Град Скопје објави тендер за идеен проект за „автобуско метро“ од Ѓорче Петров до Ново Лисиче

Град Скопје денеска објави тендер за изработка на идеен проект за изградба на брз автобуски систем – БРТ (автобуско метро) за трасата Ѓорче Петров – Ново Лисиче. Крајниот рок за поднесување на понуди е 3 септември.

За најповолна понуда, пишува во тендерската документација, ќе биде избрана онаа која ќе биде оценета како економски најисплатлива односно која ќе освои најголем збир на бодови за секој поделемент, од најдобриот однос помеѓу цената и квалитетот.

Цената и квалитетот ќе бидат подеднакво вреднувани, односно и за едниот и за другиот критериум се предвидени по максимални 50 бодови.

Просечната должина на оваа траса за автобуското метро е 12,81 километри, а во документацијата пишува дека приближниот број на патници кои ја користат оваа траса на дневно ниво е 65 000.

„Проектантот треба да предвиди дека сообраќајната лента за движење на возилата на БРТ во однос на останатиот моторизиран сообраќај треба да биде одвоена со посебни разграничувачи, со исклучок на крстосниците каде што треба да остане можност за мешање со останатиот моторен сообраќај. Да се направи анализа што ќе се случи зимно време при чистење на снег и во зависност од резултатите да се даде мислење дали поставувањето на разграничувачи е неопходно или ќе биде доволно да се постави хоризонтална сигнализација. Ако се постават разграничувачи, истите по потреба да можат да се дислоцираат“,

пишува во проектната документација каде се наведува дека трасата треба да биде во третата односно крајната лева сообраќајна лента, а доколку тоа не е можно проектантот да достави предлог како е најизводливо.
Во таков случај, на средниот дел кој ги раздвојува двата правци на булеварите би се поставиле автобуските постојки.

„Предлогот на Градот Скопје е автобуските настрешници да се постават на средишното зеленило и истите да се користат за двете насоки на движење. Во зависност од водењето на трасата на БРТ, проектантот да има предвид отворен и/или затворен систем на организација на автобуските настрешници“,

пишува во проектната задача.
На оваа траса е предвидено „автобуското метро“ да застанува на 21 станица во еден правец плус два терминала.

Според анализите на Секторот за сообраќај на Град Скопје, кои се наведени во документите, оддалеченоста помеѓу автобуските би била помеѓу 500 и 900 метри. Вкупното време кое би било потребно да се помине оваа траса е 35 минути. Сепак, се нагласува во тендерската документација, проектантот може да предложи нова микролокација на автобуските стојалишта.

..повеќе

Back to top button
Close