Граѓаните ќе почувствуваат како е да се биде дел од ЕУ многу порано од предвиденото, вели Маричиќ
Граѓаните ќе почувствуваат како е да се биде дел од Европската Унија многу порано од предвиденото, порача вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и додаде дека до 2030 година можно е да се реформираат некои правила во ЕУ за да се примат нови членки. Тој потсети дека овој моментум е посебна шанса за земјите од Западен Балкан и истата треба да се искористи.
„Не смееме да го пропуштиме овој момент, немаме време за чекање, мораме да ја искористиме шансата да се вклучиме во европскиот фронт каде што се вклучени сите. Да не се навлегува во тунелот на чекање, кој може да биде изгубено скапоцено време за нас“,
рече Маричиќ на конференција на темата „Гледање напред кон Земјите на Западен Балкан во ЕУ, искористување на моментумот за проширување“.
Маричиќ посочи и дека скринингот завршува, а за земјава ќе остане само еден неисполнет услов.
„Текот на скринингот одеше многу интензивно, многу брзо, и тој наредната недела завршува, во поглед на исполнување на клучните патокази, а тоа е владеење на правото, јавната администрација.. ова до крајот на годината ќе го поднесеме како документ, со што ќе дојдеме до една точка на исполнување на предуслови со исклучок на уставните измени, кои што за нас се политички услов. Инаку, сите други технички услови па и политички, ги исполнуваме,“
вели Маричиќ.
Во дискусијата Маричиќ се фокусираше на Планот за раст со која според него земјите од Западен Балкан можат многу да добијат, оценувајќи ја како револуционерна одлуката за проширувањето на Европската Унија.
„Со Планот за раст првпат се отвораат можности за вклучување во програми во кои не сме биле досега вклучени, со што се овозможува и пристап до финансиска помош со која ќе се овозможи реализација на реформите најпотребни за реализација на процесот,“објаснува Маричиќ.