Големо мнозинство Германци се незадоволни од новата влада

Новата германска влада, предводена од канцеларот Фридрих Мерц (ЦДУ), наскоро ќе биде на власт цели сто дена (14 август), што е вообичаениот момент за првата политичка проценка.

Мерц досега најмногу се истакнуваше на надворешнополитичкиот фронт – го посети американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, постојано ја поддржуваше Украина во борбата против руската агресија и го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да покаже воздржаност во Газа.

 

На внатрешен план, владата се истакна со својот построг курс кон миграцијата.

 

Како граѓаните го оценуваат ова постигнување, една недела пред крајот на првите 100 дена?

 

 

Многу лоши оценки за владата и канцеларот

Што се однесува до сојузната влада, моментално 69 проценти од граѓаните се незадоволни од нејзината работа, додека само 29 проценти велат дека се задоволни.

Слично е и кога станува збор за канцеларот Фридрих Мерц: 65 проценти се незадоволни, додека само 32 проценти се задоволни од работата на канцеларот лично.

Според АРД Дојчландтренд, 50 проценти од испитаниците веруваат дека Мерц не е дораснат за функцијата. Од друга страна, 42 проценти од испитаниците веруваат дека тој е дораснат за функцијата канцелар. Дури 56 проценти веруваат дека тој не е способен добро да управува со Германија во кризни времиња, додека 29 проценти веруваат дека е.

Кога станува збор за неговата политика кон Украина, повеќе од половина од анкетираните – 57 проценти не се задоволни – додека 34 проценти се задоволни од Мерц во таа област.

Уште и пред да биде избран за канцелар, Мерц овозможи Бундестагот да ја олабави строгата „кочница за задолжување“ на Германија. Планирано е во наредните години да се инвестираат 500 милијарди евра во железница, патишта и училишта, а уште повеќе во модернизација на Бундесверот.

Тоа е јасен пресврт од предизборните ветувања на конзервативците дека нема да има ново задолжување. Дали тоа го оштети имиџот на Мерц? Сега дури 66 проценти од испитаниците веруваат дека Мерц не е личност на која може да се верува.

А неговата популарност се намали за 10 процентни поени во споредба со последната анкета и сега е на 32 проценти и е на третото место, зад Маркус Зедер (38%) и Борис Писториус (60%), кој одамна се држи на првото место.

 

 

Блискиот Исток: Германците се најзагрижени за заложниците

Кратко откако стана канцелар, Мерц во едно интервју изјави дека повеќе не ги разбира целите на израелската армија во Газа. Неодамна упати јасен апел до Нетанјаху да ги ублажи страдањата на околу два милиони луѓе во тесниот крајбрежен појас.

За разлика од Франција, Велика Британија и Канада, Германија сè уште не сака да признае палестинска државакако одговор на ситуацијата во Газа. Мерц допрва ќе одлучува за евентуални санкции против Израел. Дали граѓаните го поддржуваат тој курс?

Фридрих Мерц и Бенјамин Нетанјаху се ракуваат во Израел, 2024 година, зад нив се знамињата на Германија, ЕУ и ИзраелФридрих Мерц и Бенјамин Нетанјаху се ракуваат во Израел, 2024 година, зад нив се знамињата на Германија, ЕУ и Израел

Според АРД Дојчландтренд, судбината на заложниците што сè уште ги држи исламистичката терористичка група Хамас останува врвен приоритет за Германците – ова го потврдија дури 72 проценти од нив.

Нешто помало, но јасно мнозинство (66 проценти) смета дека германската влада треба да го зголеми притисокот за да го принуди Израел да го промени својот курс.

На изјавата дека „германската влада прави премалку за да им помогне на луѓето во Газа“ – 47 проценти од испитаниците одговориле потврдно, додека 39 проценти не се согласиле со изјавата.

И Мерц и неговиот претходник, Олаф Шолц (СПД), постојано нагласуваат дека Германија сè уште има посебна одговорност за безбедноста и постоењето на Израел. Но, меѓу испитаниците наАРД Дојчландтренд, сега само 31% од Германците го делат тоа мислење, пет проценти помалку отколку неодамна.

 

Поради Трамп: Сериозна загриженост за германската економија

Претседателот на САД, Доналд Трамп, продолжува да воведува драстични царини за земји од целиот свет. Тој постигна согласност со ЕУ Европа да плаќа царина од 15 проценти за одредени производи што ги извезува во САД, додека американскиот извоз во ЕУ е без царина. Тој договор со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предизвика бројни контроверзии.

Поради честопати нејасната царинска политика на Трамп, 65% од Германците се загрижени или многу загрижени за економската стабилност. Само 5% велат дека немаат никакви грижи. Сепак, во претходната анкета, тој процент на загрижени беше уште поголем – што се толкува како последица на непредвидливата политика на Трамп.

 

Трендот кон десно продолжува

Резултатите од изборите во февруари покажаа дека, како и во многу други земји, политичкиот тренд во Германија се движи кон десно и дека општеството станува сè пополаризирано. Делумно екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) ја дуплираше својата поддршка добиена на изборите во 2021 година, на околу 20%.

Доаѓањето на Мерц на власт на 6 мај не го запре тој тренд – напротив. Доколку изборите би се одржале следниот викенд, 27% би гласале за ЦДУ/ЦСУ, а АфД би се искачила на 24%. Другите три парламентарни партии – СПД (13%), Зелените (12%) и Левицата (10%) – остануваат на нивните претходни нивоа на поддршка.

За целите на ова истражување, институтот Инфратсте-димап помеѓу 4 и 6 август анкетираше 1.321 репрезентативно избрани граѓани на Германија со право на глас (dw)

Back to top button
Close