Градоначалник на Град Скопје

Почитувани читатели

Претстојните локални избори веќе земаат замав. Активно се работи на терен меѓу граѓаните, кои добро знаат дека партиите со своите кандидати за градоначалници и советници нудат програми и желби, но не и нивно остварување во реалноста.

Повеќето од кандидатите за градоначалници и советници се луѓе кои што прв пат се кандидираат за влез во Советот на општините и на функцијата градоначалник. Истите за прв пат ќе се сретнат со функционирањето на локалната самоуправа бидејќи за оваа област на функционирање не постои ниту школо, ниту факултет, туку искуство и знаење коешто луѓето го носат во себе. Уште поважно, кога ќе пристапат на тие функции ќе мораат да се соочат со реалната финансиска состојба.

Се ветуваат ,,брда и долини” без покритие. Материјални средства во касата нема.

Ова го пишувам од лично искуство, како поранешен градоначалник на Скопје. Во времето кога ја преземав функцијата Градоначалник на Град Скопје во 2005 година, буџетот на Град Скопје беше 32 милиони евра, а вкупниот долг кон фирмите, на кои што Град Скопје им должеше, беше 28 милиони евра. Долгот, наследен од мојот претходник, го плаќав полни 2 години. Успеав од изведувачите да симнам 4 милиони евра побарување, бидејќи истите се откажаа за овој износ. Причините за откажувањето не беа во мои ингеренции, но беше многу јасно дека во нив има многу криминал.

Не бев одговорен да гонам криминал, туку да го штитам интересот на граѓаните во Град Скопје. Институциите на системот за прогон, кои тогаш беа на власт, помалку или повеќе се идентични со денешниве, бидејќи и ден денес криминалот и корупција во Македонија владеат во сите сфери на општеството.

 

Многу мои познати и непознати скопјани ме убедуваат да се кандидирам за градоначалник на Град Скопје. Ако се прашувате зошто, би ви одговорил дека во последните години на мојот мандат немаше ниту еден вработен во јавните претпријатија и администрацијата на Град Скопје, кој не беше задоволен од мојот однос да го решам нивниот статусен проблем за целосна функционалност на работните места каде што работат како и материјално да бидат обезбедени преку личен доход и награди.

За време на мојот мандат како градоначалник, немам добиено никаква финансиска помош ниту од Владата ниту од било која европска асоцијација. Бев домаќин. Оставив цели 8 милиони евра на мојот наследник со цел да се отпочне проектот ,,Трамвај”. Денес,16 години по заминување од позиција градоначалник на Град Скопје, од проектот Трамвај нема ништо.

Убеден сум дека и денес, синдикалните организации во јавните претпријатија силно ќе ме подржат, бидејќи да се биде татко на градот е одговорност пред граѓаните на град Скопје. Тоа подразбира да се обезбеди максимален достоинствен и урбан живот. Секој вработен во администрацијата и јавните претпријатија мора да биде стимулиран за да биде вистински сервис на граѓаните.

Размислувам дали да се кандидирам? Свесен сум дека ќе се соочам со нечесни, заткулисни игри креирани од валканите кујни на најголемите партии. Со еден збор, политичките партии како да имаат механизми за убивање на патриотизмот кој ние, обичните непартиски луѓе го носиме во себе. Убеден сум дека како слободни и независни граѓани можеме да понудиме многу повеќе отколку кандидатите кои се предлагани од партиите. Држејќи се до партискиот систем, како мало дете за здолништето на мајка си, сите ние губиме и како граѓани и како држава.

Ние, независните кандидати, имаме многу поголемо искуство и знаење како да ги водиме општините со сиот свој минат труд и кредибилитет, коишто нѐ поттикнуваат уште поодговорно да им се посветиме на граѓаните, во споредба со партиските кандидатите кои се првенствено посветени на партијата и нивниот лидер, а на крајот на граѓаните од чија поддршка зависат .

Овој мој став го споделувам со јавноста само со една цел, да се разбуди на време секој поединец и да не спие додека неговиот живот зависи од луѓето поставени на високи и одговорни позиции.

Секоја грешка на граѓаните во изборот на високи функционери, сериозно ја плаќаме.

Мора да созрееме и да избереме личности кои зад себе имаат знаење, искуство и чесност. Треба да избереме луѓе кои ќе ги препознаеме по нивните дела, а не по нивниот искажан збор кој честопати е само збор, празно ветување и лага.

Сакам да го охрабрам кандидирањето на независните кандидати на локалните избори за советници и градоначалници. Убеден сум дека многумина од нив ќе можат вистински да одговорат на функциите доколку бидат избрани.

Во мракот кој владее во Македонија, поради политичките партии, сакам да ги охрабрам моите сограѓани непартијци, да не се повлекуваат поради партиското владеење со државата и притисокот кој истите го прават.

Масовноста на независните кандидати треба да ги освести политичките партии дека се погрешно поставени. Доколку се гради плурализмот во нашата држава, политичките партии мора да се ресетираат и репрограмираат во функции за подобар живот на граѓаните во Република Македонија.

РАЗБУДИ СЕ МОЈ НАРОДЕ на време, Прометејски, ,,за однапред” што би рекол Мисирков, затоа што задоцнетото будење нѐ става во функција на ,,отпосле”.

Tрифун Костовски

Back to top button
Close