Градоначалникот на Битола само во недвижен имот „тежи“ над 600 илјади евра
На 12 ноември, 2025 година, официјално завршија локалните избори по кои околу 80 општини добија старо-нови градоначалници. ВМРО-ДПМНЕ ја заокружи апсолутната власт и нивните кандидати се зацементираа на фотелјите за уште еден мандат, односно во следните четири години.

Тоа што ги обврзува старо-новите градоначалници е по 30 дена откако ќе ги запоседнат фотелјите да поднесат или да ги ажурираат анкетните листови во Антикорупциската комисија. Меѓутоа, веќе е позната праксата на непрофесионално и паушално пополнување на анкетните листови за имотната состојба. Ваквото однесување само претставува потценување на законските обврски и грубо поткопување на транспарентноста на јавните функции.
Работите одат до таму што некои од нив не пријавуваат ниту живеалиште на нивно лично име, но ни на име на сопругата и сопругот, ниту, пак, на нивните родители. Како да не живеат никаде. Сѐ што може да се стави под тепих, се става.
Тоа што е специфично за повеќето од нив е што, иако сите знаат со колкаво богатство располагаат, сепак во Антикорупциска комисија пријавуваат скромни анкетни листови, со по некое станче од 40 до 50 квадратни метри, по една нива, автомобил… Се водат според познатата, „скромноста е доблест“.
Нов имотен лист поднел и старо-новиот градоначалник на Битола, Тони Коњановски, па според тоа што може да се забележи во анкетниот лист, тој е еден од најбогатите градоначалници.
Во стариот анкетен лист, Коњановски заедно со својата сопруга поседуваат две градежни земјишта со површина од 151 квадратен метар во Охрид и 731 квадратен метар во Битола. Исто така, заедно имаат два двора и згради во останато стопанство, неколку земјоделски земјишта во Охрид и Ресен со вкупна квадратура над 20.000 квадратни метри.
Потоа, тука се и двете куќи од 211 и 347 квадратни метри, како и две лозја од 1.769 и 2.712 квадратни метри и шума од 521 квадратен метар, кои се во Охрид. Но, тука не завршува сè. Тој како негов личен имот поседува и градежно земјиште од 285 квадратни метри во Битола, земјоделско земјиште од 1.177 квадратни метри во Ресен, како и две огромни куќа во Битола и стан во Охрид. Недвижен имот, кој не се добројува. И, тоа што е најинтересно, сево ова е стекнато преку наследство и договор за подарок во периодот 2019/2020 година. Ништо не е поразличен и новиот имотен лист во кој сега се ставени цените на сè што поседува како недвижен имот, и тоа во вкупна вредност од речиси 610.000 евра






