Горан Трајковски – Штраус: Кисела Вода заслужува повеќе, не пи-ар, туку реална промена

Горан Трајковски, кандидат за градоначалник на Кисела Вода од СДСМ, во интервју за нас зборуваше за мотивацијата да влезе во трката, личната врска со општината, визијата за локалната самоуправа и предизвиците што го очекуваат. Пренесуваме искрен разговор за минатото, но и неговиот план за иднината на Кисела Вода – една поинаква, поправедна и пофункционална општина.

 

Господине Трајковски, зошто токму сега?

Да, не бегајќи од реалноста, ова не е најудобен политички момент за СДСМ. Но токму затоа – прифатив. Верувам дека борбата треба да се води кога е тешко, а не само кога е лесно и е однапред извесен епилогот. И убеден сум дека без оглед на општите политички прилики, граѓаните ќе ја препознаат мојата искреност и визија и ќе ми ја дадат довербата за заедно да отпочнеме ново поглавје за Кисела Вода. Кога поддршката е ниска, а недовербата во системот висока, време е да покажеме луѓе со став, со интегритет, со желба да работат, и да покажат резултат, а не да калкулираат. Мојата мотивација не е партиска кариера, ниту некакво политичко афирмирање во иднина, целосно сум растеретен од тој аспект. Сметам дека Општина Кисела Вода може и мора да биде далеку поубава и поперспективна за своите жители и сметам дека имам знаење, визија и енергија како тоа да го постигнам. На крајот на краиштата сите ние, жителите на Кисела Вода и нашите деца и внуци, заслужуваме да живееме во чиста и пристојна средина, со локална власт која е сервис за базичните потреби на своите граѓани. Тоа не е нереално барање, сосем напротив, целосно заслужено и нужно. Граѓаните не смее да се задоволуваат единствено со пи-ар, музички хепенинзи и неисполнети ветувања, како досега, туку со реални резултати кој одговараат на потребите на нивното секојдневие во Општината.

 

Како би се претставиле пред жителите на Кисела Вода?

Јас сум Горан Трајковски, познат како Штраус, пред сè посветен сопруг и татко на две деца, економист, приватен бизнисмен со успешен семеен бизнис веќе 37 години во снабдување и одржување на индустриска опрема и комерција, и пред сè – човек кој верува во трудот, отчетноста и граѓанската храброст. Три работи кои ме дефинираат и сакам да ги потенцирам во контекст на мојата кандидатура се Интегритетот – и во добро и кога е тешко стојам зад своите ветувања и одлуки, Работливоста – не ветувам чуда, туку конкретни резултати со конкретна работа и Љубовта кон заедницата – секогаш ми била важна локалната слика и локалната заедница, не само централната политика.

Што ве поврзува со Кисела Вода?

Буквално сè. Од приватниот до професионалниот живот. Јас сум петта генерација од моето семејство која живее во Кисела Вода, на поранешна Првомајска или сега Борис Трајковски.

Кисела Вода не е само „мој терен“, туку мој свет – тука растев и тука живеам со моето семејство, тука ми се најголем дел од пријателите, тука сум го поминал целиот живот, од забавиште во „Невена Ѓоргиева – Дуња“, основно училиште повторно во „Дуња“, тука растат и се образуваат моите деца, дружбите и времето на последна 4-ка и Шампионче, Усје и „Вембли“. Сум ја гледал како се менува, често и во погрешен правец.

Лично сум инвестирал време и енергија во иницијативи на локално ниво и нескромно во помош на многу мои сограѓани.

Политички, ја чувствувам Кисела Вода како можност за праведно и паметно урбано лидерство – и за враќање на довербата во јавните функции и во функционална локална самоуправа. .

 

Што според Вас недостасува денес во функционирањето на локалната самоуправа?

Најмногу недостига доверба. И транспарентност. Локалната власт треба да биде лице в лице со граѓаните – а не да се крие зад камери и соопштенија. Луѓето бараат резултати, а не празни зборови. Бараат одговорност и доследност. Општината мора да стане сервис, а не бирократски лавиринт. И тоа не се празни флоскули – туку суштинска промена во пристапот и комуникацијата.

 

Што ќе направите за младите во Кисела Вода?

Ќе создадеме услови младите да останат тука. Повеќе спортски и културни содржини, кариерен развој и практикантства во соработка со локалниот бизнис-сектор. Ќе се отвори младински центар како простор за слободно време, образование, но и младинско учество во општинските процеси. Младите се енергија – и нивната креативност не смее да биде игнорирана.

 

Ги чувствувате ли овие избори како политички товар или како можност?

Кампањата е секако своевиден предизвик, бидејќи носи и тежина од една политичка клима над која неможе многу лично да се влијае. Но ја чувствувам и како огромна можност! Можност да покажеме нов пристап во политиката, искреност и работливост. Моето мото не е „борба против некого“, туку партнерство со граѓаните. Ако тој принцип успее – тогаш политиката не е товар, туку алатка за промена кон подобро.

 

Имајќи ги предвид последните два изборни циклуси и резултати кои не беа поволни за СДСМ во Кисела Вода, како планирате повторно да ја изградите довербата кај граѓаните на Кисела Вода?

