Голото селфи како нова уметничка форма

За многу жени-уметници, создавањето на сопствениот разголен приказ станува начин за реапроприација на стереотипната слика на жената од машките традиции на историјата на западната уметност.

“Љубов, страст, задоволство, желба, убавина, анатомска студија, самоизразување, егоизам … Импулсите зад испраќањето голи фотографии се различни. Создавањето и споделувањето се чини дека е дел од човечката природа“ – пишува Карла Лин Мерифилд, во воведот кон новата антологија под наслов  Sending Nudes. Станува збор за збирка песни, приказни и мемоари на оваа тема, која нуди долг и искрен поглед на современата – и навидум безвременска – навика за споделување слики од гола човечка форма.

Идејата на уредничката Џулијан Инглс се појавила откако ѝ бил доставен расказ под наслов Send Nudes за претходна антологија на која работела.

„Мислев дека [темата] треба да се истражи, дека луѓето ќе имаат приказни и песни за неа“, вели Инглс.

Sending nudes е поактуелна тема од кога било, главно, затоа што леснотијата на фотографирањето, реплицирањето и споделување голи слики доведе до вознемиреност во врска со сè, од одмаздничко порно до секс снимки на славните, хакирани приватни слики до секстање меѓу тинејџери. Но, со појавата на паметните телефони, испраќањето голи фотографии неверојатно брзо се нормализира: секоја жена што во последната деценија користела апликација за дружење, најверојатно ќе биде замолена да сподели голи слики.

Но, Инглс ме потсети дека испраќањето голи фотографии не е ништо ново: „Кога бев во раните дваесетти години, некому испратив голи фотографии – ова беше пред Интернетот, значи биле полароиди.“ Разликата е само што тогаш ова беше приватна, малку коментирана активност, наместо дел и пакет од дигиталното дејтање и современиот живот.

Неговата зголемена распространетост како феномен не може да биде едноставно „добра“ или „лоша“ работа, сугерираат Инглс – и автор(к)ите во Sending Nudes. Додека потенцијалот за злоупотреба е голем, секстингот може да биде забавен, консензуален начин за развој на интимност. За време на пандемијата, за многумина стана речиси практична потреба – начин сексуалната страст да се одржи жива.

 

 

Уметнички дела од нашата ера?

 

Веројатно поголемата отвореност и намалената претпазливост во однос на реалните, нормални човечки тела имаат свои предности. Но, сепак малку се луѓето кое праќаат спонтани голи фотографии. Заводливото голо селфи обично се поставува во сцена и внимателно се врамува, често во сценографијата на спалната соба или бањата; „облечени“ или соблечени за приликата. Во поза и со внимателно осветлување, исечени и филтрирани за да им ласкаат, тие се изработени имајќи ја на ум претпоставената восхитеност кај гледачот.

Секако, може да се дискутира дека селфито – вклучително и голото – е уметничкото дело на нашето време. Се проценува дека се случуваат над милион селфиња секој ден: автопортретот се среќава со себепромоција. Ние сме повеќе свесни од кога и да е, не само за сопствената слика, туку и за нашата презентација на истата – како се претставуваме пред очите на надворешниот гледач. И тоа никаде не е толку внимателно режирано како во голото селфи.

Светот на уметноста сè повеќе обрнува внимание на формата на селфито. Во 2017 година, галеријата Saatchi во Лондон отвори изложби, „Од селфи до самоизразување“ повлекувајќи линија помеѓу традиционалните автопортрети до селфито, од Рембрант и Ван Гог до Ким Кардашијан и Барак Обама.

„Сè може да биде уметност ако авторот го создава со доволно убедување и кохерентност“ – коментира Најџел Хурст, извршен директор на галеријата „Сатчи“. „Не велиме дека слајд шоуто за тинејџер кој пробува различни пози е подеднакво значајно како дело на Рембрант, но светот на уметноста не може да го игнорира овој феномен“.
Истата година, Секстинг уметничкиот фестивал се одржа во галеријата Литлфилд во Бруклин. Организаторите сакаа да зборуваат за анализа или прикажување на „широкиот спектар на дела“ кои влегуваат во секстинг, со тоа што ќе го прикажат во сите негови форми, визуелни и други.

