Градежништвото во 2022: Поништени тендери, високи трошоци, правна помош за над 1000 работници

Градежништвото, според бизнис заедницата, остава зад себе година со малку градежни активности, мал број нови и голем број поништени тендери, пораст на цените на енергенсите и на сите компоненти на градба. Во делот на работничките права, пак, според оценките на гранскиот синдикат, им била потребна и е дадена правна помош на над 1000 работници, а регистрирани се повреди на работно место при што 20 случаи се со фатални последици. Сето тоа проследено и со отворениот стечај во ДГ Бетон АД Скопје, една од трите најголеми градежни компании од осамостојувањето на државава до денес.

За поместување на состојбите бизнисот бара правна сигурност, непречено работење на реалниот сектор и реализација на инвестициските проекти, како и нов закон за градење, а синдикатот најавува борба за грански колективен договор. И натаму хроничен проблем со одливот на кадарот, како резултат на ниските примања. Според пресметките на СГИП, просечната плата на општ градежен работник изнесува 24.000 денари.

-Слаб интензитет на градежни активности, мал број нови постапки за доделување договори за јавни набавки, голем број поништени тендери, а со тоа изгубена можност за реализација, ја одбележаа работата во градежништвото и во високоградбата и во нискоградбата во годината што изминува, оценуваат за МИА од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Северна Македонија.

Растот на цената на енергенсите, енормните поскапувања на цените на градежните материјали и отежнатиот пристап до суровини во изминатиот период ги ставија во незавидна положба домашните градежни компании кои, потенцираат од Комората, во отсуство на мерки за поддршка на градежниот сектор, сами го понесоа товарот за справување со мулти кризата. Новите околности, надоврзани на претходните проблеми поврзани со недостаток на квалификуван кадар, ажурно администрирање на проектите и квалитетна регулатива, според комората, доведоа до значителен пад на градежништвото што се одразува и врз дваесетина други стопански гранки чиј ангажман го повлекува овој сектор.

Како што укажуваат, градежниот сектор се справуваше со една од најтешките години во последната декада, а градежните компании ги почувствуваа последиците од мулти кризата со силен интензитет.

Позитивна нула во вториот квартал, пад од 17,2 во првиот и од 9,1 процент во третиот

Податоците од почетокот на годината што измина покажуваат дека овој сектор регистрира значителен пад на годишна основа кој е најизразен во првиот квартал од 17, 2 проценти, по што следи незначителен раст од 0,2 проценти во вториот квартал, за во третиот квартал повторно да продолжи негативниот тренд со пад од 9,1 процент.

Негативните последици кои ги почувствуваа компаниите, се одразија и врз бројот на вработени кој, посочуваат од Комората, исто така бележи намалување. Сценариото, имајќи ги предвид овие податоци е песимистичко со оглед дека следи зимски период каде градежната активност е и онака намалена поради временските услови. -Единствено позитивно во 2022 година е стабилизирањето на цените на градежните репроматеријали и производи, со оглед дека после речиси три години неизвесност, компаниите ќе може да ги планираат своите деловни активности, велат од Комората.

Нивните очекувања се дека државата ќе се фокусира на градежништвото и ќе обезбеди поддршка на градежните компании преку интензивирање на јавно – приватниот дијалог и решавање на приоритетните прашања кои ќе овозможат поголема градежна активност, за што водејќи се и од компаративните позитивни искуства и примери, има конкретни предлози од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите.

-Се уште веруваме дека оваа стопанска гранка има сериозен потенцијал и може да биде движечка за раст на домашната економија, а мерките за поддршка би значеле не само спас на компаниите, туку и зачувување на работните места во дејноста, посочуваат од Комората.

За нови инвестиции се бараат со подобри услови со помалку административни пречки

Од Градежната комора при Стопанската комора на северозападна Македонија, ја карактеризираат 2022 како година што ќе се памети по огромниот пораст на цените на сите компоненти од градбата, а со тоа и на цените на становите.

