Град Скопје поднесе кривична против лица од поранешното градско раководство

Актуелното раководство на Град Скопје поднесе кривична пријава против своите претходници го градската управа обвинувајќи дека Градот платил сума од над 75 000 евра за изработка на официјална веб-страница на Град Скопје која никогаш не профункционирала.

Како што информираше на прес-конференција Данијел Апостолоски од прес-службата на Данела Арсовска, кривичната пријава е за злоупотреба на службената положба и овластување и несовесно работење во службата против поранешни и сегашни вработени во Град Скопје и тоа: поранешната генерална секретарка на Град Скопје, Викторија Аврамовска Мадиќ; поранешниот помошник-раководител на Секторот за поддршка на градоначалник Ваљон Салиху; раководителот на одделението за ИКТ-инфраструктура Никола Трајковски; и вишиот соработник во одделение за координација на активности на градоначалник Влатко Васиљ.

„Имено, Викторија Аврамовска-Мадиќ од Скопје во својство на секретар на Град Скопје, искористувајќи ја својата службена положба и овластување во периодот од 2018 до 2020 година, потврдила дека во целост е реализиран договор за изработка на официјален портал на Град Скопје со миграција на постојните податоци и дигитална платформа за интерконекција и управување со веб-содржини и постапувајќи несовесно во вршење на своите овластувања и должности потврдила дека е извршено предавање на платформа и приспособување на порталот кои активности се предмет на реализација на склучен договор иако знаела дека не е испорачано IBM ESB – изјави Апостолоски.

Тој тврди дека не е извршена целосна миграција на податоци од постојната веб-страна на Град Скопје и не е предаден новиот порталот, за што другите пријавени со свои потписи потврдиле дека се извршени и предадени поединечните фази од наведениот проект, иако знаеле дека истите не се испорачани и иако им било познато дека договорот не е во целост реализиран.

Пријавените Никола Трајковски, Ваљон Салиху и Викторија Аврамовска-Мадиќ, искористувајќи ја својата службена положба, сепак потпишале и одобриле исплата на вкупната вредност на договорот во износ од енормни 4 717 640 денари или над 75 000 евра за услуга која не е целосно извршена и испорачана на Град Скопје согласно договорот, на кој начин пријавените прибавиле имотна корист за друг и нанеле штета на буџетот на Град Скопје – вели Апостолоски.

Претходно, од актуелното раководство на Градот соопштија дека поднеле кривична и против Петре Шилегов и поранешната претседателка на Советот, Љубица Јанчева од СДСМ.

Од СДСМ, пак, тогаш одговорија дека ВМРО-ДПМНЕ измислува непостоечки афери за да го прекрие неработењето на Данела Арсовска.

 

 

Back to top button
Close