Гоце Делчев

Да тврдиш дека Гоце Делчев бил Бугарин, а не Македонец, е исто како да кажеш дека Исус бил Евреин, а не Христијанин!

Борбата за слобода на Македонија на ВМОРО, Гоцевото револуционерно дело, без оглед на националните и религиски чувства и определби, ги поставиле темелите на националната слобода на македонскиот народ. Затоа, да се каже оти Гоце бил Бугарин, кој се борел за бугарската кауза во Македонија, само поради фактот што така се определувале припадниците на ВМОРО и македонската интелигенција во Бугарија, е историска манипулација!

 Дали Гоце Делчев е Бугарин или Македонец? На ова прашање сите пристојни луѓе и во Скопје и во Софија ќе ви одговорат со контра прашање: ти сериозно прашуваш или се обидуваш да провоцираш? Бугарите ќе ви речат – се разбира дека е Бугарин, така самиот се декларирал, а Македонците налутено ќе ви возвратат – а што би можел да биде друго освен Македонец, кога е роден во Македонија и животот го дал за слободата на Македонија!?

Кога веќе бугарските историчари не сакаат да го прифатат предлогот на нашите и двете гледишта паралелно да бидат дел од историографијата со различни перспективи, туку бараат прифаќање на едно гледиште, односно сакаат да го наметнат своето, сега и останува на заедничката историска комисија да дојде до некаков вординг, некаква формулација (зборот компромис и припаѓа на политиката, а не на науката) за решение со кое ниту една страна нема да се чувствува поразено. А може ли? Премиерот Заев вели дека може, зашто ако не се најде такво решение, тогаш официјална Софија може да стави вето на почетокот на преговорите за членство во ЕУ на РС Македонија.

МАКЕДОНИЈА – ПОДАРОК ОД СУЛТАНОТ ЗА БУГАРСКАТА ЕГЗАРХИЈА

Бидејќи Гоце Делчев е апостолот на македонското револуционерно движење, национален мит на Македонија и на Македонците, најчесто на ум ми паѓа една историска паралела со една од најмитологизираните личности во историјата на човештвото. Исус од Назарет! Исус бил Евреин, се разбира воспитуван во еврејски дух. Еврејството и тогаш, но и до денешен ден означува религиска припадност. Но, по што е познат Исус во општата историја на човештвото? Или, со други зборови, каков е неговиот изворен, доминантен и определувачки идентитет? Што е Исус Христос, Евреин? Или можеби Римјанин, поданик на римската империја? Секако дека е Евреин и поданик на империјата, но тој е првиот Христијанин, тој е апостолот на новата религија – христијанството и тоа е неговиот пар екселанс идентитет! Значи, неговиот идентитет е неговото дело. Распнат е на крстот зашто проповедал „ерес“. Еврејските свештеници, фарисеите се откажале од него. Римјаните го егзекутирале. Христијаните ќе го слават и воспеваат додека постојат!

Гоце Делчев е роден во Кукуш, 1872 г. во Македонија, тогаш дел од Османлиската империја, во времето кога штотуку била создадена Бугарската егзархија (1870). Дотогаш населението во Кукуш одело во грчка црква, но кукушани биле унијати, зашто се побуниле дека ќе му се приклонат на Папата и на Римската црква, доколку Цариград не обезбеди литургии на црковно-словенски јазик во црквите на Грчката патријаршија. Гоце се школувал во Кукуш, потоа во бугарската гимназија во Солун, во военото училиште во Софија, бил учител во Ново село штипско, каде што, секако, предавал на официјалниот јазик на Егзархијата (бугарски)… Македонскиот народ под турско ропство од страна на султанот, во културна, духовна и образовна смисла оттогаш и бил доделен на Бугарската егзархија и Турците во пописните дефтери го запишале како „булгармиљет“, односно како бугарски народ. Егзархијата на територијата на Македонија воспоставила образовна и културно-пропагандна дејност. Македонците ја прифатиле Бугарската егзархија зашто јазикот на кој се проповедало во нејзините цркви им бил близок, за разлика од туѓиот грчки, но бугарскиот идентитет на македонското население бил повеќе религиски отколку етнички, зашто висока етно-национална свест можела да се развива единствено кај учените кои биле малку по број, неколку илјади.

