Грац: „Овој хорор не може да се опише со зборови“
Ѕвоната на катедралата во Грац повикуваат на комеморација. Море од светла го осветлува главниот плоштад во градот. Собрани се стотици луѓе кои носат свеќи, многу од нив со солзи во очите. Многумина добро го познаваат училиштето кое стана смртоносна стапица непосредно пред летните распусти бидејќи поранешен ученик тргна во крвав поход, намерно пукајќи и убивајќи луѓе.
„Овој ужас не може да се опише со зборови“, рече инаку елоквентниот сојузен претседател на Австрија, Александар Ван дер Белен – и со тоа ја погоди душевната состојба во Австрија. Особено во Грац, по овој „темен ден во историјата на земјата“, како што тоа го формулираше австрискиот канцелар Кристијан Штокер.
„Грац стои заедно“
Три дена национална жалост, која е стварност и без декрети: „Како да имаш тежок камен во стомакот кој го носиш со себе, а сè уште не можеш сосема да поверуваш дека ова се случило“, вели една ожалостена жена со солзи во очите.
„Грац стои заедно“ е напишано со бела боја на црн транспарент што навивачите на австрискиот фудбалски шампион Штурм Грац го закачија на ѕидот на средното училиште во коешто се случи крвопролевањето. Дури и оние кои обично можат да бидат толку гласни останаа без зборови.
Сите настани се откажани
Грац е обединет, особено сега, но како и секогаш, вели градоначалничката Елке Кар: „Нешто што отсекогаш било одлика на нашиот град и луѓето што живеат тука е тоа што си помагаме едни на други.“ Политиката сега тука нема место, вели политичарката од КПО, комунистка која постојано е избирана во вториот по големина град во Австрија.
Во ова, Кар има исто мислење со неодамна избраниот премиер на покраината Штаерска, десничарот Марио Кунасек од ФПО:
„Штаерска денес тагува, зеленото срце плаче. И според мое мислење денес нема да има политичка дискусија. Денес е време за жалост.“
Партиските собири се одложени, сите настани се откажани. На Градското собрание во Грац, кој е главен град на Штаерска, се вее црно знаме на половина копје. Така е во целата земја. Пауза за да може тешко да се дише.
Дали пристапот до оружје е премногу лесен?
Но, веќе се поставуваат итни прашања за времето што следи. Еден човек вели дека не разбира како такво момче може да има такво оружје, со оглед на тоа што Австрија има толку строги закони за оружје. А друг додава дека сигурно може да се дискутира „дали пристапот до оружје треба да биде толку лесен како што е моментално случај во Австрија“.
Премногу лесен, велат експертите. 21 година, постојан престој, чисто досие, тоа е обично доволно. 1,5 милиони парчиња оружје се регистрирани во Австрија, која има девет милиони жители. Во Штаерска количеството на оружје е натпросечно.
Вооружениот напаѓач, 21-годишен штаерски жител, носел пиштол и пушка, кои легално ги поседувал, вели полицијата. Тој бил невработен и го напуштил училиштето без диплома – токму училиштето каде што уби девет тинејџери и еден наставник, веројатно во неговата поранешна училница.
Се вели дека се чувствувал како жртва на малтретирање. Сепак, полицијата сè уште не е во можност да го утврди ова од неговото проштално писмо, кое е пронајдено во меѓувреме. По деновите на жалост, ќе треба да се разјаснат многу работи.(dw)