Горат десет пожари на отворено, оној во „Јасен“ и натаму е најтежок за гаснење, вели директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов
„Во текот на ноќта имавме една драматична битка со пламените јазици и не дозволивме пожарот да премине преку еден шумски пат со што понатаму ќе беше загрозено селото Брезница од скопска страна“, изјави директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов
Во текот на денот во Македонија се регистрирани десет пожари на отворен перостор, но се очекува бројката да се зголеми до крајот на денот. Ова го изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов во изјавата снимена попладнево.
Тој уште еднаш апелираше до граѓаните, посебно до земјоделците и сточарите да бидат исклучително внимателни во овој период на пожари, додека ги извршуваат своите работи.
Според Ангелов, и натаму најтежок за гаснење е пожарот што со денови гори во повеќенаменското подрачје „Јасен“.

„Во текот на ноќта имавме една драматична битка со пламените јазици и не дозволивме пожарот да премине преку еден шумски пат со што понатаму ќе беше загрозено селото Брезница од скопска страна. Благодарение на интервенцијата на припадниците на Единицата за брзо распоредување (ЕБР), како и неколку пожарникари од Македонски брод и вработените во ‘Јасен’, оваа линија на пожарот беше запрена со што воспоставивме целосна контрола врз еден од трите краци на овој пожар“, рече Ангелов.
Тој додаде дека вториот крак на овој пожар уште од утрото бил гасен од припадници на армиските специјалци „Волци“ и „Ренџери“ со поддршка од два авиони.
Третиот крак од овој пожар е во насока на езерото Козјак и е најпроблематичен. Се очекува дека ќе биде запрен кога ќе стигне до каменест предел каде ќе дејствуваат надлежните екипи.
Пожарот во атарот на селото Јажинце во Општина Јегуновце денеска повторно се разгорел кон селото Долно Орашје и селото Радуша.
„Таму се наоѓаат екипи на скопската противпожарна бригада, а набрзо ќе дејствува и еден армиски хеликоптер,“ вели Ангелов.
Тој информираше и дека има и два активни пожари на територија на Општина Липково од кои еден во атарот на селото Лојане, а друг во атарот на селото Слупчане.

Таму дејствуваат кумановските пожарникари, а Ангелов изрази надеж дека набрзо ќе бидат ставени под контрола.