Граѓанска непослушност најавуваат сопственици на ноќни клубови

Доколку владата продолжи да ги игнорира нивните барања за состанок, тогаш стопанствениците велат дека сами ќе ги отворат клубовите, кои се затворени од почетокот на пандемијата

 

Сопственици на ноќни клубови во земјава, вечерва од состанок во Штип, најавија граѓанска непослушност. Доколку Владата ги игнорира нивните барања за почнување со работа, своеволно ќе ги отворат клубовите, почнувајќи од наредниот викенд. На состанокот присуствуваа претставници на 20 ноќни клубови, пренесува МИА

Горан Арсовски, претставник на Здружението на ноќни клубови, изјави дека одлуката ја носат  како резултат на „целосната дискриминација на ноќните клубови од страна на власта“ и, како што вели, по неколку неуспешни обиди за состанок со нејзини претставници, на кој би се дискутирало за нивниот опстанок.

„Ноќните клубови во затворен простор во земјава се единствените во целиот регион и во светот кои, со одлука на Влада, се во целост затворени и не работат повеќе од 19 месеци. Единствено кај нас не се најде начин и решение да работат со соодветни протоколи“,тврди Арсовски.

Тој посочи дека „се друго си работи нормално“, како воопшто да нема коронавирус, а помали капацитети од нивните, со доста понебезбедни услови од условите што тие можат да ги обезбедат, ја превземале улогата на организатори на забави.

Според сопствениците на ноќни клубови, изминатите неколку недели, во текот на изборната кампања, на митинзите имаше присуство на илјадници граѓани, а каде, како што велат, не постоеше никаков безбедносен протокол, ниту во делот на присуство на имунизирани лица, ниту во делот на носење на маски, ниту пак во делот на одржување на физичко растојание.

„Би сакале да ја прашаме власта која е логиката ние да не заслужуваме протокол за работа, а политиката да не страда и да собира по илјадници лица на едно место. Ја известуваме власта и Комисијата за заразни болести да престанат со селективното однесување, како воопшто да не постоиме, и во текот на оваа недела да ни дадат термин за состанок на кој ќе се разговара за нашето работење. Во спротивно, ќе бидеме принудени, по пат на граѓанска непослушност, да ги отвориме клубовите, за што би можеле да одговараме кривично, како да сме криминалци, а не бизнис субјекти кои бараат излез од целава ситуација да преживеат, да опстанат, да работат и да плаќаат даноци“ порачаа членовите на Здружението на ноќни клубови.

Back to top button
Close