Во меѓувреме, во 2016 година, Националната галерија за портрети ја отвори изложбата „Изложени: Голиот портрет“,која откри колку е прифатливо, дури и модерно, за славните да се соблекуваат за свои професионални „селфија“ – изложени беа „откривачки“ и „искрени“ фотографски портрети од лица како Ени Лејбовиц, Дејвид Бејли, Норман Паркинсон, Марио Тестино и Поли Борланд.

 

Richard Victor Grey-Ellis; Anthony Sobers, by Ida Kar

 

 

Распространетоста на „голото селфи“ е само последната алка во нашата релација со голата слика. Од божиците на плодноста до херојските грчки богови, човечкото необлечено тело се пресоздава од моментот кога сме почнале да го длабиме каменот.

Додека мускулестата, добро пропорционална машка форма се славеше во Античка Грција, во ренесансата, фокусот се префрла кон жените. Идеализираните голи машки фигури од митологијата или Библијата сè уште ги окупираа имагинациите на уметниците (помислете на Давид на Микеланџело или приказите на Адам), но се појави новата допадливост за опуштеното голо женско тело.

Уметниците ја претставуваат голотијата како „респектабилна“ на различни начини: ги сликале божиците или библиски фигури како анонимни, креирале генерализирани слики на „убавина“, наместо портрети на специфични или препознатливи жени. Насликани во наводно скромни пози со нежно поставени раце кои ги прикриваат нивните гениталии, тие „тргувале“ и со идеализирани, а не реалистични претстави, т.е немало таму простор за срамни влакна.

Но, колку и да се ретки и легитимирани, ваквите голи претстави, исто така, неизбежно носат еротски потенцијал. Овие легнати голи жени ги предизвикуваат погледите на замислениот маж – набљудувач на делото да патуваат низ нивните облини. Многу вкоренети идеи за тоа како изгледа женската сексуалност – одредена тромава пасивност, истовремено скромна но и „гостопримлива“- се кодифицирани тoкму овде.

Се разбира, еротската енергија на разголените претстави пред 20-от век била скоро секогаш претставена од машки сликари кои им служеле на богатите машки купувачи.

Во „Начини на гледање“ уметничкиот критичар Џон Бергер во 1972 година пишува дека, историски гледано, „Мажите гледаат во жените. Жените гледаат како се гледани… Перспективата на жената и самата е машка: набљудувана жена. Така таа се претвора во предмет – а особено предмет на поглед: глетка“.
Тој го докажува ова преку испитување на фронтално поставената гола жена во европската уметност: женскиот субјект, насликан од машки уметник, се нуди себеси и се појавува како предмет, за да може да биде набљудуван од хетеросексуалните мажи. Стотици години, жените можеа да видат само надворешни претстави на нивниот род филтрирани низ машкиот поглед, и затоа го интернализираа тој начин на гледање.

 

 

Голи со цел

 

Ja прашав Фрeнсис Борцело, историчарка на уметност и авторка на „The naked nude“, дали има примери на голи претстави пред 20-тиот век кои изразуваат женски поглед – на пример, портрети нарачани од сопруги или љубовници со цел да му угодат или да го вознемират партнерот или љубовник? „Не знам,“ вели таа. „Тешко дека би го споменувале ова, иако претпоставувам дека сигурно се случувало – повремено!“

Ја спомена La Maja desnuda на Гоја: искрено-гола, која отворено ги предизвикува гледачите. Не дека моделот ја нарачал или поседувал сопствената претстава – се смета дека сликата е направена за приватна колекција на голи претстави – но историчарите на уметност претпоставуваат дека тоа е барем експлицитен, реален портрет на еден специфичен и согласен женски субјект, жена која можеби била и љубовница на Гоја. „Впечатливите одлики се најчесто обратно од „замаглените“ карактеристики на идеалното голо тело,“ вели Борзело.

Во однос на себепромоција, нарачаните портрети на богатите и моќните обично биле, од причини на респектабилност, целосно облечени, и мажи и жени. Но, постојат ретки исклучоци.

 

 

 

Тие го вклучуваат прекрасно ексцентричен портрет на адмиралот Андреа Дорија од 1530 година, насликан од Агноло Бронзино како Нептун, во комплет со трозабец и голо торзо; и слика од Нел Гвин, актерка и љубовница на кралот Чарлс Втори во 1670 година, на која таа позира топлес.