ПИСМАТА НА ГОЦЕ КАКО „ИДЕНТИТЕТСКИ ДОКАЗ“

Бугарските историчари денес велат – дозволете му на Гоце Делчев самиот да се определи дали бил Бугарин или Македонец, цитирајќи најчесто едно од неговите писма до Никола Малешевски, во кое Гоце, меѓу другото, пишува:

„Отцепувањата и расцепкувањата никако не треба да нè плашат. Жално е, но што да правиме кога сме си бугари и сите страдаме од една иста болест! Ако таа болест ја немаше кај нашите прадедовци, од кои што ни е наследство, тие немаше да потпаднат под грозниот жезол на турските султани. Наш долг е, се разбира, да не се поддаваме на таа болест, но колку можеме да влијаеме на другитe?

Сепак, имаме нешто и од грчките болести – ,колку глави – толку капетани’… Пустата! Секој сака да блесне, па не го знае фалшот на тој блесок. Тешко им на тие што страдаат под овие ,комедии’.“

Има разни толкувања во кој контекст Гоце ги кажал зборовите „…но што да правиме кога сме си бугари“ – иронично, метафорично итн., но и да е најискрено, прашањето е како поинаку можел Гоце да се определува, ако веќе растел, бил воспитуван и се школувал во такво опкружување и во таков дух? Впрочем, Македонија ниту била држава, ниту пак Турците ја спомнувале во своите географски карти – терминот Македонија не се спомнувал официјално во Османлиското царство – кукушкиот крај, на пример, бил дел од Солунскиот вилает, додека целата територија Турците порано ја нарекувале Румелија – а луѓето што ја населувале „роммиљет“ (од Ромеи, припадници на царството Византија).

Но, кога Гоце во друго писмо до Никола Малешевски вели „Дали има народ, кој толку многу трпел од своите синови изроди, колку македонскиот?“ или, пак, во писмо до Ефрем Каранов, во кое жестоко се спротивставува на врховистичкото мешање во внатрешните работи на организацијата во Македонија, вели „…Треба тој народ да се разбуди од петвековниот длабок сон, којшто го направил македонецот доста дебел во свеста за човечка правина…“, тогаш, секако, бугарската историографија определбите „македонец“, „македонци“, „македонски народ“ ги означува само како територијални, политички.

ЗОШТО УЧЕНИТЕ МАКЕДОНЦИ СЕ ОПРЕДЕЛУВАЛЕ КАКО БУГАРИ?

А суштината е во нешто друго. Гоце Делчев загинал за слободата на Македонија во нерамна битка со аскерот во селото Баница. Целиот свој живот, а живеел две години помалку од Исус, и го посветил на борбата за слобода на Македонија. Од исклучителна важност за неговиот идентитет е неговата револуционерна кауза, ослободувањето на својата родна земја Македонија од османлиското ропство! Затоа, ако веќе се утврдува неговиот идентитет, иако тоа е апсурдно за да се реши еден политички спор меѓу две држави, основно е да се има предвид што него го дефинира. Односно, дали определбите на Гоце биле само средство за да се оствари целта – слободата на Македонија? Се разбира, тоа не значи оти кога припадниците на македонското револуционерно движење се определувале како Бугари, на тоа биле принудувани или дека тоа исклучиво го правеле од лукративни цели, иако имало и такви мотиви. Зашто, бугарското име, како што вели Крсте Петков Мисирков во своето капитално дело „За Македонцките работи“, населението во Македонија самото го прифатило. Еве еден подолг цитат од неговата книга во кој тоа го објаснува:

…Бугарцкото име во Македониiа, значит, iет резултат на лошото третираiн’е на македонците от страна на грцкото дуовенство. Грците унишчиiа Охридската архиепископиiа за тоа, шчо се упоминуаше името „бугарцка”, како историiцки reliquium, но употребуваа името бугарин за да воплотат во него своiето презреiн’е кон се словенцко. И имено тоа воплотеiн’е на грцкото презреiн’е кон нас и iет причината да се велиме „бугари”, а не историiцките традициiи. Последните напротив нишчо не ни зборуваат за бугарите, а поеке за србцкото име во Македониiа. Значит не крстиле бугари грците без да не питаат нас, и ниiе, немаiки време да гледаме и да му наiдиме мана на името, си го усвоiифме.

