Говор во собранието по повод обележувањето на меѓународниот ден за борба против хомофобија, трансфобија и бифобија

Со промена на законот за матична евиденција документите наместо со одлука на ЕСЧП како досега, ќе се менуваат со решение на Управата за матична евиденција.

Почитувани пратеници, претставници на граѓанските организации и претставници на дипломатскиот кор,

17-ти мај – Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата се одбележува несекаде низ светот со многу добра причина. Омразата кон оние кој отклонуваат од традиционалните норми и од сѐ она што е „општо прифатено“ е многу реална, вистинска и честопати се материјализира не само во стигма и дискриминација, туку и во физичко насилство, а доколку омразата не се ограничи и спречи на институционално ниво, истата може да резултира и со насилство дури и со убиства од омраза. Особено, на светско ниво трансродовите жени се најизложени на убиства од омраза. Од 2008 година, проектот „The Trans Murder Monitoring Report“[1] ги евидентира убиствата од омраза на трансродовите лица. Од почетокот на проектот, пред 13 години, евидентирани се 4039 убиства. Оваа бројка е само видливиот врв на сантата мраз бидејќи податоците се добиваат само од земји каде има воспоставено мрежи од транс организации кои ги мониторираат овие случаи, додека многу случаи остануваат непријавени или непропознаени како такви. Во Република Северна Македонија сѐ уште немаме документирано случај на убиство мотивирано од омраза кон припадник на ЛГБТИ+ популацијата, но не можеме со сигурност да тврдиме дека не се случило бидејќи делата од омраза врз основа на сексуална ориетација и родов идентитет беа препознени дури во 2018 година во законот, а сѐ уште се соочуваме со недоволно капацитети на органите за прогон за препознавање и заштита од ваков вид на криминал. Секако не можеме да се пофалиме со тоа дека ревносно ги браниме и се залагаме за правата на ЛГБТИ+ луѓето, а уште помалку дека се обидуваме институционално да ја ограничиме и спречиме омразата. Со други зборови, многу сме далеку од демократските модерни општества, иакодекларативно се убедуваме во тоа.

 

За жал, она што можеме да констатираме е дека говорот на омраза против ЛГБТИ+ популацијата, а особено кон трансродовата заедница, во нашето општество само зема замав. И покрај тоа што безброј пати сме пријавувале документирани случаи на говор на омраза насочен кон ЛГБТИ+ заедницата и до полицијата и до јавното обвинителство, сѐ уште нема ниту еден случај со кој поединец или група бил осуден. Лично јас сум континуирано жртва на говор на омраза особено од страна на организации кои се здружуваат со единствена цел, да ги негираат правата на ЛГБТИ луѓето и родовата еднаквост. Ме нарекуваат болна, ненормална, ми постакуваат ќотек, силување, смрт, не го признаваат мојот родов идентитет, постојано ме исмеваат и ми се закануваат. Многу пати до сега сум поднела кривична пријава и сум побарала заштита, но обвинителството и полицијата ништо не преземале. Пораката од инситуциите до мене е јасна, мојот живот и животот на трансордовите лица не е подеднакво вреден за заштита.

 

На оваа ситуација се надоврзуваат верските лидери кои гласно повикуваат да не се донесе Закон за родова еднаквост и Закон за матична евиденција во делот за правно признавање на родот. Да верските лидери, оние кои уживаат моќ и статус, оние за кои државата прави исклучок од антидискриминацијата и им овозможува легално да дискриминираат жени при вработувањето, да не плаќаат даноци а да наплаќаат за добра и услуги, оние кои градат облакодери кај Холидеј Ин спротивно на јавниот интерес и се богатат на грбот на народот кој осиромашува. Тие морализираат за тоа што било жена и како жената требала да се однесува и да изгледа, тие си земаат за право да шират омраза и да поттикнуваат насилство кон ЛГБТИ луѓето и тоа да го викаат морал. Ако тоа е морално, а мојата борба за да не ме тепаат, вознемируваат, за да најдам вработување и да имам подеднакви можности за образование е неморална, тогаш треба да се запрашаме дали навистина сакаме да бидеме демократија или теократија. Но да ве потсетам на тоа како изгледаше светот кога клерот управуваше со него, за средниот век зборуваме како за мрачните години на вртоглаво богати црковни власти кои го угнетуваат, заќутуваат, го експлоатираат и малтретираат целото население. Ова не го прават верските лидери без интерес, нивната цел е да го одржат статус квото во кое преку блиски врски со политичари и бизнисмени уживаат моќ. Во подемократско и родово еднакво општетво верските заедници немаат големо влијание кај населението, па политичарите и бизнисмените од нив нема да купуваат углед со што ќе им се намалат имотите и возните паркови.