 

 

 

Но, почетокот на 20-от век е перидот кога голиот автопортрет експлодира во јавноста. Во овој период на големи уметнички и интелектуални промени, уметниците го свртеа погледот кон сопственото тело, иако ретко го пресоздаваа во ласкави или убави слики. Вознемирувачки ментални состојби како да се лизгаат низ платната, како во грубите, сини голи автопортрети на Ричард Герстл, вознемирувачки нарушувања на Егон Шиле, или кога Едвард Мунк се насликал „во пеколот“, како прогонувани лице опкружено од пламен. Сите овие голи автопортрети беа насликани во текот на првата декада на 20 век – и ја поставија сцената за остатокот од истиот.

 

 

 

 

Такви слики беа можни, пишува Борзело во “The naked nude”, затоа што овие уметници не одговараа пред никого освен пред самите себеси… Овие голи автопортрети не следат никаква традиција. Тие се нови. Тие го прават приватното јавно. И баш затоа оставија наследство”.

Модернизмот продолжи ефикасно да ја убива идеализираната жена – гола и навалена, бидејќи се појавуваат мноштво покомплицирани слики на голи тела. И во голите автопортрети на уметниците и во голите портрети на другите, грижата за помалку живописните аспекти на телото е во прв план – од разбиените форми на Пикасо до грутките месо на Лусијан Фројд.

 

Како жените си го вратија својот лик

 

Но, приказната за голото тело на 20-от век е исто така приказна за жените кои конечно можат да се насликаат самите себеси. Се смета дека првото „голо селфи“ од жена уметник е Гол автопортретот со килибарем ѓердан на Пола Модерсон-Бекер, во 1906 година, каде се слика себеси бремена, и покрај тоа што не е бремена. Тоа е имагинативно читање кое се однесува на женскиот идентитет – не на машкиот поглед.

 

 

 

 

За многу жени-уметници, создавањето на сопствениот разголен приказ станува начин за реапроприација на стереотипната слика на жената од машките традиции на историјата на западната уметност. Флорин Штетхајмер во 1915 година со Модел (гол автопортрет) тотално го отфрли традиционалниот приказ на соблечена жена која се одмара: Штетхајмер се наслика со храбра насмевка, таа самата нудејќи шарени цвеќиња како волшебнички трик – активна спротивност на славната, неимпресионирана Олимпија на Едуар Мане – од 1863 година, каде на белата сексуална работничка, цветови ѝ носи црнкињата слугинка.

 

 

 

 

За жените, колку и за мажите – можеби дури и повеќе, со оглед на тоа што тие активно се обидуваа да се спротивстават на стотици години на уметничко портретирање на нивните тела – голите автопортрети се занимаваат со пренесување непријатни вистини за тоа што значи да се има тело.

Од портретот на Фрида Кало за спонтаниот абортус, до крупните ролни месо на Џени Савил и мастурбацијата на Трејси Емин, „голото селфи“ стана навистина нефилтрирано.

 

 

 

 

Но, ако нишалото се оддалечило од поимот идеализирано голо во западната култура, на крајот сепак се врати, иако во нова форма.

Без разлика дали станува збор за рекламирање, поп-култура или порнографија, голото тело стана дефинирано од неговата привлечност како предмет што може да прави пари. И тоа е парадигмата што ја увиди Поп Арт-от, пост модернизмот и пошироко. Општо земено, современата уметност е поверојатно да користи идеализирано голо тело за да ги критикува ставовите кон сексот, порнографијата и потрошувачката, отколку едноставно да ги аплицира – иако гледачите на, на пример, супер-сјајните софт-порно фотографии на Џеф Кунс со неговата поранешна сопруга, Илона Сталер (Ла Чичиолина), можеби и им е простено што се чувствуваат поинаку.
Сепак, некои голи слики ја канализираа еротиката на радикален начин. Помислете на црно-белите фотографии на Роберт Меплторп на голи хомосексуалци, вклучувајќи го и него, вклучени во БДСМ и сексуални дејствија, што предизвика толкава вознемиреност што галеријата Коркоран во Вашингтон во 1989 година ја затвори изложбата. Тогаш, таквиот пристап беше шокантен. Денес делото на Меплторп е тема на големи, респектабилни ретроспективи.

 

 

Јазикот на голиот паметен телефон

 

Кога станува збор за појавата на голото селфи што е олеснето од паметните телефони, во меѓувреме, прашањето е: како ги апсорбиравме овој јазик и граматика на голотијата? Тоа е нешто што уметниците секако го истражуваат, ги пресоздаваат аглите на кадарот, позата, парцијално тргнатата долна облекa. Везовите на Гада Амер, под нивните фини површини, ги рекреираат кодифицираните пози – раката на зaдникот, паднатата прерамка на градникот, предизвикувачкиот поглед преку рамото, голото селфи.