Ако iет така, а инак и не можит да бидит, то iасно iет, оти името бугарин не зборуат ушче за бугарцка народност во Македониiа. Тоа име сега се поддржуат во Македониiа искуствено, као шчо и се насадуат тамо во наi ноо време името србин. Името бугарин во Македониiа сега немат место, зашчо веке цели 25 години, као живеiеме ниiе македонците одделен живот од бугарите. Мег’у бугарите и нас имат многу малу обшчи интереси сега. Македониiа iет нужна за Бугариiа, затоа последната праiк’ат во првата катагодина милион франкови и содржат на служба многу македонци. Бугариiа пак iет нужна за македонците, зашчо во неiа македонците ке добиiат место и ке експлуатираат со нивните „бугарцки чувства. Значит, во течеiн’е на последните 25 години односите мег’у Бугариiа и Македониiа почиваат, не на почва на iеднакви традициiи и задаки, а на чисто трговцка осноа, т.е. iедеiн’от го експлуатират другиiот.

Значит, името бугарин во Македониiа, со коiе сега експлуатираат бугарите, никак не iет национално, и затоа никоi од македонците немат прао со него да експлуатират македонцките интереси во негоа полза. Никоi не ни имат дадено прао заради него да ни се набркуваат бугарите во нашите работи. Татко ми, дедо ми, предедо ми, ако се велеле по недоразбериiа бугари, то ушче не значит, оти и iас требит да сум као ниф во мрак за моiата народност; ако се велеле овие бугари, то не значит, оти ниiе ке требит да престаниме да веруаме во русите за атар на разни Стамбуловци и Свирчовци, на место, заiедно со нашата пролиiена крв, ниiе да си бараме праото от каi шчо требит, да допушчиме да ни се бркаат во работите л’уг’е, коiи шчо и сами не знаiат, шчо бараат; ако се велеле моiите дедовци бугари, ушче не значит, да iас имам прао да експлуатирам македонцките интереси со издааiн’е ноини, коiи на место да бранат интересите на нашиiот народ, и бранат бугарцките и интересите на бугарцкиiот кн’аз. Нашите дедовци, велеiки се бугари и не мислеле, оти ниiе ке праиме от тоа име капитал, за да се наiадиме, напиiеме и облечеме со него.

Значит, у македонците името бугарин iет фал’шлива монета, со коiа они плаiк’аат на Бугариiа и неiниiот кн’аз и на нивната таткоина и нивниiот народ. Време iет да се раскриiет таiа фал’ш, за да се престанит да се експлуатират со неiа…

 

ВРХОВИЗМОТ, БЛГАРШТИНАТА, САН СТЕФАНСКА БУГАРИЈА

За да се утврди каков бил првенствено идентитетот на Гоце Делчев – основното прашање е дали тој се борел за „блгарштината“, за бугарскиот дух и карактер на населението во Македонија, како што тврди бугарската историографија, или неговата главна борба била за Македонија, како автономна, одделна политичка единица, ослободена од турскиот јарем, независно од идентитетот на населението?

За ова говори и вториот Устав на македонската револуционерна организација, кој го пишувале Гоце Делчев и Ѓорче Петров, кога е исфрлено решението од првиот устав дека секој Бугарин може да биде член на организацијата, а ставена е формулацијата дека член на организацијата може да биде секој Македонец и Одринец. Се разбира, идејата на промената на оваа одредба на Уставот на организацијата, која тогаш го добива и името ТМОРО, е сите народности во Македонија и Одринско да се вклучат во борбата за слобода и автономија, а не за да се разликуваат Бугарите од Македонците. Но неспорен историски факт е дека Делчев, Петров и другарите настојувале борбата за Македонија да биде чисто внатрешно дело, а не дело на Бугарија и бугарскиот двор кои преку Врховниот комитет настојувале да ја преземат.

