Граѓанска иницијатива ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД: Гасот ниту е преоден ниту е решение, гасот е дел од проблемот!
Природниот гас е фосилно гориво и го има во ограничена количина, а тоа е една од многуте причини зошто западните земји го исфрлаат од употреба. Тој создава зависност од други земји за испорака и создава долг. Најдобар пример за тоа е што развиена земја како што е Германија во моментов е во финансиска криза поради војната во Украина бидејќи главен снабдувач на гас ѝ била Русија.
Далеку поголеми последици би имала мала земја како Македонија ако за работата на индустријата и производството на електрична енергија главно би го користеле гасот како енергенс и од некоја причина би се прекинало неговото снабдување со оглед на тоа што на Балканот сме најзависната земја за увоз на електрична енергија.
Постојано има вести од развиени земји во светот каде што цели згради или куќи експлодираат и луѓе гинат поради протекување на гас. Причините зошто се случува тоа се различни – почнувајќи од неисправна инсталација, невнимание при градежни активности неповрзани со гасоводната мрежа, па сѐ до убиства со умисла. И ова се случува во земји кои имаат стандарди и каде што се почитуваат законите. Можете да замислите што би се случувало во земја како нашата каде што нема никаква професионалност во работата, ниту квалитет.
Проф. д-р Ристо Цицонков нуди прецизно согледување на заблудата кај многумина во Македонија во однос на природниот гас: „Во земјава постои погрешна перцепција дека природниот гас е еколошко гориво. Тоа спаѓа во групата фосилни горива (јаглен, нафта и гас), така што при нивно согорување се ослободува јаглерод диоксид (СО2) кој е главен причинител на глобалното затоплување, т.е. климатските промени.“ А за најавите што ги слушаме за гасификација во последно време вели: „Покрај направените големи грешки во минатото, а особено во последниве неколку години, се најавуваат зафати што нема да бидат соодветни на потребите и условите во РМ, но и во меѓународни рамки.
Природниот гас е последното упориште на нафтената индустрија. Инвестиции во фосилни горива значат неодговорно заробување јавни пари во застарена технологија уште 4-5 децении, а како што вели Цицонков „Сите политички субјекти кај нас се едногласни во определбата РМ да влезе во Европската Унија (ЕУ). Па ако е така, погледнете што се прави во ЕУ за греење на просториите. Во голем број на држави забрането е да се инсталира систем за греење на гас во новите згради, а во преостанатите држави е даден рок забраната да почне најдоцна до 2030 година “.
Тоа значи дека до 2030 година ние ќе имаме потрошено милиони на инфраструктура за гасификација и уште нема да ја имаме завршено, а веќе ќе мора да воведеме забрана за инсталирање систем за греење на гас во новите
згради.
Друг проблем со природниот гас е што им е неисплатлив на граѓаните за да би го користеле за загревање на своите живеалишта. Пример за тоа е Струмица каде што речиси една половина од градот е покриен со дистрибутивна гасоводна мрежа повеќе од 10 години, а многу е мал интересот за приклучување на домаќинствата и покрај даваните субвенции. Дури и од државните институции на гас се грее само болницата, а останатите се на мазут, нафта или струја.
Гасификацијата, исто така, е дефокусирање од вистинските решенија на проблемот – производство на електрична енергија од чисти извори со редуцирање на биоотпадот. И локалната и централната власт мора да направат одлучни чекори во правилната насока без попатно да прават непристојни компромиси.
Најважно од целиот процес на зелена транзиција е на покривите на сите објекти кои се во сопственост на државата или локалната самоуправа да се постават фотоволтаични системи за производство на електрична енергија и да се заменат старите системи на греење со мазут, екстра лесно гориво, јаглен и сл. што ги загадуваат сите медиуми на животната средина во огромни размери.
Исто така, мора да се направи термичка изолација на сите објекти што немаат. Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. изработи јавно достапна анализа за премин кон фотоволтаични системи на јавните институции за која колку што е познато властите до денес не покажале интерес.
Мора веднаш да се започне со подобрување на електроенергетската мрежа и со процедура за измена на Законот за енергетика и подзаконските акти, со цел олеснување на процедурата на поставување фотоволтаици на покривите на домови, згради и мали бизниси, како и задолжително отстранување на лимитот од 6kw моќност. Никако да не се дозволува поставување на фотоволтаици на плодно земјиште за што сме сведоци дека се случува во голема мера.
Проблемот со вишокот електрична енергија што би се добивал од фотоволтаични системи може да се реши многу паметно со револуционерното решение кое веројатно има најмало негативно влијание врз животната средина и е многу поисплатливо во споредба со хидроцентралите – гравитациско складирање енергија (Gravity energy storage – GES). GES функционира на сличен начин како и хидроцентралите (кои се многу скапи за изградба и имаат негативно влијание врз животната средина) само што наместо вода се користат големи тегови кои се креваат на пропишана височина кога има вишок на електрична енергија и се пуштаат да паѓаат надолу кога треба да произведуваат струја. За најдобра економичност и најмало негативно влијание врз животната средина, се градат до фотоволтаични централи на неплодно земјиште.
Во Македонија најдобро е да се направат големи системи за гравитациско складирање енергија кои ќе бидат во државна сопственост во РЕК Битола и кај другите термоелектрани што ќе го менуваат производството на електрична енергија од јаглен или фосилни горива на фотоволтаици.
Од вкупниот отпад, најголемиот процент во МК отпаѓа на биоотпадот – од 60% до 80%. Затоа, мора да се направат компостари за биоотпад од затворен тип во секое маало што ќе бидат достапни за секое домаќинство и на тој начин ќе се елиминираат трошоци за превоз и за депонирање, а и ќе се елиминира загадувањето на почвата, водите и воздухот.
Селекцијата е неопходно да се одвива на највисоко можно ниво за да се елиминира најголемиот процент од отпадот. Исто така може да се произведува метан од биокомпостарите (и од пречистителни станици) кој би се искористил како енергенс за производство на струја.
Доколку фотоволтаичните системи би се комбинирале со системите за биокомпостирање би можело да се создаде интегриран систем за производство на навистина чиста енергија. На изјавите дека македонската мрежа не би можела да издржи толку фотоволтаични системи би одговориле дека и тоа како е можно со внимателно планирање засновано на факти што е клучно без оглед за која сфера разговараме. Сигурно постојат податоци во каква состојба е мрежата, што треба да се направи за да се обнови, колку електрична енергија ѝ е потребна на Македонија и колкав ни е потенцијалот за извоз. Зошто владата дозволува да зависиме од скап увоз на електрична енергија и нѐ осиромашува сите? Зошто нашата евтино произведена електрична енергија владата дозволува да ја извезуваме надвор? Ако на една влада ѝ е квантна физика да испланира понуда и потрошувачка на електрична енергија и да овозможи енергетска независност на жителите на Македонија, а со тоа драстично да ја намали енергетската сиромаштија, тогаш треба да гледаме оставки.
Одржливо општество е можно доколку способни поединци, кои се независни експерти во својата област, ги диктираат политиките. А експертите стојат на ставот дека доколку радикално не го промениме начинот на управување со општествата, ние и/или нашите деца ќе го гледаме во живо изумирањето на човековата раса!