Градежна компанија во сопственост на децата на Блерим Беџети е под лупа на Антикорупциска, не била пријавена во имотниот лист

Компанија регистрирана за изградба на станбени и деловни објекти, формирана од децата на пратеникот од ДУИ и поранешен градоначалник на Сарај, Блерим Беџети, стана предмет на интерес на Државната комисија за спречување на корупцијата, објави РСЕ.

Станува збор за фирмата „ВЕ-ИНВЕСТ ХОЛДИНГ ДООЕЛ Скопје“, основана во септември 2025 година. Во Централниот регистар како сопственик е заведена 21-годишната Ељма Беџети, а управител е нејзиниот брат, 19-годишниот Валон Беџети. Седиштето на фирмата се наоѓа во стан во сопственост на нивниот дедо, Беџет Беџети.

Иако Беџети во својот анкетен лист веќе има пријавено дел од имотот на своите деца, новооснованата компанија таму не фигурира. Од ДКСК потврдија дека по сопствена иницијатива отвориле предмет за проверка, потсетувајќи дека избраните и именуваните лица мора да пријават зголемување на имотот на своите семејства над вредност еквивалентна на 20 просечни плати, во рок од 30 дена.

Во изјава за Радио Слободна Европа, Блерим Беџети посочува дека неговите деца се полнолетни и живеат одвоено, но додава дека, доколку постои законска обврска, компанијата ќе биде пријавена. Истовремено вели дека, иако во документацијата стои градежна дејност, фирмата не планира да гради згради, без да прецизира со што конкретно ќе се занимава.

Основaчкиот капитал на компанијата, според регистарот, е внесен како непаричен влог од 5.000 евра, составен од предмети од домаќинство и техничка опрема, проценети од овластен проценител.

Случајот се развива во период кога против Беџети веќе се води постапка поврзана со изградба на објект во Сарај — процес што тој го оценува како политички мотивиран објави Скопје1.мк

Back to top button
Close