Голем шумски пожар кај Крива Паланка – зафатени над 50 хектари борова шума, огнот се шири кон Србија

Пожар со големи размери беснее во атарот на село Нерав, Крива Паланка, зафаќајќи над 50 хектари борова шума и проширувајќи се кон територијата на општина Ранковце (село Герман), како и кон општина Трговиште во Република Србија.

Како што информираат од Општина Крива Паланка, огнената стихија била пријавена од локалното население во текот на денешниот ден, по што веднаш се активирани повеќе служби и екипи за справување со пожарот.

Во гаснењето се вклучени екипи од Територијалните противпожарни единици на Крива Паланка, Ранковце и Трговиште (Р. Србија), како и вработени од ЈП „Македонски шуми“ – Подружница Крива Паланка и жители од селата Нерав и Трговиште.

Пожарот сè уште не е ставен под контрола, главно поради тешко пристапниот терен и густата борова вегетација, и претставува сериозна закана и во наредните часови. Акцијата за гаснење ќе продолжи и утре изутрина.

Од Општина Крива Паланка апелираат до граѓаните да се воздржат од движење во шумски и планински предели, како и строго да ги почитуваат упатствата на надлежните служби, со цел да се заштити нивната безбедност и да се олесни работата на екипите на терен.

Локалната самоуправа останува во постојана координација со сите релевантни институции и ќе ја информира јавноста за развојот на ситуацијата.

Back to top button
Close