Преку целосна транспарентност и присутност. Ќе водам искрена кампања, со ветувања, проекти и програма позади која цврсто ќе стојам доколку бидам избран за Градоначалник. Моите заложби и идеи се реални и остварливи. Она што граѓаните го бараат од мене и она што ќе го понудиме како програма ќе го спроведувам транспарентно и посветено, без исклучоци и без изговори. Нашите граѓани се мудри, преку глава им е од колосални ветувања, лажен пи-ар и купишта нереализирани ветувања. Токму затоа, како Градоначалник ќе работам транспарентно, отчетно и ќе го исполнам она за кое сум бил избран. Не можам да направам чуда, затоа не сакам ни да ветувам чуда. Она што можам да го ветам и што со сигурност ќе го оставрам е Кисела Вода да биде чиста општина, безбедна општина за живеење со надминат проблем на осветлување и кучиња скитници, општина со целосно реконструирана сообраќајна инфраструктура – без дупки и крпеници по улиците, општина со реновирани основни училишта и целосно реновирани и проширени градинки, со зголемени капацитети за паркирање за жителите и со што повеќе нови зелени јавни површини и одржување на постојните кои се сериозно запоставени.

Ќе водам целосно отворена општина за граѓаните на Кисела Вода. Ќе воведам платформа „Прашај го градоначалникот“, достапна секоја недела – онлајн за комуникација со нашите сограѓани за нивните забелешки, сугестии и проблеми. Но најважно од се е дека ќе бидам тука, постојано на терен, не изолиран исклучиво во канцеларија, туку во сите делови на Кисела Вода помеѓу граѓаните. Ќе слушам, и ќе зборувам отворено за нивните проблеми и можностите кои се на располагање во секој поединечен случај. Луѓето препознаваат кога некој ги гледа во очи и кога зборува искрено.

 

Бевте опфатен со истрагата за трагедијата во дискотеката ПУЛС во Кочани. Како го доживеавте 30-дневниот притвор во врска со трагедијата во Кочани, и колку сметате дека тоа може да биде користено против Вас од страна на политичките противници во кампањата?

Несреќата во Кочани е несомнено најцрниот настан во историјата на Македонија. Загубата на 62 млади животи е ненадоместлива трагедија од секој аспект – и за семејствата на жртвите но и за целокупната заедница. Тоа беше исклучително тежок период за мене, и човечки и професионално. Се соочив со нешто што не го посакувам на никого . Одеднаш се најдов како осомничен во истрага, без никакво сторено дело ниту професионален пропуст кон системската трагедија.

На крајот, истрагата покажа дека нема моја вина од ниеден аспект како поранешен директор на Државниот пазарен инспекторат и бев ослободен. Но 27те денови притвор во Кумановскиот затвор, водењето со лисици пред камери, пред очите на целата јавност, особено на моето семејство и пријатели, како и самиот факт дека бев „истражуван“ за трагичен настан од толкави размери, оставаат длабока лузна. Јас стојам зад секоја моја постапка и одлука како директор и до ден денес. Тоа искуство ме направи поцврст и уште поодлучен да ги менувам системот и институциите, за да не бидат само машини за одговорност, туку за превенција и вистинска заштита на граѓаните.

 

Кои се вашите први три приоритети како иден градоначалник?

Мои први три приоритети како иден градоначалник на Кисела Вода:

1. Чиста и еколошки здрава Кисела Вода – без ѓубре и без загадување

Кисела Вода заслужува да биде општина каде што се дише чист воздухот , а улиците се чисти и достоинствени за живот. Првиот приоритет е радикално подобрување на комуналната хигиена – ќе ставиме крај на сликите со преполни контејнери, диви депонии и улици задавени во ѓубре. Ќе ја зајакнеме механизацијата и ќе воведеме редовно миење и одржување на јавните простори. Но тука не застануваме.

Ќе се бориме остро со загадувањето на воздухот, особено од Цементарница Усје – за која јавноста и експертите одамна укажуваат дека веројатно е потенцијално сериозен загадувач. Како градоначалник, ќе го искористам секој легален и институционален механизам што стои на располагање на општината за да се воспостави контрола и да се стави крај на загадувањето. Ќе поставиме мерни станици, чии податоци ќе бидат јавно достапни во реално време. Здравјето на нашите граѓани нема да биде предмет на преговори. Од тоа нема отстапување!

2. Крај на урбаниот хаос – планирање со ум, транспарентност и одговорност

Ќе воспоставиме нов стандард: развој со човечко лице. Урбанизмот ќе значи инфраструктура, канализација, осветлување, улици и паркови – особено во деловите на општината кои досега беа системски игнорирани. Ќе воспоставиме ред и ќе обезбедиме рамномерен развој на сите делови на Кисела Вода.

3. Социјална правда и безбедност– општина што се грижи за секого

Трет приоритет е воспоставување на локална социјална правда – затоа што општината треба да биде поддршка, особено за најранливите. Бесплатен јавен превоз за пензионери, самохрани родители, деца од социјално-загрозени семејства, лица со попреченост и други ранливи категории ќе биде реалност. Ќе вложиме во основните училишта, инфраструктурниот квалитет и безбедноста во истите, затоа што учениците заслужуваат достоинствени услови за образование. Поддршката за самохрани семејства ќе биде конкретна и континуирана. Општината ќе биде рамноправен сојузник на секој кој што има потреба.

Мојата визија за Кисела Вода е јасна: чиста, урбанистички средена и социјално праведна општина. Не ветувам чуда – ветувам работа, посветеност и бескомпромисна борба за интересите на граѓаните.

Back to top button
Close