Големо понижување: Филтрациски логори и бегство од Мариупол

Руските окупатори во Донбас го проверуваат и идеолошки го распоредуваат населението во таканаречени филтрациски логори. Евакуирани луѓе од Мариупол за ДВ ги раскажаа своите приказни. Тие говорат за страв и беспомошност.

   

Уништени станбени згради во Мариупол

Поради постојаното гранатирање од страна на руската војска илјадници луѓе во опколениот Мариупол од почетокот на војната се кријат во подрумите. Според информациите од Киев, уништени се 95 отсто од градот. ДВ успеа да контактира тројца жители на Мариупол кои меѓусебно не се познаваат и кои успеале да го напуштат градот во Донбас. Сите тројца морале да поминат низ таканаречени филтрациски логори кои ги организирала руската војска – логори во кои се проверуваат идеолошки пред депортацијата во Руската Федерација.

Советскиот Сојуз за првпат такви логори формирал за време на Втората светска војна за да им влезе во трага на осомничените „предавници“ меѓу војниците повратници. Советникот на градоначалникот на Мариупол, Петро Андрушенко, за украинското радио изјави дека сега во градот постојат 4 такви логори.

Имињата на соговорниците на ДВ се променети поради безбедносни причини.

„Пишувајте што ви се кажува и не поставувајте прашања“

Димитри (31) на 21 март со сопругата и бебето го напуштиле Мариупол.

„Првите денови од војната беше прекината телефонската мрежа и немавме повеќе информации. Од 8 март седевме во подрумот, а околу 15 март во нашата куќа се појавија непријателски војници. Ни рекоа дека е можна евакуација во таканаречената ‘Народна Република Доњецк’. Но, таа евакуација беше прилично необична: луѓето бегаа додека се пукаше, настана целосен хаос. На крајот одевме околу 8 километри до контролен пункт и по 4 часа конечно го поминавме пунктот. Сите мажи мораа да ја соблечат облеката од горниот дел од телото. Ги проверуваа документите и работите кои се носеа.

Руски документ, кој покажува дека филтрацијата е успешно поминатаРуски документ, кој покажува дека филтрацијата е успешно помината

Потоа со автобуси нѐ однесоа до училиштето во Новоазовск. Три дена подоцна требаше да нѐ однесат некаде на филтрација, па во Русија, што дефинитивно не сакавме.

Две недели подоцна од пријатели дознавме дека во селото Безимјаноје постои можност сами да извршиме инспекција која се одвиваше во три фази. Во првиот шатор еден војник ме замоли да соблечам сѐ до долната облека. Бараше тетоважи и оружје. Потоа ми го зема телефонот и ги провери сите контакти и фотографии. Ме праша: ‘Каде сте живееле и работеле? Познавате некого од полкот Азов? Што мислите за политиката на Русија и на Украина?’

Во вториот шатор повторно ми го зедоа телефонот и отисоци од прстите. Исто така, ме фотографираа.

Последната етапа во третиот шатор беше најнепријатна. Еден војник ми рече да напишам изјава врз основа на шаблон во кој пишуваше дека сум запознаен со некој член од уставот на таканаречената ‘Народна Република Доњецк’. Кога прашав за содржината на членот, ми рече: „Пишувај она што ти се наложува и не поставувај непотребни прашања“. Тогаш ме прашаа за мојата работа и односот кон Русија и дали имам познанства во украинската војска. Своите одговори ги напишав во изјавата.

Сѐ помина мазно, можеби затоа што сум одговорил ‘точно’. Затоа што слушнав викотници и навреди на сметка на мажите кои прашуваа зошто Русија извршила инвазија, ги уништила нивните домови и нивните животи. Конечно добив еден лист кој ја потврдува завршената филтрација. Тоа ми овозможи да останам на територијата на таканаречената ‘Народна Република Доњецк’ и да влезам во Русија.