-Овој драстичен пораст досега се нема забележано во последните 30 години, па мислам дека по ова ќе се памети најмногу оваа година што ја оставаме зад нас. Како најголем проблем кај градежниците при ваква ситуација е реализацијата на старите договори од претходниот период кога цените беа многу стабилни и имаше стабилна проекција без да се предвиди вакво драстично покачување на цените. Тоа доведува до големи проблеми во односите меѓу изведувачите и нарачателите, како и помеѓу инвеститорите и купувачите. Оваа појава е забележана и во високоградбите и во нискоградбите, го засегнува цел сектор, вели Салим Хасани, претседател на Градежната комора.

Хасани дополнува дека тој тренд продолжува во скоро сите аспекти, порастот на цените, како што истакнува, во голем дел од продуктите не застанува, квалификуваната работна сила континуирано се намалува, банките се порезервирани во поддршката на проекти, а и ги зголемуваат каматите.

-Ова значи дека уште ќе се покачуваат трошоците во целиот процес на градба, а тоа значи ќе има и поскапување на градежните продукти односно становите. Наша сугестија до сите релевантни фактори по процесот на градбата е во наредниот период што повеќе да се отвараат нови инвестиции со подобри услови за кредитирање и што помалку административни пречки за инвестициите. Ова сметам дека е најдобриот начин да се справиме со овој тежок период за сите. Тоа ќе значи и за нас како градежници и за граѓаните да имаат подобри понуди и поквалитетен живот, вели Хасани.

Оптимизам за капиталните инвестиции, но и правна сигурност и предвидлива деловна клима

Проекциите за капиталните инвестиции за следната година во износ од 800 милиони евра, според бизнис заедницата, се преоптимистички и нереални. Се надеваат дека планираните градежни активности на железничката инфраструктура од Коридорот 8 и патната инфраструктура на коридорите 8 и 10 ќе добијат на интензитет и ќе овозможат поголема реализација на зацртаните проекции.

Од Стопанската комора на Северна Македонија порачуваат дека освен оптимизам, неопходен е системски пристап за постигнување поголема реализација на капиталните инвестиции преку отстранување на административните пречки кои го кочат бизнисот, како и квалитетна регулатива од областа на градењето која нема да биде подложна на чести измени и дополнувања како досега.

-Искуствотото покажува дека на компаниите пред се им е неопходна предвидлива деловна клима и правна сигурност, наместо високи проекции за капиталните инвестиции каде речиси секогаш се јавува расчекор помеѓу планираните и реализираните, што покажуваат и податоците според кои, заклучно со 31 октомври 2022 година реализирани се само 42,1 процент од планираните капитални инвестиции, велат од Комората.

Во таа насока, сметаат дека за обезбедување правна сигурност, непречено работење на реалниот сектор, непрекината реализација на инвестициските проекти, како и надминување на честите законски измени и дополнувања, потребен е Закон за градење. Нов закон, како што објаснуваат, којшто соодветно ќе ја третира и уредува изградбата на објектите од сите сегменти на градежништвото (нискоградбата, високоградбата и хидроградбата), како основа ќе ја земе досегашната практика и преку анализа и согледување на проблемите на компаниите и пречките од административна природа ќе понуди решенија на проблемите и ќе ја уреди изградбата.

Правна заштита на 1000 градежни работници, 20 завршиле со фатални последици

Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија – СГИП во текот на 2022-ра година овозможил бесплатна правна заштита на над 1 000 работници.

-Имајќи ја во предвид лошата политика на Владата навистина многу малку средства се одвоија во проектирање и изградба на нови инфраструктурни објекти. За жал, и веќе отпочнатите работи не се довршија. Заборавивме дека носечки столб за БДП-то е токму секторот градежништво кое оваа година Владата во ниту една голема градежна компанија не го потврди тоа. За потсетување, една од трите најголеми градежни компании на сите времиња од осамостојувањето на Македонија до денес, ДГ Бетон АД Скопје пред неполни три месеци дозволи работниците да отворат постапка за стечај по неисплатени четири плати и придонеси за вработените. Како претставници на работниците и нивни заштитници застанавме во одбрана на правата од работен однос и ги сносивме сите судски трошоци, вештачења, итн, изјави за МИА Иван Пешевски, претседател на СГИП.

