Гори депонијата во Неготино, по повеќе од три часовна борба пожарот е локализиран!

Од 15 часот денес на депонијата Бучето во Општина Неготино избувнал пожар. Тежок чад и непријатна миризба се шири во градот, но и во пошироката околина. Задимено е се до Градско.

Како што појаснуваат од ЈП Комуналец Неготино за ,,Фокус”, веднаш штом бил забележан првиот пламен, се започнало со гаснење, но поради жегата огнот се проширил.
Причината најверојатно е експлозија на боца, не можеме со сигурност да кажеме, и повеќе од три часа на терен се две цистерни на ЈП Комуналец, една цистерна на Противпожарната единица од Неготино, булдожер и скип, како и бројни човечки ресурси.

Со помош на механизацијата веќе успеавме да го локализираме пожарот, се надеваме дека за кратко време целосно ќе биде изгаснат. Депонијата редовно се чисти, значи запален е тој дел на почетокот каде последно се одлагал сметот.

За жал се случуваат вакви работи, топлото време не ни оди во прилог, но го даваме максимумот за најкратко време да ги совладаме пламените, ни изјави директорот на ЈП Комуналец Неготино, Митко Ѓорѓиев.

Во минатото на неготинската депонија се случуваше во тек на лето да избувнат и по неколку пожари. Изминативе години ова е прв поголем пожар на депонијата.

Исто така, голем проблем беше и тоа што општината се соочуваше со редовни целовечерни и неколкучасовни дневни рестрикции на вода. Денес проблемот со водоснабдувањето е надминат, но се апелира на рационално трошење на истата во тек на топлите месеци.

Back to top button
Close