Господа обвинители, кој ќе ја истражува вашата одговорност

Трифун Костовски
Почитувани читатели,
Живееме во реалност каде што криминалот и корупцијата се длабоко навлезени речиси во сите институциите и секојдневниот живот. Со длабока загриженост и уште поголема неизвесност, го следиме патот по кој се движиме како нација и држава. Доколку не го промениме и не го трасираме да биде во интерес на Македонија и Македонците, може попатно да се изгубиме и да ги доведеме во прашање опстанокот и иднината.
Нашата национална посебност, како Македонци со сопствена држава, мораме пред сè да ја чуваме ние самите. Да се чуваме сами себе и да се зачуваме само од себе, оти Македонецот и низ историјата самиот себеси си бил непријател. Истовремено, треба да бараме искрена поддршка од сите наши сограѓани, (без оглед на националната припадност) со кои заеднички живееме и ја градиме Македонија. За жал, една држава не пропаѓа само кога ја губи територијата. Таа пропаѓа и кога граѓаните ќе ја изгубат вербата во правдата.
Основниот услов за опстанок на секоја држава е владеењето на правото. Правото и правдата можат да бидат обезбедени само преку силен и независен правосуден систем, составен од луѓе со високо образование, личен интегритет, карактер и посветеност кон јавниот интерес. Со еден збор, луѓето треба да ги красат атрибути на софистициран патриотизам, професионално ангажирани луѓе на кои што секогаш им е приоритет интересот на државата. Од Итропејовски синдром на полуписмени итромани кои лажат без око да им трепне ни е преку глава!
Без независно правосудство нема правна држава, а без правна држава нема сигурна иднина. Бесправна држава е апашко дувло. Политичкиот плурализам, практикуван од 1991 година во независна Македонија, ги покажа  најлошите страни на еден ваков политички систем. Очигледно, како држава и општество, не бевме подготвени вистински да ги прифатиме одговорностите што ги носи современата демократија. Неподготвени и недоволно воспитани, од еден систем влеговме во друг систем, дијаметрално спротивни.
Партиските лидери како  менливи категории, изминатите 35 години не оставија доволно дела зад себе со кои би докажале дека навистина создаваат правна држава, силен економски систем и услови за младите генерации да ја градат својата иднина на сопствената грутка. Еве, ги гледаме (не)делата и последиците. Заробениот правосуден систем е еден од највидливите резултати на нашата неспособност здраво да чекориме напред. Ќе го наведам сопствениот пример, преку кој дефинитивно разбрав колку длабоко е закопана нашата држава во институционалната неефикасност и неправда.
На 8 февруари 2021 година беше отворена истражна постапка против мене и против лица што извршуваа високи функции во Еуростандард банка. Еуростандард банка беше однесена во стечај на 12 август 2020 година. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја презеде истрагата поради сомневања за корупција и перење пари. Во јавноста првично беше објавена загуба од повеќе од 60 милиони евра. Истрагата траеше цели пет и пол години. Нејзиниот генерален исход, колку што може да се заклучи од објавеното, е дека во банкарското работење на Еуростандард банка не биле утврдени корупција и перење пари.
Според правното толкување со кое располагаме, овој предмет воопшто не требало да биде преземен од ОЈО ГОКК, туку требало да постапува надлежното основно јавно обвинителство за кривично гонење. За нас останува неразбирливо зошто истрагата траеше повеќе од пет и пол години, иако законската рамка предвидува нејзино завршување во значително пократок рок, односно во период до 18 месеци.
Кога една истрага трае пет и пол години, иако законскиот рок е значително пократок, тогаш предмет на преиспитување не смее да биде само обвинетиот, туку и институцијата што ја водела истрагата. На 8 јули 2026 година ОЈО ГОКК ја извести јавноста дека истражната постапка е завршена и дека до Основниот кривичен суд Скопје е поднесен обвинителен акт против три лица, како и обвинителен предлог против мене поради наводно несовесно постапување. Обвинението не е доказ за вина, а функцијата не е дозвола за неодговорност.
