Граѓаните земаат брзи кредити најчесто за лекување
Граѓаните треба да бидат внимателни - најчесто злоупотребите со брзи кредити ги прават нивните најблиски кои имаат пристап до документите
Граѓаните треба да бидат внимателни – најчесто злоупотребите со брзи кредити ги прават нивните најблиски, коишто имаат пристап до нивните документи и податоци. Покрај злоупотреба на лични податоци, се злоупотребуваат и пинови на кредитните картички, па се случува како „гром од ведро небо“ граѓаните да се принудени да враќаат пари кои никогаш не ги виделе и земале.
Заеми за лекување
Според претседателот на Групацијата на финансиски друштва при Стопанската комора, Никола Јошевски, луѓето најчесто земаат средства од финансиските друштва кога им е тоа итно и најпотребно. Притоа, 10 – 15 отсто од средствата кои се подигнуваат се за лекување.
„Луѓето користат средства од кај нас тогаш кога им се најпотребни. Ако им требаат итно средства, а не можат да ги земат од некоја друга институција доаѓаат кај нас“, вели Јошевски.
Злоупотреби од блиски луѓе
Според нивните сознанија, бројот на злоупотреби минатата година бил мал во однос на исплатените кредити од финансиските друштва. „Не може секој да има ваша лична карта, ваша трансакциска сметка или пин од вашата картичка. Затоа, злоупотребата најчесто се случува од блиски луѓе. Колку и да е мал тој број, да се потрудиме да го сведеме на минимум“, вели Јошевски.
Тоа е и целта на новата кампања која што започнува за заштита на личните податоци, а во која ќе бидат вклучени повеќе институции. Се најавува и едукација и обуки за вработените во финансиските друштва со цел да се засилат мерките за заштита и одговорно кредитирање на клиентите, по укажувањата дека има бројни злоупотреби, во кои страдаат недолжни граѓани.
„Заштитете се“
Граѓаните се советуваат да ги ажурираат навреме личните податоци и да внимаваат каде ги споделуваат. Да не откриват лозинки и други информации за сметките, да внимаваат каде ја приложуваат личната карта. „Пријавете ако ја изгубите и бидете свесни за вашите права“, се вели во препораките до граѓаните.
Над 30 претставки на измамени граѓани во брзи кредити пристигнале само на адресата на Народниот правобранител. Честите злоупотреби при вадење на брзи кредити ги загрозуваат правата и интересите на граѓаните, поради што Омбудсманот побара да се ограничи електронското аплицирање за брзи кредити со украдени лични карти.
Министерството за внатрешни работи само за половина година има евидентирано 65 пријави на измамени граѓани. Станува збор за појава која што станува се помасовна. Проценките изминатиот период беа дека над 200.000 граѓани зеле брзи кеш кредити, но контролите извршени кај финансиските друштва покажуваат дека кај повеќе од половина од нив се констатирани неправилности. Сѐ почесто се нудат кеш кредити, наменски кредити, кредити за рефинансирање, кредити за пензионери. Аплицирањето е со минимум документи, најчесто со лична карта, без жиранти и без докажување на приходи.
Експанзија на финансиски друштва
Финансиските друштва во земјава зафаќаат до два отсто од вкупната актива на финансискиот систем, а вработуваат околу 1.300 млади луѓе и оваа година ќе платат над 10 милиони евра даноци кон државата.
„Изминатата деценија е евидентна експанзијата на финансиските друштва. Зголемен е нивниот број, а во пораст се и бројот на издадени кредити, како и износот на новосклучените договори. Според Народната банка, заклучно со 30 јуни 2023 година, вкупната кредитна изложеност на граѓаните и фирмите во земјава била седум милијарди евра, а изложеноста кон финансиските друштва 140 милиони евра или само два отсто од вкупната кредитна изложеност“, вели Антонета Манова Ставреска од Стопанската комора.
Дозволите за основање и работа на овие финансиски друштва ги издава Министерството за финансии. Заклучно со 1 ноември 2022 година на финансискиот пазар активно работеле 33 финансиски друштва. Најголем дел од нив одобрувале потрошувачки кредити на физички лица. (dw)