Горан Стоименов од АПИС: Евентуалната дислокација на објектите ќе предизвика хаос со игрите на среќа

Барањето за дислокацијата на објектите за игри на среќа е само фасада за вистинските намери на движењето „Антикоцкање“, оценува Горан Стоименов од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа кои во Северна Македонија ги застапуваат Групациите Новоматик Македонија и АПЕКС (Адмирал, Астра, Казино Фламинго и Апекс) во интервју за Тетово инфо.

Стоименов истакнува дека ова решение е неизводливо на терен, затоа ќе предизвика затворање на 100 % легален бизнис и отворање на диви играчници врз кои државата ќе нема никаква контрола. Како што вели Стоименов, тоа би било вовед во хаос со игрите на среќа, а предлагачите на ваквите радикални решенија треба да се свесни за последиците.

Државниот буџет од игри на среќа годишно приходува 280 милиони евра. Речиси 10 илјади луѓе се вработени во оваа економска гранка, за 23 илјади наши граѓани се обезбедува егзистенција. Индиректно, игрите на среќа помагаат 54 илјади работни места. Погледнете го примерот со Албанија. После четири години откако Владата на Еди Рама ги забрани игрите на среќа на територијата на Албанија, сега се попишмани. Образложението на Албанскиот премиер е дека после забраната, игрите на среќа продолжиле да се одвиваат на црно и дека повторното легализирање на оваа дејност ќе и помогне на албанската економија во време на енергетска и економска криза. Оваа одлука на Албанската Влада сериозно ги ослабува аргументите на противниците на игрите на среќа во Северна Македонија. Зарем некој сака да ја врати државата во 90-те години на минатиот век, кога игрите на среќа се одвиваа во подруми? Доволно е да потсетиме на аферата ’Детонатор’, кога во 2011 година на истокот беа запленети 1500 нелегално поставени покер апарати. Клучното прашање за опонентите е дали младите се повеќе заштитени кога надлежните државни институции имаат целосна контрола на игрите на среќа или кога истите ќе се одвиваат на црно?“, вели Стоименов во интервјуто.

Прашан за последната иницијатива на „Антикоцкање“ за организирање референдум за игрите на среќа, Стоименов вели претставниците на „Антикоцкање“ воопшто не личат на граѓански активисти кои навистина веруваат во своите заложби.

Нивниот кредибилитет е сомнителен. Се појавуваат периодично и оставаат впечаток дека е можно да се контролирани од некои центри на моќ. Секоја нивна иницијатива е деструктивна и има за цел да предизвика штети по државниот Буџет. Во услови на финансиска неизвесност и економска криза од цените на струјата и енергенсите низ цела Европа, додека многу домашни компании се борат за гол опстанок, ова наводно движење тера кампања за затворање на една цела економска гранка. Во голиот популизам кој го пласира вршат притисок врз партиите и за жал, некои радикални претставници на „Антикоцкање“, во обвинувањата што ги пласираат внесуваат дури и етничка и верска боја, што за 21 век е недозволиво. Убедени сме дека последната иницијатива за локален референдум е само маска за нивните вистински намери. Затоа, претставниците кои говорат во името на „Антикоцкање“ треба еднаш да соопштат чии интереси штитат и што е нивната крајна цел? Дали одработуваат за нечиј план и сценарио за нелегална заработка од игри на среќа кои би се организирале на црно, без никаков приход за државата? Ова се одговори кои се должни да и ги дадат на јавноста, бидејќи ако евентуално се прифатат нивните предлози, последиците ќе бидат далекусежни и тешко поправливи“, заклучува Стоименов.

Во однос на постапката за донесување на ново законско решение за игри на среќа, Стоименов нагласува дека воопшто не е точно дека Асоцијацијата е против ново законско решение.

Ние сме против политичко мотивирано и избрзано решение, кое не само што нема да ги задоволи дежурните критичари на игрите на среќа, туку ќе креира хаос во оваа економска гранка. Оваа непосакувана состојба на крајот пак ќе се удри од грбот на даночните обврзници. Како Асоцијација сме под перманентен притисок од вработените кои сакаат на протести да си го заштитат своето уставно загарантирано право на работа. Никому не му сеедно кога слуша критики дека игрите на среќа се директна закана за младите. Во оваа економска гранка работат и родители на малолетни деца, кои тешко ги доживуваат овие сериозни и неосновани обвинувања. Најдобра потврда дека ниту еден чинител во оваа дејност не бега од дополнителна регулација е фактот дека правните тимови кои ние ги формиравме уште во 2020 година до Собранието на Република Северна Македонија доставија предлози – амандмани за подобрување на предложениот законски текст за измени на Законот за игри на среќа и забавни игри, кој до скоро беше во процедура. За жал, освен протоколарни средби со високи Владини претставници, досега немаше вистинска волја да се влезе во суштинска расправа за придобивките од имплементацијата на нашите предлози. Како АПИС во текот на ноември повторно се обративме до Владата и Министерството за финансии со Барање да не вклучат во изработка на законските измени, да дадеме придонес согласно нашето професионално искуство“, вели претставникот на АПИС во интервјуто.

Стоименов вели дека во АПИС се свесни дека Владата, Собранието, политичките партии, па дури и закуподавачите на објектите и играчите се под постојан притисок на негативна кампања која се води, но вели дека како Асоцијација се надеваат дека нивните предлози ќе го добијат неопходното внимание бидејќи тоа е во интерес на државата.

Back to top button
Close