Во овој документ повеќе не се споменува загуба од 60 милиони евра, туку износ од 27 милиони евра. Според податоците со кои располагаме и оваа сума е неточна и не ја прикажува реалната состојба. Ако бројките се менуваат од 60 на 27 милиони евра, јавноста има право да знае врз основа на кои факти, пресметки и докази е направена таа промена. Стечајната постапка сè уште трае и во стечајната маса продолжуваат да пристигнуваат средства. До 8 јули 2026 година, според нашите сознанија и пресметки, остануваа да бидат исплатени приближно 10 до 12 милиони евра на правни субјекти и на Фондот за осигурување на депозити.
Поради тоа, сметам дека објавениот износ од 27 милиони евра не е заснован врз конечната финансиска состојба на стечајната постапка. Вистината не се утврдува со соопштение, туку со факти, докази и целосна финансиска пресметка. Сè додека трае стечајната постапка и се зголемува стечајната маса, конечната загуба не може однапред да се прогласува како неспорен факт.
Јавната обвинителка, која ја водеше оваа истражна постапка во изминатите пет и пол години, е госпоѓата Коларевиќ. На чело на ОЈО ГОКК е господинот Абази, додека прв човек на Јавното обвинителство на Република Македонија денес е господинот Ненад Савески. Господа обвинители, како можете да објавувате податоци за кои сметаме дека не ја одразуваат реалната финансиска состојба?Како обвинителство, имавте можност да ја следите целата стечајна постапка. Располагавте или можевте да располагате со детални информации за исплатените средства на правните и физичките лица, како и на Фондот. Институција, која што располага со сите податоци, има уште поголема обврска да не ја доведува јавноста во заблуда.
Зошто една од најважните државни институции пласира бројки без да ја објасни нивната целосна основа и без да ја земе предвид незавршената стечајна постапка?
Госпоѓо Коларевиќ, начинот на кој ја водевте оваа постапка кај мене создава сериозен сомнеж дека не ѝ служите на правдата, туку на интереси што јавноста има право да ги препознае и преиспита. Во мојот последен исказ пред вас, даден на 17 декември 2025 година, побарав да биде испитано и постапувањето на Народната банка, вклучително и прашањето зошто не биле применети низа инструменти за стабилизација на банката. Очигледно е дека ова прашање не  доби заслужено вниманието! Зошто Народната банка ја однесе Еуростандард банка во стечај? Зошто не биле искористени сите расположливи механизми за нејзина стабилизација? Кој ја донел суштинската одлука и врз основа на кои показатели?
Според моето уверување и анализите на мојот тим, фактите отвораат сериозен сомнеж дека стечајот бил резултат на однапред донесена одлука, а дека гувернерката Бежоска била нејзин извршител. Ова е прашање што мора да биде проверено со целосна, независна и непристрасна истрага. Правда  која избира што ќе истражува, а притоа премолчува, престанува да биде правда.
Почитувани читатели,
Стечајната постапка сè уште трае. Според мојата лична проценка и процената на тимот што работи на овој предмет, постојат реални изгледи во блиска иднина од стечајната маса да бидат обесштетени сите клиенти, вклучително и Фондот, а притоа да останат средства што треба да им бидат вратени на акционерите. Ако стечајната маса ги обесштети сите доверители и обезбеди средства за акционерите, ќе мора да се постави прашањето: врз која реална и конечна основа била пресметана наводната загуба од 27 милиони евра?
Зар не е трагично неправедно, правдата да се закопува само затоа што одредени носители на функции се однесуваат како недопирливи личности? Раката на правдата е долга, стасува!
По пет и пол години истрага, јавноста има право да праша дали обвинителниот предлог е резултат на цврсти докази или обид по секоја цена да се оправда толку долгата постапка.
Госпоѓо Коларевиќ, врз основа на кои конкретни факти и докази ме обвинувате за несовесност? Ако во себе чувствувате професионална и морална одговорност, преиспитајте го вашето постапување. Истото треба да го направат и вашите претпоставени. Јавните обвинители не им служат на поединци, центри на моќ или скриени интереси. Тие мора да им служат на граѓаните, државата, законот и правдата. Јас не барам привилегија, уште помалку милост. Барам фактите да бидат проверени, законот да важи еднакво за сите, а институциите да одговараат за своите постапки.
Мојата борба продолжува само затоа што е борба за правда, борба за правна држава, борба за подобра Македонија во која никој не смее да биде над вистината и над законот.

Back to top button
Close