Со други зборови, вистинското прашање во врска со идентитетот на Гоце е дали тој се борел за Сан Стефанска Бугарија, за припојување на територијата на Македонија кон Бугарија, решение кое по крајот на Руско-турската војна било усвоено на 3 март 1878 г. во турското место Сан Стефано и со кое територијата на Македонија и Тракија му припаднала на кнежевството Бугарија? Односно, дали преку лозунгот на македонската револуционерна организација „автономна Македонија во рамките на Османлиската империја“, Гоце се борел за Голема Бугарија или за слободата на Македонија, која, пак, требало да значи и етно-национално ослободување односно преродба на македонскиот народ и неговиот национален идентитет?

Бугарската историографија вели оти е апсурдно да се тврди оти борбата за слобода на Македонија значела и македонска национална преродба, зашто тоа никаде го нема запишано во документите на организацијата, туку дека лозунгот и програмата на ВМОРО (ТМОРО), „автономија на Македонија и Одринско“ бил само начин македонската револуционерна организација да ги ослободи и македонските Бугари од османлиското ропство, кога веќе на Берлинскиот конгрес од 1878 г. бил поништен Сан Стефанскиот договор и Македонија сепак останала дел од турската империја.

Но она што бездруго е јасно е дека Македонија била неостварен сон на бугарската држава. Токму затоа и бугарскиот двор сакал да ја преземе борбата на ВМОРО, македонската револуционерна организација, создавајќи алтернативен Врховен македонски комитет, кој требало да го води македонското ослободително дело, се разбира за целите на кнежеството Бугарија. Од историјата, и бугарска и македонска, е јасно дека конфликтот помеѓу централистите и врховистите, иако изразен низ тоа кој да го води ослободителното дело, на крајот се сведувал на тоа кој е „за“, а кој „против“ политичкиот сепаратизам на Македонија. Дали Македонија да биде самостојна или дел од Бугарија? Таа борба повремено била до истребување на едните и другите. Ослободувањето на Македонија требало да биде дело на самите Македонци, сметале централистите и Македонија требало да биде автономна република, а за врховистите автономна Македонија била само преодна фаза до националното обединување.

Еве, впрочем, што за тоа вели Борис Сарафов, соборец на Делчев, член на Главниот штаб на Илинденското востание и водач на Врховниот комитет, кој во негово време е близок до внатрешната македонска организација:

Автономната македонска идеја нè скара со бугарската влада. Зар порано со нас не беше љубезен и внимателен кнезот Фердинанд? Зар… Рачо Петров (министер воен – з.м.) кој со своето Министерство толку грижливо се зафати да не скроти, не беше наш соучесник во 1895 година и не ни дозволи да ја минеме македонската граница и да водиме чети? (врховистичките чети во Македонија – з.м.) Нè фалеа зашто се надеваа дека ние, со своите раце, ќе ги вадиме од огнот македонските костени и ќе им ги дадеме ним како подарок на бугарската влада. Големите луѓе сакаа да јаваат на грбот на малите. Владата мечтаеше за санстефанските граници, кнезот Фердинанд… го примамува ефектот кон своите два венца да го придодаде и третиот – Македонија…

СТРАВ ОД МАКЕДОНСКИ НАЦИОНАЛЕН СЕПАРАТИЗАМ

Судирот помеѓу централистите и врховистите, според официјалната бугарска историографија немал врска со етно-националната определба на едните и другите, зашто и едните и другите се определувале како Бугари. Сепак, неспорен факт е дека бугарскиот двор преку Врховниот комитет инсистирал на преземање на револуционерната организација и македонското ослободително дело и дека на бугарската влада и пречела самостојната борба на организацијата. А зошто би и пречела, ако таа борба била за зачувување на бугарскиот карактер на Македонија, макар и како одделна, автономна република? Очигледно е дека бугарскиот двор бил загрижен оти во самостојна и автономна Македонија може да се загуби „блгарштината“ и да дојде до национален сепаратизам!

