Голем пожар во близина на Атина
Голем пожар избувна во близина на пристанишниот град Рафина во источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина и поради силниот ветер брзо се прошири, а од бројот 112 беше испратена порака за евакуација до оние кои се наоѓаат во три населени места во непосредна близина, јави дописничката на МИА од Атина.
Портпарлот на Противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис попладнево информираше дека во пожарот интервенираат 170 пожарникари со осум пешадиски тима, 48 возила и волонтери, а од воздух се гасне со 17 авиони и седум хеликоптери, од кои еден е за координација
Дополнително, рече дека полицијата интервенирала во 300 евакуации и 51 извлекување на заглавени граѓани.
Поради пожарот во прекин е сообраќајот на неколку улици.
Огнените јазици се во близина на домови во населби кои сепак не се густонаселени, а според грчките медиуми, предизвикана е материјална штета на неколку куќи.
Ватракојанис посочи дека штетата дополнително ќе се процени, откако ќе биде изгасен пожарот.
Во Рафина е едно од трите атински пристаништа, а поради пожарот, траект од Евија се врати на пристаниште од каде што отплови.
Поради пожарот, министерот за климатски кризи и цивилна заштита на Грција Јанис Кефалојанис свика вонреден состанок на кој било истакнато дека главен приоритет беше заштита на граѓаните, жителите и посетителите, како и ефикасно управување и зајакнување на оперативното дејствување.
-Ова е многу тежок пожар во мешана област со шума и куќи, потребно е да бидеме во постојана готовност, порачал министерот.