Граѓаните да се однесуваат според европските манири,реакција на Ковачевски за нападот на клубот Борис Трети

Уште кога се отвораа бугарските клубови, кажав дека имињата што беа избрани може да претставуваат единствено провокација со оглед дека будат негативни чувства кај најголемиот дел од нашето општество бидејќи тие личности се поврзани со најтемните периоди во европската историја.

Ова е дел од коментарот на премиерот Димитар Ковачевски по вчерашниот напад на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид каде со огнено оружје беа оштетени стакло од прозорец и вратата. Премиерот ги повтори и повиците нашите граѓани да се однесуваат достоинствено и со европски манири

Исто така, тогаш повикав да се отвораат клубови кои ќе ги зближуваат граѓаните на двете држави, а не клубови што ќе предизвикаат негативни емоции кај граѓаните на двете држави. Исто така, повикав нашите граѓани да бидат достоинствени и да се однесуваме согласно со европските манири бидејќи сме членка на НАТО и држава која има отворено преговори со ЕУ и е идна полноправна членка на Унијата и затоа треба да бидеме на ниво на такво однесување. Знаете дека имаме нов Закон за здруженија на граѓани и сите здруженија без разлика кои се ќе мора да се усогласат со тој закон.
Повикав да се изработи комплетно нов закон за здруженија и фондации од страна на Министерството за правда усогласен со сите политички партии и експерти и истиот да се базира на германското законодавство. И Министерството за правда работи на таков закон. Во однос на реакциите кои ги има упатено Република Бугарија, тоа се реакции на Бугарија, ние како МНР имаме свои реакции“,рече премиерот.

Тој најави дека министерствата за култура на двете држави се во комуникација и многу скоро ќе има министерски состанок со цел да се воспостави комуникација преку официјални културно-информативни центри.

„Треба да се воспостави комуникација помеѓу двете држави преку официјални културно-информативни центри, каков што најавивме дека ќе отвориме во Бугарија. Тоа барање ќе го доставиме и ќе биде разгледувано од бугарската страна, на ист начин треба да биде и од другата страна за да може да покажеме дека овој регион е регион на соработка и регион кој заеднички сите држави имаме заедничка иднина во Европа, а таа се базира на добрососедски односи кои зависат од сите соседи“,рече Ковачевски.

Back to top button
Close