Градоначалниците отсега ќе може да се отповикуваат на референдум,
Предлог-измените на Законот за локална самоуправа денеска беа одобрени на владина седница и сега ќе бидат испратени во Собрание. Измените, меѓу другото, предвидуваат воведување на референдумско отповикување на градоначалници, формирање на комунална полиција и поголемо учество на граѓанскиот сектор во локалните одлуки.
Доколку Собранието ги усвои измените до летото, тие ќе важат за новоизбраните градоначалници по октомвриските локални избори. Според Владата, измените ќе донесат подобрувања во функционирањето на општините, зголемена транспарентност, граѓанско учество и поголема административна ефикасност.
Измените предвидуваат распишување референдум за отповикување на градоначалник, доколку 20 проценти од граѓаните тоа побараат. Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, истакна дека овие измени нема да важат ретроградно, што значи дека актуелните градоначалници не можат да бидат отповикани.