Големите заблуди на малите партии за изборниот модел
Патот до една изборна единица со отворени листи е поплочен со добри намери (малку), фрустрации од лоши изборни резултати (прилично) и многу површност и незнаење.
Дегутантно е да се слуша кога поедини политичари се служат со флоскули, општи места и празни фрази обидувајки се да и го продадат на јавноста овој изборен модел. Мотивирани единствено од проценката дека на овој начин ќе освојат пратеник или два, тие ги пренебрегнуваат или најчесто не ги ни знаат слабостите и придружните негативни ефекти.
Кога се разгледува одреден изборен модел може да му се пристапи од аспект на интересот на одредени политички партии или од аспект на функционирањето на политичкиот систем. По правило овој вториот аспект најчесто се занемарува, а нагласокот е на партикуларните интереси. Уште повеќе, се зема во предвид само некоја издвоена карактеристика која се смета за поволна во даден момент, за сметка на целината. Сепак, изборниот систем е еден од најважните потсистеми и заслужува многу поголема сериозност и внимание.
Во јавниот дискурс најинволвираните и најповиканите демонстрираат елементарно непознавање на суштината и со неподнослива леснотија нудат решенија кои тоа не се. Би се очекувало кон ваква сериозна тема да се пријде со поголема претпазливост и владеење на материјата. Се зборува за една единица со отворени листи, а се нуди предлог кој не ги одразува декларативните заложби; се зборува за тој модел, а не се земаат предвид неговите негативни страни; се зборува за тој модел, а не се земаат и анализираат неговите различни варијанти.
Во претходниот текст констатирав дека се зема здраво за готово дека учеството на што повеќе партии во парламентот е вредност само по себе и елаборирав дека не е така. Покрај ова се занемаруваат очигледните слабости кои овој модел го прикажуваат во сосема поинакво, неповолно, светло. Дел од негативностите произлегуваат од концептот за една изборна единица, а друг дел од отвореноста на листите. Всушност постоењето на една изборна единица го прави овој модел практично и технички тешко спроведлив , а особено ако листите се отворени кога станува целосно нефункционален. Дали предлагачите имаат претстава како би изгледало избирачкото ливче во такви околности, 40 до 50 партии и кај секоја наброени по 120 кандидати за пратеници. Резултатот би бил “чаршаф” од неколку метри или мала скрипта од десетици страни. Непрактично и за гласање и за броење, подложно на бројни и лесни манипулации. Можноста 120 пратеници од секоја партија за само 20 дена да се претстават адекватно на територијата на целата држава е еднаква на нула и укажува на непрактичност и чиста формалност која воопшто не нуди реална демократичност на процесот.
Контрадикторни се и претпоставките од кои се поаѓа. Се тврди дека на овој начин ќе се зголеми претставеноста на различните сегменти на општеството. Сосема спротивно, праксата потврдува нешто друго. Географската претставеност, односно непретставеност, е една од повеќето карактеристики кои се типични кога е во прашање една изборна единица. Во соседна Србија каде се практикува една изборна единица 100, од околу 170 општини, немаат ниту по еден пратеник. Од ниту една партија. Следствено на ова доаѓа до таканаречена метрополизација, односно до преголема застапеност на пратеници од неколку најголеми центри со што помалите места би биле уште поизолирани и запоставени. Патем, во Србија, во која околу две децении е во примена моделот со една изборна единица, постои политички консензус помеѓу сите партии и стручната јавност дека тој модел мора да се менува.
Со овој модел доаѓа и до други негативни нуспојави. Кај отворените листи не може да се спази адекватната застапеност на женскиот пол. Едноставно како и да ги распоредувате кандидатките на листата не можете да бидете сигурни како гласачите ќе ги поделат преференцијалните гласови. Истото важи и за старосната, образовната и веќе споменатата географска структура. Понатаму овој модел негативно влијае и врз партиската кохезија, а доведува и до естрадизација.
Засебен проблем претставува изборниот праг, односно воведувањето цензус. Малите партии се залагаат за една изборна единица надевајки се дека главните играчи ќе им овозможат да се натпреваруваат без цензус, односно со природен праг кој, патем, кај нас изнесува 0,83 посто. Притоа се поставува прашањето зошто би било прифатено такво нешто кога никаде не постои таков модел освен донекаде во Холандија, каде гласовите се распоредуваат на национално ниво, меѓутоа со регионални единици за гласање. Во сите останати држави постојат изборни цензуси кои вообичаено се движат од 3 до 5 посто. Веќе 3 посто не и одговара на ниедна мала партија, при што ја изземам Левица која според рејтинзите доаѓа во рангот на ДУИ. Кај не мал број на држави постои и диференциран изборен цензус кој ги обесхрабрува предизборните коалиции на малите партии со идеја да се спречи хиперрепрезентативноста.
Нешто околу различните варијанти на моделите со отворени листи. Тие можат да бидат целосно или делумно отворени, но и затворени со неблокирани листи кои исто така според своите карактеристики спаѓаат во отворените. Сите тие имаат свои подваријанти со што се нуди широка лепеза на можности кои целосно отсуствуваат во понудата која е присутна кај нас. Важно прашање кое исто така се изостава од расправата е (не)задолжителноста на преференцијалното гласање и неговото влијание врз валидноста на гласачките ливчиња.
Интересно е овде да се каже и што покажуваат симуациите за една изборна единица врз база на постигнатите резултати на изборите од 2002 наваму, од кога е во примена чистиот пропорционален модел. Напоменувам дека симулациите се правени со претпоставка да нема изборен праг. Навистина тие симулации покажуваат дека од 3 до 9 партии или коалиции повеќе би влегле во Собранието, меѓутоа некои партии кои на тој начин би освоиле по 1 пратеничко место, во постоечкиот модел, влегувајќи во предизборни коалиции освојуваат по 2-3 пратеника. И најважно, и со ваква симулација, победниците пак би биле победници и не би имало значајни поместувања.
Сосема за крај една забелешка за локалните избори. Моделот со отворени листи е многу поприменлив на локално ниво. Зошто, затоа што единиците на локална самоуправа природно претставуваат една изборна единица на мала територија, кандидатите за советници лесно можат да се претстават во предвидениот рок од дваесетина дена, листите се пократки, со помалку кандидати и сл. Секако дел од слабостите се рефлектираат и таму, а треба да се расчистат и некои дилеми кои се присутни и кај парламентарните избори. Во секој случај за да се спроведат локалните избори со отворени листи неопходен е целосно нов текст на законот. Понудениот, кој веќе се наоѓа во Собранието, е толку неквалитетен и неприменлив што не треба ни да се споменува.
Љупчо Довичински
политиколог