„Голема Србија“ низ диви води?!
Мерсел Биљали
Две илјади години стара мудрост од Цицерон вели: „Законите стануваат по глупави додека империјата се приближува кон својот крај“. Лудилото на антички Рим отишло дотаму што Калигула го прогласил својот коњ за сенатор, а Нерон го запалил Рим за да добие инспирација да напише песна.
Веќе подолг период Западен Балкан е заложник на хаотична ментална состојба на Вучиќ и неговиот верен слуга Додик. Српски аналитичар вели – „тоа е типичен балкански пример како едни наместо рехабилитација по институти за ментално здравје, тие водат држави“! И тоа во име на некаква личната среќа, а на сметка на целата овдешна колективна несреќа. Додека Додик провокативно ќе ја пее песната „Јачи смо од судбине“ во дуел со неговиот шеф од оваа страна на Дрина, милиона млади Срби ги затворат ушите. Уморни се од профитер-политичари чие хоби се час заканите со отцепување, час глумењето смирена и насмеана мајка на добро воспитано дете која дома вреска како ненормална. Со години ветуваа мед и млеко, а во реалноста лук и вода.
И тоа во време кога тектонските плочи на меѓународната безбедност сериозно се поместени. ОН, Советот за безбедност, ОБСЕ и други меѓународни структури веќе наликуваат во невладини здруженија, и кога единствена функционална меѓународна безбедносна формула останува – „снајдете се сами“! Членките на меѓународната заедница не можат веќе да се договорат ниту околу тоа колку дена има неделата! А нам тука во Балканот брзо мирот ни станува здодевен!
По видливото слабеење на меѓународниот безбедносен систем и кршењето на кормилото на НАТО, Вучиќ и Додик тргнаа кон долгогодшната нивна фантазија наречена „српски свет“, што е синоним и акроним за „Голема Србија“. Таквиот проект би ги вклучил Србија, Република Српска, Косово и Црна Гора (па дури и Македонија)! Додик по кој знае кој пат пак прогласи сецесија од БиХ, но ете за несреќа пак чемецот негде му заглави! Можеби поради звучниот топ кој заплашува против големата тишината што силно одекнува!
Во меѓувреме, Хрватска, Албанија и Косово потпишаа заедничка „Декларација за одбранбена соработка“, која е синоним за некаков заеднички одбранбен сојуз, соодветно заканите од Србија и Република Српска. Трите регионални држави имаат за цел „да ја зголемат безбедноста во Југоисточна Европа и да ја подобрат подготвеноста против сегашните и идните закани“, се вели во текстот на „Декларацијата“ што го објави хрватското Министерство за одбрана, откако договорот предизвика остри критики во Србија. Сигурни извори велат дека сега се разговара за вклучување и на Бугарија кон договорот. Изгледа српскиот проект за „велика Србија“ стана ептен добар акумулатор за колективен регионален гнев.
Официјално се вели дека трите држави потпишаа декларација за зајакнување на воената соработка, потврдувајќи ја – „намерата за зајакнување на трилатералната безбедносна и одбранбена соработка за подобрување на безбедноста и стабилноста во Југоисточна Европа и Јадранско-јонскиот регион“, нагласувајќи ја „важноста на заедничките напори во одговорот на новите безбедносни предизвици, хибридните закани и другите ризици кои можат да ја загрозат европската и меѓународната стабилност на регионот“.
Србија жестоко протестирала дека „ова е прекршување на субрегионален договор за контрола на вооружувањето од 1996 година, но од реакциите од Хрватска и некои други делови од регионот видовме дека тие не се многу заинтересирани за тој договор. Речиси сум убеден дека НАТО не бил ниту информиран и дека не им било ни кажано кои договори се прекршени“ – рече конфузно Вучиќ.
Хрватскиот министер за одбрана Иван Анушиќ на „X“ рече дека помина времето кога Хрватска го прашувала Белград што смее и како треба да го направи тоа. Кога станува збор за содржината на декларацијата, тој истакна дека соработката со Албанија и Косово е фокусирана на размена на знаења, соработка меѓу воените индустрии и поддршка на евроатлантскиот пат итн.
Декларацијата идентификува четири области на соработка – промовирање на одбранбените способности и индустриска соработка; подобрување на интероперабилноста преку едукација, обука и вежби; борба против хибридните закани и зајакнување на отпорноста и поддршка на евроатлантските интеграции.