За жал, во историјата е тешко да се резонира по принципот „што би било кога би било“. Оттаму, тврдењата на бугарските историчари дека, да речеме, доколку Гоце Делчев односно македонската револуционерна организација успеала во намерите да се избори за автономија на Македонија во рамките на турската империја, таа автономна територија нужно ќе била бугарска по карактер, со бугарски официјален јазик, со бугарски егзархиски училишта, народот ќе бил воспитуван во бугарски дух итн. итн.!

Дотолку повеќе што други македонски револуционери и интелектуалци како Крсте Петков Мисирков во книгата „За македонцките работи“, но и Димитрија Чуповски и групата од Македонското литературно другарство од Санкт Петербург, а претходно Ѓорѓија Пулески, веќе ги поставиле основите на македонското етно-национално, јазично и културно преродбеништво. Оттаму, многу поверојатно е, по истиот принцип „што би било кога би било“, дека автономна и слободна Македонија можела да биде самостојна република со сите нишани, да изгради сопствен македонски јазик и одделен македонски етно-национален идентитет, а зошто тогаш не би се возобновила и Охридската архиепископија?

Ова особено затоа што сличен отпор како против Врховниот комитет, меѓу македонското население имало и кон Егзархијата. Како што пишува Пеју Јаворов во биографијата за Гоце Делчев, позната е борбата на македонските црковно-улилишни општини против централистичката политика на Егзархијата, која постоела уште пред да се појави ВМОРО. Но во годините по основањето на македонската ослободителна организација Егзархијата пројавила силен отпор и кон неа. Егзархиските претставници ги нарекувале македонските војводи „багабонти“, а како што пишува Ѓорче Петров во своите Спомени, егзархот дури испраќал свои емисари да го убедуваат македонското население дека револуционерната борба ја презеле несериозни луѓе и дека не треба да ги прифаќаат.

Дека меѓусебната борба на врховистите и централистите, на егзархистите и припадниците на ВМОРО, не била само борба за превласт во водењето на македонското дело и задржување на централната улога на Егзархијата во образованието, говори и тоа што врховистите и егзархистите често ги обвинувале припадниците на ВМОРО за национален сепаратизам.

„На внатрешните, освен што беа наречувани „коцкари“ (уличари), социјалисти и анархисти, им беше закачувано и обвинението дека се сепаратисти на национална почва…“, вели Иван Михајлов во својата брошура „По трнливиот пат на македонското ослободително дело“, која ја напишал во 1939 г. под псевдонимот „Брегалнички“, мислејќи на обвинувањата против дејците на македонската револуционерна организација што доаѓале од врховистите. Се разбира, Михајлов вели дека тоа било лажно обвинување зашто според него и централистите се бореле за бугарската кауза во Македонија.

Но, нели е сосема природно, ако се имаат предвид жестоките пресметки меѓу централистите и врховистите, меѓу припадниците на револуционерната организација и егзархистите и ако веќе тоа нетрпение, како што вели Ѓорче Петров во своите спомени, прераснало во „револуционерна борба“, дека во Бугарија постоел страв токму од македонски национален сепаратизам.

ВНУКОТ НА ГОЦЕ: ВУЈКО МИ ПРИДОНЕСЕ ЗА МАКЕДОНСКО НАЦИОНАЛНО СОЗНАНИЕ

Дотолку повеќе што Борис Сарафов, на 2 септември 1902 година, за весник во Србија ја дал следната изјава:

Ние Македонците не сме Срби, ниту сме Бугари, ами просто Македонци. Македонскиот народ постои независно од бугарскиот и од српскиот. Ние им сочувствуваме и на едните и на другите, и на Бугарите и на Србите; кој ќе го помогне нашето ослободување, нему ќе му речеме благодарам, но Србите и Бугарите нека не забораваат дека Македонија е само за Македонците.

Оваа изјава на Сарафов подоцна станала насловно мото на сите изданија на Македонското литературно другарство во Санкт Петербург. Се разбира, и Сарафов, како и Крсте Петков Мисирков, давал и други изјави каде што експлицитно се определувал како Бугарин, но нели е тоа сосема нормално за еден македонски преродбеник? Важно е дека идејата за одделна македонска нација била присутна и кај македонските војводи и кај интелектуалците и дека тие со својата борба или перо придонесувале за тоа.

