Голем пад на потрошувачката доверба во САД
Довербата на потрошувачите во САД опадна многу ниско изминатиот месец а во позадина на загриженоста од променливите економски политики на администрацијата на Доналд Трамп и ефектот од зголемената инфлација.
Загриженоста е и поради кратењата на работните места во федералната влада.
Индексот на потрошувачката доверба што го спрема Универзитетот на Мичиген, внимателно следен од аналитичарите и еконмистите, кон средината на март се намалил за 11 отсто, многу полошо од очекувањата, јави Волстрит журнал. Ова е најниско ниво од 2022 година и трето последователно намалување во исто толку месеци.
Споредбено со истиот период лани расположението на потрошувачите е пониско за 27 отсто. Губењето на довербата може да биде пречка за економскиот раст – потрошувачите може да ги одложат или откажат планираните купувања доколку се чувствува песимизам за иднината.
Многу потрошувачи ја наведоа високата неизвесност околу економските политики и другите фактори како причина за загриженоста, изјави Џоан Хсу, директорка на истражувањето од Универзитетот на Мичиген.
Иако инфлацијата во САД забави повеќе од очекуваното во февруари, според податоците на Министерството за труд, тоа можеби ќе донесе малку олеснување за потрошувачите и Федералните резерви доколку царините доведат до повисоки цени во наредните месеци. „Честите промени во економските политики го отежнуваат планирањето за иднината, без разлика какви политички ставовиимате“, додаде Хсу.
Администрацијата на Трамп неделава воведе царини од 25 отсто за увозот на челик и алуминиум . Ова предизвика трговска војна со партнерите од Северна Америка и Европа. САД претходно воведоа царини на сите стоки од Канада и Мексико, па потоа го одложија тоа за почетокот на април.
Администрацијата тврди дека царините ќе поттикнат Американците да купуваат повеќе домашни производи, а тоа ја помага американската индустрија и води кон раст. Критичарите велат дека царините претставуваат дополнителен данок за увозниците, кои ќе бидат принудени непланираните трошоци да ги префрлат врз потрошувачите со ставање повисоки цени.