи од 2016. Тогаш владата на Груевски имала план (со седум милиони евра!) да изгради огромен антички театар врз останките на римскиот театар во Скупи. Најтрагично е што „визионерите” на Груевски отворено велат дека имаат намера да изградат „реплика на дамнешниот објект” од римското време. Тие што го советувале тогашниот премиер, не знаеле ништо за археологијата. Да знаеле, ќе му кажеле дека е варварски чин и културен скандал да се надградуваат автентичните останки од римскиот театар, за да се направи „негова реплика”. Си велам, со тие седум милиони ќе можеше неколку години сериозно да се истражи голем дел од запустениот археолошки локалитет. И да се откријат уште многу значајни наоди и интересни историски факти, со што Скопје би ја изразило својата почит кон својот град-претходник. Но тоа, за жал, не е така. А тоа е типична македонска приказна во земјата која порано била дел од Римската империја. Таа потврдува дека Скопје не го заслужува своето Скупи. (dw)

Kица Колбе

Back to top button
Close