Потоа од Доњецк преку Русија заминавме за Полска. На руската граница видов брошури со натпис ‘Далечниот исток на Русија ве чека’. Слушнав од луѓето оти секој кој ќе ја прифати понудата ќе добие 10.000 рубљи (околу 300 евра) и некаква работа. Сега сме во Полска и сакаме да заминеме кај пријатели во Австрија.“

„Многу се плашев дека нема да ми дозволат да ја напуштам земјата“

ТВ-новинарката Ана на 24 март со сопругот и со детето го напуштила Мариупол.

„По неколку дена поминати во подрум, на 24 март одлучивме да побараме начин како да побегнеме. Сретнавме војник со бела лента кој кажа каде е местото за евакуација. Оттаму со автобус нѐ одведе во Володарск и понатаму во Доњецк, каде се сместивме во училиште. Мојот сопруг мораше да се соблече, му бараа тетоважи и оружје, мораше да каже каде работи и дали е против Русија.

Ме прашаа дали директорот на телевизијата во која работев има проукраински ставови и дали нѐ терал лошо да известуваме за Русија. Морав да наведам броеви на телефони на сите колеги од работа, да го објаснам својот политички став, на кој јазик сум ги водела програмите и на кој јазик зборуваат моите гости.

По еден час возење во насока на руската граница повторно нѐ запре истата војска. Ме изведоа од автобусот. Се плашев дека нема да ми дозволат да ја напуштам земјата. Потоа ми поставуваа уште прашања за моите познаници и ги копираа сите мои контакти.

Од руската граница до Таганрог нѐ одвезе друг автобус. Таму ни рекоа дека можеме да одиме каде сакаме ако имаме сместување. Бидејќи на мојот сопруг му беа потребни лекови кои ги нема во Русија, тргнавме кон Европа.“

„Во мене се буди омраза, поради што се срамам“

67-годишната Варвара мина повеќе од еден месец под оган во Мариупол. Таа го напуштила градот на 25 март со сопругот.

„Мојот сопруг и јас штедевме 40 години за да имаме достоинствен живот на старост. Сега сѐ е загубено. На 25 март руски војници се појавија во близина на нашата куќа каде што се криевме во бункер. Тие рекоа: ‘Ако не излезете за десет минути, ќе фрлиме граната и ќе ве разнесеме.’ Нѐ испратија во црква. Таму униформирани лица ни ги проверија пасошите и нѐ однесоа во селото Берџанское.

Потоа со автобусот нѐ транспортираа до училиштето во селото Безимјаноје. Добивме храна, но моравме да спиеме на подот. Утрото повторно со автобус нѐ однесоа во градот Торес, каде ни беа земени отпечатоци од прсти, копирани пасошите и проверени телефоните.

Нѐ одведоа во полициска станица, каде ме испрашуваа неколку луѓе. Ме прашаа за мојата работа и место на живеење и каде би сакала да живеам. Реков: ‘Во Украина’. Тие се смееја: ‘Веќе нема да има таква земја’. Од други луѓе дознав дека и јас можам да аплицирам за живот во Русија. Потоа се добиваат 10.000 рубљи. Ама наводно потоа не смееш да ја напуштиш Русија десет години.

Еден рудар нѐ врати во Безимјаноје, каде што беше нашиот внук со него ја преминавме руската граница до Ростов. Таму нѐ пречекаа волонтери, благодарение на кои можевме да се измиеме и пресоблечеме. Го продолживме патувањето со воз до Белорусија за оттаму да се вратиме во Украина. Кога стигнавме во Минск, нѐ чекаа наши познаници и нѐ однесоа до украинската граница.

Не можам да разберам, да простам или да заборавам што направи Русија. Пред војната бев лојална на Русија, но сега чувствувам омраза, поради која дури и се срамам. 88-годишната сестра на мојот сопруг почина во Мариупол. Таа ни кажа дека ниту Германците не го бомбардирале градот така во Втората светска војна.“

извор: ДВ

Back to top button
Close