Голем шумски пожар беснее на Евбеја, наредени евакуации на населението

Повеќе населени места на грчкиот остров Евбеја се соочуваат со опасност од голем шумски пожар, поради што властите наредија превентивна евакуација на жителите, додека силниот ветер дополнително го отежнува справувањето со огнената стихија.

Пожарот избувнал во близина на селата Месохорија и Раптеи во попладневните часови, а грчката противпожарна служба веднаш упатила апел до населението да го напушти подрачјето поради опасноста огнот да се прошири кон станбените области.

Според медиумските извештаи, во гаснењето на пожарот се ангажирани околу 120 пожарникари со 35 противпожарни возила, како и седум хеликоптери и осум авиони. Локалниот медиум „Евима“ објави дека огнената линија опасно се приближува до домовите.

Силните ветрови во регионот значително ги отежнуваат напорите за локализирање на пожарот, а метеоролозите предупредуваат дека ваквите временски услови ќе продолжат и во текот на неделата.

Ова е првиот голем шумски пожар во Грција оваа година. Земјата и натаму ги памети катастрофалните пожари од 2021 година, кога на Евбеја беа уништени илјадници хектари шума во една од најтешките природни катастрофи во поновата историја на Грција, објави Скопје1.мк.

Back to top button
Close