 

 

 

 

 

Мешаните медиумски колажи на Чахабалала Селф спојуваат пренагласени слики на црни женски тела што зборуваат за начинот на кој тие можат, во современата визуелна култура, да бидат и сексуално омоќени и грубо сексуализирани. „Фантазиите и ставовите околу црното женско тело се истовремено и прифатени и одбиени во рамки на моето дело“, рече таа.

 

 

 

 

Делото на Ерин М Рајли пак експлицитно пресоздава голи селфи – но ги овековечува во таписерии. Врз основа на вистински слики што ги наоѓа на Интернет, таа вклучува детали како мобилен телефон рефлектиран во огледало.

Некои уметници отидоа понатаму, буквално користејќи туѓи објави на Инстаграм. Дејвид Труло фотографите на Инстаграм на мажи кои се фотографираат речиси голи во огледала во бањата ги претвори во плочки за бања.

 

 

 

Во меѓувреме, за неговата серија „Нови портрети“, контроверзниот сликар / фотограф Ричард Принс оставaше сугестивни коментари под селфиња на луѓе на Инстаграм, честопати на млади жени и сексуално алузивни пози (ако не и целосно голи), а потоа ги испечати објавите. Но, ако серијата беше наменета како некој вид сатиричен коментар за тоа како сите сме опседнати со изработка на привлечни слики за себе – и бесплатно им ги даваме на сите – тоа остана во сенка од фактот дека тој профитираше од женски слики објавени без согласност.

Една од девојките, Зое Лигон, за „АртНет“ изјави дека мисли дека делото „повеќе наликува на одмаздничко порно и вознемирување“ објаснувајќи дека преживеала сексуално злоставување во детството и дека нејзините „секси селфија“ биле начин на повторно воспоставување контрола врз нејзиниот сексуализиран приказ, рече дека се чувствува „повредена“ од начинот на кој Принс употребил нејзина фотографија. Прашањето за неговото присвојување женски слики беше отворено во поширока свест кога манекенката Емили Ратајковски, чија слика била продадена од страна на Принс, напиша дека чувствувала како да нема контрола врз сопствениот приказ.

 

 

 

Додека делата на Принс ненамерно потенцираа многу сериозни прашања за тоа како селфито може неетички да се присвои, исто така е јасно дека станува збор за медиум кој заслужува уметничко преиспитување. Се соочуваме со една впечатлива, трнлива нова форма на комуникација и самопретставување – која, на крајот на краиштата, е чисто визуелна. Како и да е, при транспонирање на тој визуелен јазик во нов медиум или контекст, уметниците размислуваат и активно ја отстрануваат примарната функција на приватната гола фотографија: не сакаат да го возбудат гледачот. „Искрено не познавам уметници кои би признале дека намерно флертуваат,“ – вели Борзело.
Но, дали голото селфи, во својата најчиста форма, има потенцијал да биде нова уметничка форма? Инглс се сложува со тоа. „Апсолутно, мислам дека може да биде форма на уметност“, вели таа. “Убаво е да се види таа мисла и рефлексија, – луѓето одвојуваат време да го средат осветлувањето, косата и шминката. Тоа покажува дека лицето се почитува себе си.”

Што нè враќа кон формулацијата на Бергер за тоа како, кога жената се замислува низ очите на надворешниот, машки гледач, таа „се претвора во предмет на поглед“. Педесет години подоцна, изгледот на жените е сè уште пооценуван од оној на мажите, и се уште опстојува тиранијата на интернализираниот машки поглед. Но, исто така, се чини дека секој што се занимава со визуелна дигитална култура – секој што објавува селфи, а особено оној што испраќа голи селфија – денес активно учествува во претворањето на самиот себеси во предмет на поглед.
Иронијата е, можеби, во тоа што филтрираните, поставени во поза, експлицитни слики што сега толку лесно ги препознаваме како голи селифија направени со смартфони, се појавија во полн круг – враќајќи нè на естетиката на традиционалната респектабилна историја на уметничката голотија: кодифицирана, безбедна и чудно конвенционална. Дизајнирани да бидат гледани. Дизајнирани да му угодат на гледачот. Дизајнирани да ги претворат нашите комплицирани и неуредни тела во идеален објект.

Извор: Медуза

Back to top button
Close