Во првиот број на „Публика“, саботно издание на дневниот весник „Дневник“, кое во тоа време го уредував, на 11 декември 2010 година пренесов дел од спомените на внукот на славниот војвода, Милан Антонов Гоцев, син на сестрата на Гоце Делчев (Христина – Тина Делчева Антонова), кој умре во Софија на 104 годишна возраст во октомври 2010 г. Писанието го добив од ВМРО на Красимир Каракачанов.

Во него, Милан Антонов Гоцев за целото свое семејство вели дека се Бугари, така самиот се декларира, така зборува и за вујко му Гоце Делчев, кого го велича, но истакнува дека направил две грешки, од кои, според него, поважна е втората:

 „…Втората грешка се состои во тоа што Гоце со целата своја револуционерна дејност и разбирање фактички придонесе извонредно многу за создавањето и развојот на македонското национално сознаниемакедонославјанско, ниту бугарско ниту српско!“

Очигледно е дека многу логично размислувал внукот на Делчев – борбата за слобода на Македонија на ВМОРО, Гоцевото револуционерно дело, без оглед на националните и религиски чувства и определби, ги поставиле темелите на националната слобода на македонскиот народ. Затоа, да се каже оти Гоце бил Бугарин, кој се борел за бугарската кауза во Македонија, само поради фактот што така се определувале припадниците на ВМОРО и македонската интелигенција во Бугарија, е историска манипулација.

Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Јане Сандански, Борис Сарафов, другите припадници на македонската револуционерна организација, Илинденците, Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски… се македонски преродбеници, некои од нив со перо, некои со пушки и бомби. Современата македонска нација почива на нивната револуционерна борба и преродбеништво. Нивната бугарска определба мора да се посматра во историски контекст и, што е поважно, таа не го дефинира нивниот доминантен идентитет.

„БУГАРИ“ ШТО БАРААТ ДА ПИШУВААТ НА МАКЕДОНСКИ ПРАВОПИС

Во прилог на тоа оди и фактот што одделниот македонски идентитет, чија карактеристика е и јазикот, не бил воопшто туѓ кај македонската емиграција во Софија на почетокот на минатиот век. Како што пишува д-р Илија Јосифовски во својот ракопис „Вистини и заблуди за националната преродба на македонскиот народ“ (2007) тоа најпластично може да се види од протестното писмо на Управниот одбор на Илинденската организација (1921 г.) и на редакцијата на нејзиниот весник „Илинден“ упатено до министерот на просветата на Бугарија, поради забраната весникот да се печати на „македонски правопис“. Еве што Илинденците му пишуваат на министерот.

„Ќе се согласите со нас, дека ние што војуваме за независна Македонија имаме право и на независен правопис и дека правописот на бугарската држава е задолжителен за вашите Бугари, но не и за Бугарите во Македонија, за македонските емигранти во Америка, во Романија, во Турција и најпосле во Бугарија… Така Турците во Бугарија имаат право да издаваат весници и списанија на турски јазик, Ерменците – на ерменски, Русите – на руски, без разлика дали тие се области присоединети кон Бугарија или се емигранти. Зошто тогаш да не ни се дозволи и нам, на Македонците, да пишуваме на својот сопствен правопис, а таков ние си имаме Господине Министер. Тој ни е даден од нашите татковци Кирил, Методија и Климент, и вие, Русите, Србите што го зедовте од нас можете да го менувате како што сакате, но ние не можеме да го менуваме додека по тоа прашање не се произнесе идното Македонско основачко собрание што ја претставува целокупната волја на Бугарите во Македонија…. По сето изложено, Господине Министер, би било доблест од ваша страна да ни го признаете правото на туѓо население бидејќи е емигрирано во туѓа земја; би било доблест да ни дозволите и на дело да се одделиме од вас…“

Значи, иако велат дека се македонски Бугари, Македонците од Илинденската организација бараат да пишуваат на македонски правопис, а во писмото тврдат дека во Бугарија се чувствуваат како во туѓа земја. Д-р Јосифовски за нивната определба како Бугари вели:

Навистина би било многу наивно да се бара во документи со таква содржина и упатени до владата на земјата во која нашите емигранти живееле и ја обезбедувале својата егзистенција тие да се перчат и отворено да велат дека не се Бугари. За нив било сосема доволно, прво, што се нарекувале Македонци, второ, што можеле јавно да кажат дека Бугарија не е нивна држава и дека тие во неа се чувствувале како туѓинци, како Турците, Русите, Ерменците и други. Зарем е можно, зарем е логично вистински Бугари во својата национална држава да бараат да се чувствуваат како „туѓо население во туѓа земја“, како туѓинци со различни национални интереси?“.