Тоа, меѓу другото, значи дека ќе се истражат „можностите за развој и стекнување одбранбени способности преку мултинационални решенија за зголемување на подготвеноста на воените сили“, како и зголемување на „инвестиции во нови технологии и иновации за забрзување и обезбедување унифициран пристап кон безбедносната и одбранбената трансформација“.
Без конкретни детали, министрите за одбрана на трите земји порачаа дека ќе ја зголемат интероперабилноста на нивните армии преку едукација, обука и заеднички вежби, како и ќе се вклучат во борбата против хибридните закани, но и ќе ги координираат политиките за евроатланска интеграција.
Kако и да е, факт дека бродот на „Српскиот свет“ (Голема Србија) плови низ крајно опасни диви води и дека прашање на моменти кога ќе се скрши по тие големи карпи.
Не се вели за џабе – со свој камен по своја глава! Смешни се тврдењата дека и Србија сега разговара за свој воен блок. Имено, според српски Курир, Вучиќ и унгарскиот премиер Орбан веќе се во преговори за контрасојуз, кај што наводно би влегле и Македонија и Република Српска!
Треба да се додаде дека во овој момент веста за ваков евентуален сојуз не е официјално потврдена, а веста ниту Вучиќ ниту Орбан не ја коментираат. Но тоа ќе беше најкратко можниот пат за европско расчистување со Орбан кој во Брисел веќе има наполнето многу вреќи гнев.
Башка што малдите Срби се пробудија. Тие не сакаат веќе во име на сè-српството, да ја прокоцкат нивната иднина за финансиските интереси на Вучиќ, Вулин и Додик. Тие докажаа дека можат да соберат над пола милион незадоволници. Да пробате да газите по толкав нормален свет – во најмала рака можете да завршите како Чаушеску.
Само Србите не можат да живеат со други?!
Балканот со децении е во психичка тортура поради аспирациите на одделни српски политичари за голема Србија. Во име на таквиот нивен „идеал“ во регионот беа водени неколку крвави војни.
И една силна Франција се согласува повеќе од четири милиони етнички Французи да живеат надвор од нивната матична држава (околу 24 отсто од населението во Белгија се Французи, а во Швајцарија околу 20 отсто). И силната Германија не оспорува дека околу 29 проценти од етничките Германци живеат во други држави – Австрија, Холандија и Швајцарија. Дури и Русите живеат во трите балтичките земји.
Со Украина војуваат за други причини, а етничкото им е само покритие. По која логика Вучиќ како и неговите претходници кои водеа крвави војни мислат дека сите Срби мора да живеат во иста држава? Па та самата го држи Санџак кај што живеат други, потоа што ќе прави со повеќе-етничката Војводина, со Прешевската долина итн?!
Надежта дека тука е „мајката“ Русија, е голема фантазија.
Таа веќе три години е заглавена во калта на Украина. Едно време за неколку часа таа ги окупираше Унгарија (1956) и Чехословачка (1968), ама тоа е веќе далечно минато. Работите се сменија. Русија е веќе многу е ослабнета. Украина деновиве ја промовира сопствената чудо од ракета наречена „Нептун“, која се смета за легенда од крстосувачка ракета со домет од над 1.000 километри.
Мината недела таа успешно ја тестираше таа нејзина прва крстаречка ракета со долг дострел, погодувајќи рафинерија за нафта во Туапсе, во рускиот регион Краснодарски. Нападот предизвика голем пожар со кој пожарникарите се бореа цели три дена. Украина веќе успеала да оневозможи околу 10 отсто од рускиот капацитет за преработка на нафта.
Каде е Македонија!?
Македонската влада треба да престане да флертува со режимите на Вучиќ, Додик и Орбан. Цела Европа го има изолирано Орбан, а нам тој ни стана ептен „голем брат“! Дека тој ќе ни ги реши проблемите со својата Рубиковата коцака е надвор од секој елементарен ум! Власта направи суштинска грешка што го донесе Додик во Скопје, кого освен Србија, Унгарија и Русија, ниедна друга европска држава не го прифаќа, бидејќи е на сите можни црни листи. Нему не му помогнал ниту капата од Трамп (МАГА).
За голема жал власта, трошејќи ја својата енергија додворејќи му се на ѓаволот, го доведе дома пеколот. Ние треба да разбереме дека не сме кадар за големи игри, било тоа и тука регионални! Прва задача треба да ни е грижата за младите кои сè помалку ги има тука! А некои ни завршуваат трегично. Потребна е нова истрага, вклчитено и за продажбата на лесно запаљивите модуларни болници!