Градоначалникот Мерко денеска ќе ја чуе пресудата по предметот со назначувањето директори во училишта во три струшки села
Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, денеска ќе ја чуе пресудата по предметот што против него се водеше пред Основниот суд во Струга, во кој тој беше обвинет за „несовесно работење во службата“ и нерегуларности при назначување вршители на должноста директори на основни училишта во струшките села Лабуништа, Радолишта и Подгорци.
Судијата Јордан Јованов, кој го водеше предметот на вчерашното рочиште на кое беа изведени завршните зборови на преставниците на Основното јавно обвинителство и на застапникот на одбраната, најави дека пресудата по предметот ќе ја соопшти денеска, откако темелно ќе ги прочита и оцени уште еднаш завршните излагања на двете страни.
На вчерашното рочиште јавните обвинители Ванеса Бизати Билјали и Џемал Лога во завршните зборови посочија дека обвинетиот во својство на градоначалник несомнено во повеќе наврати постапил спротивно позитивните законски прописи и овластувања, со именување на функцијата вршител директор лица кои не ги исполнувале условите. Мерко, според нив, назначувал в.д директори без одлука на училишните одбори, без објавен оглас, несовесно постапувал и при употребата на неговите дискрециони овластувања како градоначалник, со што бил нарушен, меѓу другото, и процесот на функционирање на образовните установи.
Застапникот на одбраната, адвокатот Игор Петковски, во завршниот збор истакна дека обвинителството во процесот не успеало да докаже вина на обвинетиот, со забелешки за неиздржаност на обвинението во повеќе аспекти.
Тој истакна дека од изведените докази во главната расправа несомено не е утврдена намера кај обвинетиот за прибавување некаква корист за друг или нанесување штета, туку да се овозможи непречена работа на училиштата. Притоа тој рече дека посочувајќи недоследности во доказниот материјал, дека градоначалникот не е единствен правен субјект кој има дискреционо овластување, што само по себе веќе на тој начин не е дискреционо право.
Истовремено одбраната меѓу другото укажа на спротивставени мислења изнесени во изјавите на вештите лица од економска струка, кои како што беше посочено дијаметрално се разликуваат во мислењата за тоа од каде се исплаќани платите за односните вд директори, дали од сметката на училиштата или преку блок дотации што се наменски средства обезбедени преку буџетот на Општината.
Против Рамиз Мерко пред Основниот суд во Струга се водат уште два одвоени предмети по обвинение за назначување директор во училиштето „Браќа Миладиновци“ што е во завршна фаза, а разврската се очекува наредниот месец. За наредниот месец судијата Јованов го закажа и рочиштето по предметот за училиштето во селото Велешта, каде има и обвинети што се товарат и за фалсификување исправа, на кое останува да се сослуша уште само еден сведок. Против Мерко се води и процес во кој тој е обвинет за незаконско поставување спомен-обележје пред општинската зграда.
Судот во Струга пред десетина дена седмици донесе ослободителна пресуда по предметот што против Мерко се водеше за набавката на луксузно возило за потребите на Општината.