Граѓаните им дадоа тројка на судовите за добиените услуги
На скала од еден до пет, средната оценка што граѓаните им ја даваат на судовите е 3,1, покажува анкетата на коалицијата „Сите за правично судење”, на иницијатива на Здружението на судии што денеска беше презентирана во Основниот кривичен суд Скопје. Анкетата, како што беше посочено, не се однесува на довербата на граѓаните во судството, туку нивното лично искуство и задоволството од услугите што ги добиле од судовите.
Анкетата е спроведена лани во декември, а во неа било мерено личното искуство на граѓаните кои биле странки во судовите, како обвинети, оштетени, јавни обвинители, адвокати, но и граѓани кои доаѓале да извадат некаква потврда. Испитувањата биле вршени во Основниот кривичен суд Скопје, Граѓанскиот суд во Скопје, Апелацискиот и Врховниот суд.
Според резултатите од анкетата која, како што кажа Дарко Андоновски од коалицијата „Сите за правично судење“, е прва од ваков тип, најголемо задоволство кај граѓаните има од услугите што ги добиле од судската полиција. Таа добила просечна оценка од 4,1 на скалата од 1 до 5. Оценката за судиите е 3,43, додека со 3,46 било оценето задоволството од услугата што граѓаните ја добиле од судските службеници.
Кога станува збор за корупцијата во судството, 9 проценти од испитаниците рекле дека им било побарано и дека дале мито за да им биде дадена одредена услуга. Седум отсто одбиле да одговорат на ова прашање. Перцепцијата кај граѓаните во однос на борбата против корупцијата кај судовите и понатаму останува ниска и голем дел од нив сметаат дека таа е на ниско ниво во судовите.
Инаку, најниска оценка во однос на задоволството од услугите граѓаните дале за брзината на добивањето на услугата. Тука проссчната оценка е 2, со многу единици по категориите кои биле опфатени во истражувањето, кое е спроведено на 1 100 испитаници.
Министерот за правда Игор Филков, кој беше присутен на презентацијата, резултатите ги оцени како катастрофални, без да даде поопширно објаснување.
Претседателот на Основниот кривичен суд, Иван Џолев, кој е и претседател на Здружението на судии, пак смета, дека резултати од анкетата се добри и претставуваат добра основа за натамошни истражувања и подобрувања на работата на судовите и зголемувањето на довербата на граѓаните во нив. Џолев, кој како домаќин го имаше воведниот збор на денешната презентација, се осврна токму на довербата во судството.
Процентот од два отсто доверба кој како што кажа, често се користи за истакнување на лошата состојба во судството, а произлегува од анкета на ИРИ од 2023, не ја одразува вистинската состојба. Како што кажа, во оваа анкетата два отсто е апсолутната доверба во судството, но не се зема во предвид релативната доверба која изнесува 18 проценти.