Гори паркот на природата „Езерани“
Од Македонското еколошко друштво алармираат дека гори Паркот на природата Езерани.
– Преспа утрово повторно се разбуди обвиена во чад по деноноќното уништување предизвикано од неконтролираниот пожар во Паркот на природата Езерани. Ова заштитено подрачје сместено на северното езерско крајбрежје важи за едно од најзначајните подрачја за биолошка разновидност во Преспанскиот регион и во државата, дом на голем број растителни и животински видови кои во моментот се жртва на пламените јазици. Освен негативните последици врз биодиверзитетот, пожарот несомнено ќе се одрази негативно и врз целиот Преспански предел, дополнително ќе биде нарушена состојбата на Езерото, како и квалитетот на живот на локалното население! Под ризик се приватните поседи и овоштарниците од населените места кои граничат со Паркот! – велат од МЕД.
– Мобилизирани се сите локални капацитети за борба со огнот, но пожарот е сѐ уште надвор од контрола и потребна е дополнителна помош од надлежните институции! Брзата реакција е неопходна за спас на Езерани! – порачаа од МЕД.