(Видео) Град Скопје поднесе 20 случаи на незаконски легализации на дивоградби во Чаир. 11 годишник заведен како инвеститор на зграда дивоградба
Град Скопје поднесе 20 случаи на незаконски легализации на дивоградби во Општина Чаир до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Како што посочи градоначалничката Данела Арсовска, не станува збор за тераси или гаражи, туку за цели згради изградени спротивно на закон чија изградба, само на еден објект чинела над еден милион евра, а основните давачки како комуналии се над 1.5 милион евра.
Според Арсовска во Општина Чаир има над 150 вакви згради по 12 ката без дозволи и проекти со кои буџетот на граѓаните е оштетен за 225 милиони евра, криминал, за кој, како што нагласи знаел или требале да знаат градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу и неговите соработници.
Арсовска приложи две официјални сателитски снимки од Агенцијата за катастар на недвижности од 2017 година каде на локацијата ги нема дивоградбите, а Законот за легализација пак важи единствено за објекти изградни пред 2011 година.
-Магично во втората половина на 2023 година отпочнува плоча, што станува зграда на 12 ката во 2024 година. Е сега, нас Висар Ганиу се обидува да не убеди дека се ова е легално. Иновацијата е што оваа зграда изградена во 2024 година ја аплицирал со свое барање извесен Беким Аземи, кој што е брат на претходниот 15-годишен иноватор, Бујар Аземи. Иновацијата е што Беким Аземи е најмладиот претприемач во Македонија во изминатото столетие. Тој според документацијата што е презентирана ја изградил оваа зграда во 2010 година кога имал само 11 години, а на 12 години своерачно поднел барање за легализација. Затоа и не е чудо што сме сме четврта најуспешна економија во Европа, затоа што нашите млади уште од 12 години градат згради во Чаир и стануваат милионери. Да резимирам, ова е криминал, изјави Арсовска.Арсовска, исто така, посочи дека Висар Ганиу во три годни има направено повеќе дивоградби од сите општини заедно што имаат предмети.
-Ако сите скопски општини имаат стотина предмети, Висар Ганиу има 13 илјади предмети, што сам го има лично кажано. Дали може да замислите колку од овие се всушност незаконски направени… зборуваме за многу посериозна работа, за небезбедност и непврада, зборуваме за луѓе кои се измамувани да купуваат станови во објекти што не се свесни дека се нелегални, изјави Арсовска.
Според Арсовска финансиската штета за само еден ваков објект е над 1,5 милион евра. -За 150 вакви дивоградби во Општина Чаир тоа се 225 милиони евра, тие се пари на граѓаните, кои треба да се влеат во буџетот и да се трошат за вашите, нагласи Арсовска.
Видео тука https://www.facebook.com/watch?v=1919640268823596