 

Конечно, кога сме кај институционалното уредување и наводната институционална поддршка од државата со која би се гарантирале и заштитиле нашите права како маргинализирана заедница – веќе со години Законот за матична евиденција со кој се регулира правно признавање на родот влегува и излегува од Собраниска процедура поради разни политички калкулации за додворување на електоратот, со што политичарите не успеваат да ги испорачаат сопствените заложби. Нивните заложби се дека секој граѓанин треба да ги ужива своите човекови права, а трансродовата заедница и во 2023 година сѐ уште не може да го оствари едно најелементарните човекови права според сите меѓуародни конвенции – правото на идентитет, правото да се идентификуваш онака како што се чувствуваш и како што си створен или створена, само поради тоа што не можеш да влезеш во матрицата на традиционалното и конвенционалното мнозинство. Она што дава надеж во моментов е најавата дека Законот за матична евиденција повторно ќе влезе во Собраниска процедура и да се надеваме дека пратениците овој пат ќе го изгласаат и покрај големото задоцнување. Почитувани пратеници, не потпаѓајте на пропагандата против овој закон! Не потпаѓајте на пропагандата со која не дехуманизираат и не претставуваат како монстуми кои се штетни за општетството а особено за децата! Со законот се овозможува да се сменат личните документи, кои го засегаат само лицето кое ги поседува и институциите пред кои ги приложува. Никој не ми бара лична карта за да влезам во женско веце, и сега со М во личната карта влегувам во женско веце и ништо од тоа што го предвидуваат противниците не се случи, не се распадна семејството, не се распадна општетсвото. Трансродовите луѓе во оваа земја веќе менуваат документи, постапки кои се провизирни и можат да траат од 1 до 10 години. Со овој закон наместо да ни се менуваат документите до одлука на Европскиот суд за човекови права ќе се менуваат со решение на Управата за матична евиденција. Наместо да се менуваат за една деценија, ќе се менуваат за еден месец. За трансродовите луѓе ова многу значи, значи дека нема да изгубиме 10 години во животот кои оставаат последици до крај, значи дека ќе можеме да си најдеме работа, да не бидеме социјални случаи, да не ни страда здравјето поради стравот и анксиозноста на секое одење во банка или на граница. За разлика од нас, овие документи ништо не им значат на останатите. До сега околу 14 трансродови луѓе ја смениле ознаката за пол и матичниот број, па ете не дојде тој крај на свет како што предвидуваат противниците. Не можете да спречите да ја менуваме ознаката за пол во документите, тоа е освоено право во Европа. Само бараме да ни го олесните патот, да не се поигрувате со нашите животи, бараме можност за еднакво да учествуваме и придонесуваме во општетсвото. Наместо да се занимаваме со години со личните документи, за тоа време да учиме, да се развиваме, да работиме, да придонесуваме.

 

И јас како трансжена се залагам за семејни вредности, и јас имам семејство. Но за мене семејните вредности се љубов, емпатија и поддршка од најблиските, значи дека најблиските те прифаќаат со сите твои различности, доблести и мани и ти помагаат да бидеш најдобрата верзија од себе. Но противниците мислат дека семејна вредност е да ги мразиш различните, мажот да одлучува и да ги контролира жената и децата во семејството, да се однесува насилсно и тоа да му се простува. Не, тоа не се семејни вредности во демократско општетсво, тоа се патријахални норми кои доведуваат до несигурни, несреќни и насилни млади луѓе, кои во недстаток на соодветна поддршка и неможност да зборуваат за своите потреби не можат да ги искористат своите потенцијали.

Уште еднаш, гласајте ЗА измените за Законот за матична евиденција и застанете на страна на љубовта, правдата и еднаквоста.

Back to top button
Close