Горан Марковски должи одговор на прашањето каква е неговата поврзаност со фирмата ДИПКО
На 29 август Рацин.мк објави текст со наслов „Како се поврзани Горан Марковски и фирмата ДИПКО основана од Градежниот факултет?“, со неколку прашања кои требаше да дадат одговор на прашањето што тема на тој текст, но до ден денеска немаме одговори.
Одговор на тие побаравме од ДИПКО, компанија основана од Градежниот факултет, каде што е декан проф. Горан Марковски, овие денови актуелен како еден од кандидатите за градоначалник на Скопје, предложен од од платформата „Независни заедно“,поддржана од граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 398“.
Прашањата ги испративме не електронската адреса на ДИПКО дооел, каде што управител е д-р Златко Богдановски, Продекан за наука и меѓународна соработка во Деканатот на Градежниот факултет, каде што шеф, односно декан е проф. д-р Горан Марковски.
Ова се прашањата што ги испративме минатата недела и за кои една недела подоцна, како што напишавме, сѐ уште немаме одговор:
– Зошто Градежен факултет има потреба да основа дооел?
– Каква е непосредната поврзаност на ДИПКО дооел со факултетот или се работи за посебна и независна компанија?
– Ако ДИПКО е формирана како компанија за инженеринг, проектирање, консалтинг и обука, дејности што во целост ги покрива и факултетот, зошто имало потреба да се формира нова фирма?
– Кои луѓе се вклучени во зделките на ДИПКО за инженеринг, проектирање, консалтинг и обука?
– Дали во зделките на ДИПКО се вклучени професорите на Градежен факултет? Дали меѓу нив се и членовите на деканатот, вклучувајќи го и деканот проф. д-р Горан Марковски?
Овој пат прашањата ги испративме и до Деканатот на Градежниот факултет до кој, секако, пристап има и деканот проф. д-р Горан Марковски и се надеваме дека овој пат тој ќе ни одговори на овие прашања.
Мотивацијата да го објавиме тој текст ја поттикна сознанието дека Градежниот факултет при УКИМ Скопје, каде што е декан проф. д-р Горан Марковски, е основач и сосптвеник фирмата ДИПКО дооел.
ДИПКО дооел е регистрирана како друштво за инженеринг, проектирање, консалтинг и обука по шифрата 71.120 инжинерски дејности поврзано со техничко советување, се разбира со своја посебна сметка.
Инаку, во финансиското резиме за ДИПКО во графата Вкупен приход стои дека фирмата во 2022 година имала вкупен приход во висина од 14.598.000 денари, во 2023 година 25.562.000 денари, а во 2024 година 76.049.000 денари.
Од она што може да се најде како податок компанијата, ДИПКО извршува работи од консултантска природа, како и од стручен аспект, како што било учеството во студијата за оценка за влијание за животната средина за рудникот Саса од Македонска Каменица.
ДИПКО се среќава и во списокот на добитници на иновациски ваучери на Фондот за иновации и технолошки развој каде што е наведени дека компанијата учествувала во изработка на софтверски модул за динамичка и модална анализа за ДИГИТЕКС СИСТЕМС ДОО експорт-импорт Скопје.