Како што посочува, во делот за безбедност и здравје при работа работодавачите повторно ставија многу мал акцент на работниците, па, наведува, се случуваа повреди на работните места, а преку 20 беа и со фатални последици само од секторот градежништво и индустрија за градежни материјали. Во делот на исплата на плата, додатоци на плата, регрес за годишен одмор и слични прашања од работен однос, СГИП преку Државниот трудов инспекторат поднесе преку 20 пријави кои покриваат околу 650 вработени. Може со сигурност да кажам дека во оние компании каде СГИП има членови прекршувањето на правата од работен однос беше незабележително, вели Пешевски.

СГИП во 2023 та година планира потпишување на грански колективен договор доколку има интерес од Здружението за градежништво при Организација на работодавачи, а како полноправна членка во Европската и Светската федерација за градежништво и Сојузот на синдикатите на Македонија најавува дека ќе се бори за унапредување на работничките права и потпишување нов општ колективен договор за приватниот сектор.

Секторот градежништво е неатрактивен за младите поради екстремно тешките и високо-ризични работни места наспроти ниските плати.

-Во моментов во секторот градежништво просечна плата на општ градежен работник е 24.000 денари наспроти инженерскиот кадар кој достигнува до 28.000 денари, но повторно не се ниту приближно до просечната плата во државата 32.508,оо денари. И пред концептот на Отворен BBалкан, голем дел од работната сила во државата си замина и продолжи да гради туѓи економии во високо развиените земји од Западна Европа каде платите на работниците изнесуваат над 2.000 евра месечно, а инженерите и над 4.000 евра месечно за исто работно време. Огромна грешка на моменталната власт е што ветуваа, а се уште не ја реализираа и нашата иницијатива од 2012-та година за воведување бенефициран стаж за градежните работници, каде Синдикатот направи целосна анализа за сите работни места кои се изложени на надворешни влијанија и имаат сами по себе висок степен на ризик, вели Пешевски.

Овие податоци, како што посочува, се од евиденцијата на СГИП, но целосната слика е со многу голем процент во црната економија особено во овој сектор за што претставниците на власта и тоа како треба да преземат одредени активности, бидејќи ќе се предизвика уште поголем одлив на работници. Државниот трудов инспекторат мора да ги зголеми своите капацитети за секојдневно следење на состојбите односно примена на Законите. Големите градежни компании поради слабиот инспекциски надзор се соочуваат со нелојална конкуренција која уште повеќе не осиромашува сите нас, а воедно и државата, посочува Пешевски.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, во октомври годинава се издадени 373 одобренија за градење, за 26,7 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година, со предвидена вредност од 14 404 949 000 денари, двојно повеќе во однос на истиот месец лани, а како резултат на издаденото одобрение за градење на пругата Бељаковце – Крива Паланка, кое е со вредност 9 534 439 000 денари. Половина од одобренијата се за објекти од високоградба, 34 проценти од нискоградба, а 16,4 проценти за објекти за реконструкција.
Месечната статистичка публикација на Државниот завод за статистика за септември годинава регистрира ангажман на 7963 работници во овој сектор со 1365 ефективни часови, а вредност на извршени работи 2 925 674 000 денари. Споредено со истиот месец лани се забалежува раст од 20,4 на индексот на извршени градежни работи, пад од 4,7 на ефективните часови, како и пад од 9,5 проценти на бројот на ангажирани градежни работници.
Домашната градежна оператива во првите три квартали од годинава регистрира договорена и извршена работа во странство во износ од 130 564 000 денари, за 21,6 проценти помалку во споредба со истиот период од претходната година. Извршената работа во странство изнесува 95 582 000 денари и бележи пад за 17,5 проценти во споредба со истиот период од претходната година. Нашите градежници во 2022 година биле присутни на пазарите во Германија, каде е извршената најмногу работа во износ од 78 518 000 денари, по што следат Бугарија со 9 188 000, Црна Гора со 7 016 000 и Хрватска со 860 000 денари.

Back to top button
Close