Градоначалникот на Чучер Сандево: Едно лице побара лекарска помош поради вдишување на чад, а изгореа и неколку викендички

Пожарот што веќе трет ден беснее на подрачјето на општина Чучер Сандево предизвика сериозна материјална штета и опасни услови за жителите. Градоначалникот Сашко Комненовиќ посочува дека досега се опожарени седум викенд-куќи на местото викано Голиово, а едно лице побарало лекарска помош поради вдишување чад.

Контра изјавата на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој за медиумите тврдеше дека нема опожарени објекти и дека манастирот Свети Никита не бил во опасност, Комненовиќ дава сосема различни информации.

„Директорот не знае што зборува. Јас сум тука трет ден, дома не сум појден, имаме седум опожарени викенд-куќи и на место викано Голиово. Манастирот Свети Никита во моментов не е во опасност. Имаме противпожарно возило кај него, имаме луѓе од граѓаните кои живеат во непосредна близина, но во текот на вчерашниот ден беше во опасна состојба, беше многу блиску пожарот до самиот манастир. Пред два часа имавме пожар во Кучевиште, го локализираме и се сомневаме дека е подметнат. За воените возила гледав и слушав од медиумите, искрено незнам како функционираат, видов неколку тука“, вели Комненовиќ.

 

Според него, иако на терен има пожарникари, непристапниот терен ја отежнува интервенцијата.

„Доброволци има на терен многу, сè што е здраво, живо и подвижно гаси. Пожарот во моментов е активен, го држиме под контрола, но како ќе се зголемуваат температурите можно е да се зголеми интензитетот на пожарот“, додаде градоначалникот.

Општина Чучер Сандево веќе тридена се соочува со пожари на повеќе локации, додека жителите, пожарникарите и волонтерите вложуваат напори да спречат ширење на огнот, особено во услови на високи температури и тешко пристапни терени.

Back to top button
Close