Голем интерес за скринингот во училиштата, активни се 8.143 ковид случаи  

Активни се 8.143 случаи во државава од кои најголем број 4467 се во Скопје. Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, при направени 2.808 тестови регистрирани се 905 нови случаи со ковид-19 од кои 161 се реинфекции, 10 починати и 1.565 оздравени пациенти.

Министерството за здравство вчера соопшти дека почна скринингот во училиштата и завршена е првата фаза за добивање и обработка на согласностите од родителите. Според МЗ, голем е интересот за учество во скринингот и досега се добиени околу 5.000 согласности од родители на деца во основните училишта во Скопје.

-Врз основа на добиените согласности, направен е план и распоред за реализација на скринингот на терен и тој веќе се врши во неколку основни училишта во Скопје. Скринигот продолжува во понеделник. Во рамки на првата фаза ќе бидат опфатени училиштата на територија на град Скопје, а ќе бидат вклучени медицински екипи од Центарот за јавно здравје и Здравствениот дом Скопје, информираат од Министерството.

Сите активности за спроведување на скринингот се одвиваат во постојана координација со Министерството за образование и наука.

Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 291.820, бројот на оздравени пациенти е 274.808, а на починати е 8.869

 

Back to top button
Close