Голманот Мајк Маигнан потпиша петгодишен договор со Милан

– Италијанскиот фудбалски прволигаш Милан брзо најде замена за Џанлуиџи Донарума на голманската позиција, потпишувајќи денеска петгодишен договор со чуварот на мрежата на новиот француски шампион Лил, Мајк Маигнан.

– Голманот потпиша договор со „росониерите“ до јуни 2026 година и ќе го носи дресот со број 16, соопшти попладнево Милан, кој сезоната во Серија А ја заврши како второпласиран и по пауза од седум години обезбеди настап во Лигата на шампиони.

Маигнан, кој потекнува од школата на ПСЖ, го чуваше голот на Лил од 2015 година, а сезонава ги одигра сите натпревари на патот до француската титула, освојувајќи го, притоа, и признание голман на сезоната во Франција.

Новиот голман на Милан има еден настап досега за француската репрезентација, а се најде на списокот од 26 фудбалери на селекторот Дидие Дешамп за претстојното Европско првенство.

Маигнан доаѓа во Милан на местото на Донарума, кој вчера официјално ги напушти „црвено – црните“ откако двете страни не успеаја да постигнат договор околу финансиските детали за продолжување на соработката. Милан нудеше петгодишен договор за годишна плата од осум милиони евра додека Донарума беше подготвен на двегодишен договор за сума од десет милиони евра.

Back to top button
Close