Граѓаните подигнале над 244 илјади „НМК“ налепници за своите возила

Над 244.000 налепници „НМК“ за возилата биле подигнати од страна на граѓаните досега, информираат од Министерството за внатрешни работи за Слободен печат.

Иако распределбата на налепниците до техничките прегледи започна доцна, на последниот ден од предвидениот датум за промена на сите лични документи-12 февруари, сепак голем број на граѓани имаат залепено налепници на своите возила со кратенката од новото уставно име „НМК“.

„Од техничките прегледи се задолжени вкупно 393.400, а подигнати од граѓаните се вкупно 244.797 налепници“, велат од МВР за Слободен печат.

Оттаму информираат дека засега процедурата тече без никакви потешкотии и распределбата на налепниците се одвива непречено.

Но сепак, бројката на возила со налепници „НМК“ е поголема бидејќи има граѓани кои се одлучија да купат налепници кои се продаваат по продавници за автоделови ширум државата и на социјалните мрежи, но има и случаи каде граѓаните си плаќаат и нови регистерски таблички кои се со ознаката „НМК“.

Налепниците „НМК“ се бесплатни за граѓаните но граѓаните треба со автомобилот и сообраќајната да дојдат во станиците за технички преглед и најпрво да пополнат барање на шалтерите на МВР. Потоа налепницата под видеонадзор и од страна на вработените ќе им биде залепена на регистарската таблица.

Рокот за ставање налепница на која е испишана ознаката „НМК“, односно за замена на регистарските таблички кои ја содржат ознаката „МК“ и на оние кои немаат никаква ознака, е пролонгиран до 31 декември 2024

Back to top button
Close