Голем пад во перцепцијата за влијанието на ЕУ: Европскиот сон сè уште блеска, но европската реалност станува лош сон за С Македонија

Според анализите на ИДСЦС, мнозинството граѓани сметаат дека Северна Македонија не треба да отстапи во однос на бугарските барања поврзани со ревизија на историјата (71%), јазикот (79%) и положбата на бугарското малцинство (65,4%)

 

Перцепцијата на граѓаните за ЕУ како најголем сојузник на земјата се намали од 43,2 отсто во 2019 година на 13,1 проценти во 2021 година, додека перципираното влијание на ЕУ во Северна Македонија се намали на најниско рангирање во последниве години

 

Оптимистички набљудувач би заклучил дека поддршката за македонското членство во ЕУ е релативно стабилна на околу 70 проценти. Но подлабок увид во структурата на ставовите дава сива слика, оцени претседателот на Институтот за демократија (ИДСЦС), Марко Трошановски, на денешната презентација на две истражувања во врска со перцепцијата за влијанието на ЕУ во земјава, во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“.

Тој нагласи дека наодите од анализите покажуваат дека европскиот сон сè уште блеска, но европската реалност за Северна Македонија станува лош сон.

Нема голема промена во поддршката за членство во ЕУ

 

Новата блокада на процесот на пристапување на С Македонија во ЕУ не ја промени значително поддршката за членство во ЕУ. Во 2021 година, 68 отсто од населението ја поддржува идејата за членство во ЕУ, но македонските граѓани не се доволно информирани во врска со траекторијата и временската рамка на процесот на пристапување.

Мнозинството граѓани сметаат дека Северна Македонија не треба да отстапи во на однос бугарските барања поврзани со ревизија на историјата (71%), јазикот (79%) и положбата на бугарското малцинство во земјава (65,4%).

Перципираното влијание на ЕУ во Северна Македонија се намали на најниско рангирање во последниве години (од 44,8 проценти во 2019 година на 9,5 отсто 2021 година). Само малкумина Македонци гледаат на ЕУ како на субјект со најголемо влијание (7,8%).

ЕУ и Западен Балкан во маѓепсан круг на меѓусебен некредибилитет

 

Перцепцијата на граѓаните за ЕУ како најголем сојузник на земјата се намали од 43,2 отсто во 2019 година на 13,1 проценти во 2021 година. Во исто време, процентот на испитаници кои одбиваат да одговорат на ова прашање се зголеми од 1,3 во 2020 година на 17,6 отсто во 2021 година. Повеќе од половина од испитаниците (56%) поддржуваат поблиско сојузништво меѓу сегашните партнери од „Отворен Балкан“ во рамките на процесот на интеграција во ЕУ.

 

„Неспроведувањето на домашните реформи и блокадата од нашите соседи се клучни причини за стагнација на земјата во нејзините амбиции за ЕУ. Унијата и Западен Балкан влегоа во маѓепсан круг на меѓусебен некредибилитет. Оваа стагнација го намали значењето на ЕУ во личните преференции на граѓаните, особено на етничките Македонци. Четириесет и пет отсто од Македонците би поддржале Евроазиска унија, предводена од Русија. Перцепцијата за влијанието на ЕУ опадна од 34 на девет отсто и за првпат Македонците повеќе од етничките Албанци ги сметаат САД за повлијателни во ЕУ“,вели Трошановски.

Опструкциите од соседните држави перципирани како најголем проблем

 

Даниел Браун, директор на Канцеларијата на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Северна Македонија, смета дека разочарувањето на граѓаните за се уште не отпочнатите преговори е мерливо.

„Како германска институција можеме без резерви да кажеме дека, без разлика на која политичка опција е на власт, Германија секогаш ја поддржувала земјата на патот кон ЕУ. Истовремено самата Германија не успеа да ги убеди соседите на Северна Македонија да се откажат од идентитетско-политички мотивирани барања за доброто на поголемата цел на ЕУ интеграцијата и разликите како рамноправни партнери да ги решаваат во рамките на самата ЕУ. Ова резултира со губење на довербата во политичките кругови, но и особено од страна на населението“,

рече Браун.

Германската амбасадорка Анке Холштајн рече дека, и покрај напорите на Германија, сè уште е постои блокадата за Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ.

„Многу земји членки ја сфаќаат штетата што е направена за Северна Македонија, на репутацијата на ЕУ во регионот и општо на самата Унија. Прашањето со Бугарија е голем предизвик, но не е неостварлив. Важен е континуираниот напредок на земјата и исполнување на реформите. Германија ќе продолжи да го подржува овој пат на Северна Македонија полн со предизвици“,

рече Холштајн.

Многу земји членки ја сфаќаат штетата што е направена за Северна Македонија, на репутацијата на ЕУ во регионот и општо на самата Унија, рече германската амбасадорка

 

Иван Дамјановски, автор на една од публикациите, истакна дека анализата покажува дека новата блокада на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ не ја промени значително поддршката за членство во ЕУ.

„Опструкциите од соседните држави се перципирани како најголемиот проблем за напредокот во пристапниот процес“,рече Дамјановски.

Анамарија Велиновска, автор на една од анализите, оценува дека, во време со намален кредибилитет на ЕУ и без видливи поместувања во процесот на пристапување, граѓаните се чувствуваат значително повеќе дезориентирани од кога било досега.

„На граѓаните им е сè потешко да препознаат потенцијален странски фактор со најголемо влијание, најголемиот сојузник и донатор на државата“,додава таа.

Back to top button
Close