Граѓански организации од Западен Балкан: Родовата перспектива неопходна во процесите за приближување кон ЕУ
Родовата еднаквост е основна вредност на Европската Унија и претставува неопходен предуслов за еднаквост, социјална правда, одржлив раст и развој на општествата. Како таква, оваа вредност мора да биде интегрирана во процесот на пристапување кон ЕУ на државите од Западен Балкан. Работејќи кон оваа цел, шест организации од Западен Балкан се здружија во спроведување на проектот насловен „Унапредување на родовата еднаквост во процесот на пристапување во ЕУ”.
Во процесот на подготовка за имплементација на законите и стандардите на ЕУ, земјите мора да земат предвид дека жените се половина од населението, и тоа мора да го рефлектираат во сите напори за обезбедување на еднаква застапеност на потребите и интересите, како и обезбедување на еднакви можности, и за жените и за мажите, соопшти „Реактор – Истражување во акција“.
Оттаму велат дека тоа е причината зошто родовата еднаквост мора да биде една од првите работи што паѓаат на ум кога зборуваме за процесите на пристапување кон ЕУ и во подготовката на успешни државни политики. Северна Македонија напорно работи на имплементација на потребните реформи кон членство во ЕУ.
На овој пат кон подобрување на политиките и имплементација на реформи, државата мора да ги земе предвид родовите перспективи, да ги вклучи и примени на сите потребни нивоа. Остварувањето на оваа цел е можно само преку здружени напори на граѓанските организации и институциите, со цел да се осигури дека родовата перспектива е земена предвид и ги рефлектира интересите и на жените и на мажите, придонесува кон унапредување на женските права и родовата еднаквост, а со тоа и ги подобрува животите на сите луѓе во заедницата. Земајќи го ова предвид, женските граѓански организации од пет земји од Западен Балкан: Северна Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, ја здружија својата експертиза и знаење, за поддршка на владите од Западен Балкан при вклучување на родот во нивните програми и на родовите перспективи во процесите на пристапување кон ЕУ, стои во соопштението.
Со здружени напори овие организации ќе работат на пополнување на јазот во достапните родови податоци за различни сектори на национално ниво, следење на имплементацијата на обврските за родова еднаквост од страна на владите, информирање на извештаите на Европската комисија за напредокот на државите и политичкиот дијалог за пристапувањето кон ЕУ, како и градење на регионална мрежа на женски граѓански организации кои застапуваат за подобрена родова перспектива во процесот на пристапување кон ЕУ, велат од „Реактор – Истражување во акција“.
Партнери во имплементација на четиригодишниот проект, финансиран од Европската Унија, со наслов: „Унапредување на родовата еднаквост во процесот на пристапување во ЕУ“, се Реактор – Истражување во акција (Северна Македонија), Мрежа на жени од Косово (KWN) (Косово), Албанска мрежа за зајакнување на жените(AWEN)(Албанија), Права за сите (Босна и Херцеговина), Центар за женски права (Црна Гора) и Фондација Жена за жена (The Kvinna till Kvinna Foundation) (канцеларија во Северна Македонија).