Граѓански протест пред фабриката „Пејпр мил“ во Кочани, побарана ревизија на А интегрираната еколошка дозвола

Граѓански протест пред компанијата „Пејпр мил“ денеска организираше Одборот за здрав живот во Кочани, како реакција и незадоволство од неколкугодишното загадување на воздухот од фабричкиот оџак и индолентниот однос на надлежните институции во државата.

Под мотото „Кочани сака чист воздух, придружи се и ти“, на протестот беше побарано да се направи ревизија на А интегрираната еколошка дозвола што фабриката ја има добиено од Министерството за животна средина, а како енергенс во иднина да се користи исклучиво метан, наместо пелети.

 

– Уставно право на секој човек е да дише чист воздух, но за жал, ние во Кочани тоа право го немаме. Државата направила голем пропуст со тоа што издала еколошка дозвола според која максималната граница за испуштање штетни честички е 150 милиграми на кубен метар, а знаеме дека според сите светски стандарди таа не смее да биде над 50 милиграми. Дополнително, ниту тие параметри не се почитуваат, а според нашите сознанија се испуштаат количини и до 400 милиграми. Затоа, бараме да се направи целосна ревизија на дозволата, а „Пејпр мил“ во иднина исклучиво да користи метан, ако сака да продолжи со работа, истакна Орце Николов, граѓански екоактивист.

 

Присутните на протестот нагласија дека веќе не им веруваат на податоците од надлежните институции за загаденоста на воздухот во Кочани, а побараа да се направи контрола и на испуштањето на отпадната технолошка вода од „Пејпр мил“.

– Инспекциските мерења на испуштањето штетни честички во воздухот се прави според однапред договорени термини со фабриката, за да се добијат поволни резултати. Почнавме судска постапка пред две години, но и таа заглави во правните лавиринти. Проблем е и отпадната вода што се испушта во реките и ја загадува почвата и земјоделските површини. Суштината на проблемот со загадувањето не е во „Пејпр мил“, туку кај надлежните инстанци, а таму е и неговото решение. Затоа се сомневањата во јавноста дека институциите не работат како што треба, а на штета на здравјето на сите граѓани. Не може фабрика што се нарекува еколошка, затоа што рециклира суровини, во своето работење да работи според нееколошки стандарди, истакна Ефтимиј Атанасовски, граѓански екоактивист.

Поддршка на протестот дадоа и екоактивсти од Велес, кои порачаа дека по петнаесетгодишни истрајни и упорни барање тие го решија загадувањето од Топилницата, поради што и граѓаните на Кочани треба да ги следат нивните постапки.

Од Одборот за здрав живот во Кочани порачаа дека денешниот протест ќе биде само почеток на подолготрајна и поупорна борба против сите загадувачи на животната средина, а проблемите треба да ги решаваат институциите на системот. Во спротивно, помош за добивање на своите права, граѓаните ќе бараат од странски амбасади и институции, но и од Европскиот суд за човекови права во Стразбур, за што почнуваат постапка за собирање потписи.

Извор: тв24

Back to top button
Close