Јас би додал дека нивното барање да пишуваат на македонски правопис, фактот дека во Бугарија се чуствувале како во туѓа земја, се доволен доказ оти нивниот македонски идентитет ја надминувал определбата Бугарин.

ГОЦЕ КАКО ЧЕ ГЕВАРА

Да се вратиме на Исус Спасителот. Ако тој е првиот и најголемиот Христијанин, иако бил Евреин, зошто тогаш Гоце да не биде најголемиот Македонец, без оглед на чувствата и определбите!? Се разбира, Гоце, за разлика од Исус, се занимавал со револуционерно дело, а не со проповеди кон своите следбеници.

Климент Шапкарев, син на великиот Кузман Шапкарев и соборец на Делчев, на 6 мај 1934 г. држи беседа на Гоцевото утро, организирано од македонското добротворно друштво „Гоце Делчев“ во Пловдив. Беседата е издадена како брошура со наслов „Спомени и мисли за Гоце Делчев“. Во неа Шапкарев вели:

„Да се родеше Гоце пред 2000 години, кај Евреите, дали ќе станеше поддржувач на Исус? Не, Гоце не проповедаше – на Царот царевото, на Бога божјето, ниту, ако те удрат од едната страна, сврти ја и другата. Тој и Евреите би ги повикал на масовно организирање, масовна вооружена борба против Римјаните и фарисеите.“

Гоце по дело е револуционер, како што самиот вели, а идеолошки и политички е социјалист и анархист, така што, кога станува збор за неговиот идентитет, не смее да се исклучи од предвид неговата наднационална револуционерна кауза, борбата за социјална правда и слобода. Еве што за тоа вели Шапкарев:

„Си мислам ако Македонија се ослободеше, што ќе правеше Гоце? Ќе отидеше во Ерменија, таму да стане апостол и другар на ерменските револуционери или во Албанија да ги подготвува за масовна револуција, сознание и слобода албанските револуционери. А ако сите се ослободеа политички, тој би бил прв во борбата за економски и културни воздигнувања и достигнувања во примамлива љубов меѓу сите луѓе.“

Гоце, со други зборови, е балканскиот Че Гевара, или подобро речено негов претходник (Че Гевара е Аргентинец по потекло, но еден од водачите на револуцијата во Куба, а потоа и учесник во револуциите против диктаторските режими во Конго и Боливија).

„Гоце, Македонија беше малечка за твоето знаме… Твоето знаме ќе свети како ѕвезда на небото над сите народи и за сите времиња. “, вели Шапкарев, кој и покрај тоа што го велича неговиот придонес за бугарскиот род, очигледно сугерира формула како да се запише Гоцевиот идентитет.

Но Шапкарев, исто така, како да ја предвидува и иднината:

„Откако Македонија мила ќе се ослободи, за Гоце ќе спорат и големите родољуби-патриоти и револуционерите, и социјалистите и комунистите и анархистите…“

Тој веројатно не ни сонувал дека за Гоце еден ден може да спорат и Бугарите и Македонците, но современата македонска нација денес е историски факт, а својата преродба ја зачна токму кон крајот на минатиот и почетокот на овој век, со саможртвата на Гоце Делчев и припадниците на македонската револуционерна организација, за да се етаблира конечно со победата против фашизмот во Втората светска војна како слободна, демократска татковина на сите Македонци и другите народи што живеат во Македонија.

Зоран Димитровски

(Aвторот e генерален секретар на Демократскиот сојуз и заменик министер за локална самоуправа. Ставовите изнесени во текстот се негови лични гледишта и не ги одразуваат ставовите на Министерството за локална самоуправа или на Владата на РС Македонија)

Back to top button
Close